Инвазија на џиновски мекотели: Кинески школки ја заразија и освоија Волга

Hirase/CC BY-SA 3.0
Школки од Кина со големина на чинија за супа го освоија екосистемот на долниот тек на реката Волга. „Туѓинците“ ги потиснуваат локалните безрбетници, предизвикувајќи промени во биолошкиот диверзитет и намалени количини храна за рибите кои живеат во Волга.

Биолозите на Федералниот истражувачки центар за комплексно проучување на Арктикот „Н. П. Лавјоров“ на Уралското одделение на Руската академија на науки (Архангелск) открија присуство на кинески школки од родот синанодонта (научните називи се Sinanodonta lauta и Sinanodonta woodiana), несвојствени за руските реки, соопшти прес-службата на Министерството за образование и наука на Русија.

Тоа се џиновски мекотели. Нивните куќички можат да бидат со големина на чинија за супа (20-25 сантиметри во пречник). Инвазијата е потврдена во текот на експедициите 2017-2019 и анализите на собраните материјали.

Слатководните школки од родот синанодонта со пречник до 25 сантиметри ги користат рибите за репродукција и ширење на своите ларви, така што ги прицврстуваат за крлушките и телата на жителите на реките. Тоа доведува до асфиксија на рибниот подмладок и влошување на општата состојба на возрасните риби.

Освен тоа, „туѓинците“ ги потиснуваат локалните безрбетници, предизвикувајќи промени во биолошкиот диверзитет и намалени количини храна за рибите кои живеат во Волга.

Научниците исто така открија локални жаришта на овие видови школки во реките Об и Енисеј. Не се знае колку рибници во Русија се во моментов заразени со овие мекотели, но веројатно се работи за неколку десетици.

Овие видови школки кои се нови за руските слатководни екосистеми веројатно дошле од Казахстан заедно со подмладокот на рибите од претпријатијата кои се занимаваат со нивно одгледување.

Архангелските научници собраа генетски материјал кој потврдува дека школките пристигнале во Казахстан од Кина и тоа: Sinanodonta woodiana од басенот на реката Јангцекјанг, а Sinanodonta lauta од Сунгари, кинеската притока на Амур.

Во 2019 година овие големи далекоисточни школки се пронајдени и во Волга. Анализата на староста на собраните единки според годишните прстени на раст покажува дека инвазијата во реката веројатно почнала во првата половина на првата деценија на 21 век. Додека во Енисеј и Об овие школки населуваат само некои делови на реките во кои температурата ја крева термоцентрала, во Волга тие се прилагодиле на природните услови и се размножиле во огромни количини. Денес долниот тек на реката Волга е преполн со џиновски несвојствени мекотели кои, тврдат научниците, практично е невозможно да се отстранат од екосистемот.

Со оглед на тоа дека во долниот тек на реката Волга „кинеските доселеници“ се прилагодиле и се наоѓаат насекаде, веројатно е дека и рибата во Волга е исто така масовно погодена.  

Потребно е неодложно да се провери максималниот број на рибници и водни басени на Русија за да се утврдат вистинските размери на оваа инвазија. Тоа ќе овозможи воведување програма со мерки за намалување на негативните последици за економијата и екосистемот на нашата земја, сметаат руските научници.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња