Со што војуваат руските специјалци во Сирија: Модернизиран краток „Калашников“ и руска „Зоља“ (ФОТО)

Евгениј Кељ
Припадниците на руските специјални единици кои дејствуваат во Сирија стекнаа огромно борбено искуство. Нивната употреба беше прилично видлива во текот на специјалните акции за заседа со цел ликвидација на терористичките единици во поблиската длабочина на фронтот, но и за наведување на високопрецизни воздухопловни и артилериски убојни средства кои непогрешливо ги погодуваа зафатените мети.

На фотографијата се гледа припадник на рускиот спецназ (ССО) наоружан со автоматска пушка АК-104 и рачен ракетен фрлач РПГ-26 „Аглењ“, кој спаѓа во истата категорија оружја попознати како М-80 „Зоља“.

За разлика од југословенскиот/српски аналог, РПГ-26 „Аглењ“ се одликува со значително помали габарити. Имено, во борбена позиција „Аглењ“ е пократок за речиси 430 мм во однос на „Зоља“. Што се однесува до масата, фрлачите се приближно исти (РПГ-26 „Аглењ“ е за 0,1 кг потежок од „Зоља“). Ова е последица на поголемиот калибар на советското/руско оружје. Реактивната граната со калибар 72,5 мм е за речиси половина килограм потешка од гранатата што ја користи „Зоља“.

Ефективниот дострел на РПГ-26 „Аглењ“ за мета со големина од 2 квадратни метри изнесува до 180 метри. Кумулативната боева глава истрелана од овој фрлач може да пробие и до 440 мм хомогена челична плоча под агол од 60 степени, што е значително повеќе отколку кај фрлачот М-80 „Зоља“. Почетната брзина на гранатата при излегувањето од цевката изнесува 144 м/сек.

Важно е да се истакне дека РПГ-26 „Аглењ“ има двојна функција, т.е. фрлачот може повторно да се врати во маршевска позиција откако ќе биде подготвен за гаѓање (нишанџијата се откажал од дејство).

Автоматска пушка АК-104 претставува индивидуално оружје на стандардните и специјалните единици на руската армија. За разлика од автоматската пушка со ознака АК-103, овој модел е покомпактен (пократок) и има карактеристичен компензатор на врвот на цевката.

АК-104 поседува преклопен кундак кој овозможува удобно носење на пушката при марш, превоз во транспортно-борбени средства, десантни операции. Борецот вооружен со оваа пушка може ефикасно да дејствува по непријателот во ситуации кога кундакот е преклопен.

При конструкцијата на оружјето се применети современи материјали. Добар дел на пушката е направен од специјални пластични материјали со висока издржливост и цврстина. Примената на заштитни премази му овозможува на оружјето високо ниво на отпорност на корозивни дејства. На пушката се наоѓа страничен носач кој овозможува да се закачат оптички нишани.  

АК-104 користи куршум со калибар 7,62х39 мм. Капацитетот на рамката е 30 куршуми (може да користи и барабани како на сликата со многу поголем спремник за муницијата). Реалната (борбената) брзина на стрелба е околу 100 куршуми во минута (рафален режим на работа), и околу 40 куршуми во минута (единечна стрелба). Максималната (теоретска) брзина на стрелба е 600 куршуми во минута. Брзината кај устата на цевката е 670 м/сек. За мета со висина од 50 см ефективниот дострел на АК-104 е 300 метри.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња