Путин официјално објави почеток на изградбата на два универзални десантни брода од класата 23900

Wikipedia
Во прашање се бродови кои ќе можат да носат и до 20 тешки хеликоптери Ка-27, Ка-29 и ударни Ка-52К, како и да транспортираат до 900 војници на морнаричката пешадија со комплетна опрема и вооружување. Се работи за современи технолошки решенија кои ќе бидат употребени и за други проекти со цел значително зголемување на борбените можности на руската воена морнарица.

Двата нови универзални десантни бродови-носачи на хеликоптери официјално почнаа да се градат во бродоградежната компанија „Залив“ во градот Керч. На церемонија организирана по тој повод присуствуваше и рускиот претседател Владимир Путин, пренесува веб-порталот ТАСС.

„Денеска во трите најголеми бродоградежни фабрики во Русија ја започнавме изградбата на шест нови пловила за подалечната морска зона (бродови кои можат да оперираат далеку од руските граници). Во овој момент во Керч почнаа да се градат два универзални десантни брода, во Санкт Петербург („Севернаја верф“) две фрегати, и во Северодвинск („Севмашпретпријатие) две нуклеарни подморници“, истакна рускиот претседател.

Притоа тој изјави дека првите два универзални десантни бродови од класата 23900 ќе ги носат имињата „Иван Рогов“ и „Митрофан Москаленко“.

„Според утврдената традиција, универзалните десантни бродови и ракетните фрегати од новата генерација ќе ги носат имињата на прославените руски команданти кои својот живот го вградија во јакнењето на руската воена морнарица. Тоа се „Иван Рогов“, „Митрофан Москаленко“, „Адмирал Јумашев“ и „Адмирал Спиридонов“, рече Владимир Путин.

Русија има намера да продолжи со изградба универзални десантни бродови-носачи на хеликоптери, меѓутоа таа одлука зависи од искуствата кои ќе бидат собрани во текот на нивната експлоатација, истакна рускиот претседател при разговорот со професионалниот кадар на бродоградежниот завод „Залив“.

 „Да, планираме да одиме понатаму со нивната изградба, но за тоа се неопходни резултати од нивната практична примена“, рече рускиот претседател одговарајќи на прашањето за плановите за понатамошна изградба на пловила од оваа класа.

Рускиот претседател нагласи дека се работи за планови кои во оваа форма се градат за првпат, како и дека и понатаму се одвиваат интензивни програми на различни тестирања, конструкциски подобрувања на бродот, изработка на детални студии кои треба да го предвидат квалитетот на нивната експлоатација во единиците на руската воена морнарица и сл. Во секој случај, се работи за современи решенија кои освен конкретно овие бродови ќе бидат применети и на други проекти за понатамошниот развој на руската флота.  

Почетокот на изградбата на универзалните десантни бродови од класата 23900 првично беше планирана за 29 јуни оваа година. Како што пренесе веб-порталот ТАСС консултирајќи се со неименувани извори од рускиот военоиндустриски комплекс, Министерството за одбрана на Руската Федерација потпишало договор за изградба на два универзални десантни брода-носачи на хеликоптери за сума од околу 100 милијарди руски рубли. Претпоставката е дека бродовите од класата 23900 ќе имаат депласман од 25 илјади тони и дека нивната должина ќе достигнува 220 метри. Еден брод од оваа класа ќе може да носи 2 ескадрили тешки хеликоптери (до 20 единици Ка-52К, Ка-27 и Ка-29) и да превезува 900 војници на морнаричката пешадија. СССР не конструираше пловила од ваков тип.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња