Почна производството на нова пушка која ќе го зголеми борбениот квалитет на руските специјални сили

Слободан Ѓукиќ
Се работи за оружје што е многу прецизно при дејство и ергономски исклучително добро решено. Неговата примена е индицирана во единиците на ВДВ и специјалните единици на руската армија (Спецназ).

АЕК-971 е руска автоматска пушка произведена во Ковровскиот машински завод, а на нејзиниот развој работеше конструкторот Станислав Иванович Кокшаров. Развиена е врз база на автоматот од системот на Константинов (СА-006) од 1974 година.

При објавувањето на конкурсот за создавање нова генерација стрелечко оружје за потребите на советската армија, распишан при крајот на 70-тите години од минатиот век, почнува и развојот на новата автоматска пушка АЕК-971. Во трката за нова пушка учествува уште и конструкцијата на Никонов (АН-94), која победува на одржаниот конкурс. Меѓутоа, и покрај „поразот“ (условно кажано), главниот конструктор на АЕК-971 не се откажува, туку и понатаму работи на нејзин развој.

На почетокот на 90-тите години на минатиот век се комплетира помала количина на усовршената верзија на автоматската пушка АЕК-971, која е произведена во мошне мала серија. По деценија и половина чекање, овие пушки конечно влегуваат во програмата за тестирање за потребите на специјалните единици на РФ. Од 2006 година производството се сели во фабриката „Дегтарјев“. Меѓутоа, за помасовно производство на оваа пушка постои еден сериозен проблем. Тој се однесува на неопходноста од мошне големо вложување во техничките капацитети на оваа фабрика (производствената линија). Вакво нешто не беше исплатливо без конечна одлука на Министерството за одбрана на Руската Федерација за усвојување на оваа пушка во вооружувањето на руската армија, како и одвојување значителни финансиски средства за целата програма.  

Самата пушка е во тесна врска со развојот на борбено-тактичката опрема „Ратник“ која треба да создаде нови борбени можности за рускиот пешадинец.

АЕК-971 е направена како класична автоматска пушка која визуелно потсетува на познатата јуришна пушка АК-47. Меѓутоа, освен системот за позајмица на барутните гасови секоја понатамошна сличност со АК-47 престанува. За да се зголеми прецизноста на пушката конструкторот осмисли полуавтоматски систем за балансирање. Нешто слично можеше да се види и кај подоцнежните модели на автоматските пушки мод. АК-107 и 108.

Како што рековме претходно, оваа пушка загуби на конкурсот од АН-94, меѓутоа предноста на АЕК се рефлектираше првенствено во поедноставната конструкција, поевтината изработка, како и тежината, која е околу 0,5 кг помала во однос на АН-94. Сето тоа влијаеше руската војска да се откаже од конструкцијата на АН-94 и да се определи за АЕК-971.

Прецизноста на АЕК во однос на АК-74 е зголемена за околу 15-20%. Карактеристично за оваа конструкција е тоа што сандакот на пушката, со пиштолски ракофат, е направен од пластика од еден дел, што е голема разлика во однос на пушките „Калашников“, изработени од пресуван лим (освен ракофатот, се разбира). Селекторот на огнот е поставен од двете страни и може да се активира со палецот на двете раце во зависност од тоа дали стрелецот е леворак или деснорак. Тој има три позиции: единечна стрелба, рафал од три куршума и автоматска стрелба. Темпото на гаѓање беше исклучително големо (1500 куршуми  во минута кај првите модели на пушката). Кај модифицираните верзии на оружјето (А-545) оваа карактеристика е лимитирана на 800-900 куршуми во минута.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња