Дали Lada 4x4 ќе се склопува во Германија?

Lada.ru
Помала серија руски теренци може да биде склопена во Магдебург.

Група ентузијасти смисли како да го врати моделот Lada 4x4 на европскиот пазар по запрените испораки во текот на ова лето. Како што соопштува магазинот „Автоброкер“, Европејците намераваат да организираат во Германија склопување на помала серија руски теренци.

Идејата во странство да се подготви склопување на рускиот модел на новинарите им ја соопшти Јуриј Постников, познат по проектот Partisan motors. Според него, група дизајнери и инженери „веќе ги направи сите потребни истражувања и постигна договор со партнерите на пазарот и властите во врска со организирањето производство на мали серии во Магдебург“. Таму ќе се склопува теренското возило со три врати.

Во погоните на магдебуршкото претпријатие ќе може да се организира и склопување на теренци врз база на моделот Lada 4х4 но со поинаква каросерија, како и на возила за авто-рели и за аматерски турнири на теренски возила.

Во проектот покрај Постников ќе учествуваат и главниот дизајнер на проектот ВАЗ-2110 Владимир Јарцев, кој сега води сопствено дизајнерско биро во Европа, Владимир Петров, инженер и автор на неколку проекти во сферата на електричниот, автомобилскиот и водниот сообраќај, Александар Романов, инженер и раководител за производство на дизел-варијантата на Lada 4х4 во подмосковскиот град Чехов и други.

На почетокот на летото официјално беше објавено дека „АвтоВАЗ“ го напушта европскиот пазар и ја запира испораката на возила Lada 4x4 и други модели. На тоа реагираа поклониците на руските теренци во странство. Најпрвин жителот на Малта Освалд Галеа организираше петиција со барање 4x4 да се врати во Европа. Потоа раководителот на германската компанија Lada Deutschland Дитер Трзаска организираше собирање потписи со истото барање. Документот беше испратен до „АвтоВАЗ“, како и до алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi во која е и рускиот производител, како и до Министерството за економски разој и амбасадата на Руската Федерација.  

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња