Согласно известувањето на информативната служба на претседателот на Киргизија, Соронбај Женбеков го потпиша законот „За ратификација на протоколот за измена и дополнување на Спогодбата за статусот и условите на употреба на здружените сили на руската армија што се наоѓаат на територијата на Киргизија“. Со овој протокол Русија дојде до можност да земе во закуп дополнителна површина земја, пренесува веб-порталот inosmi.ru.
Во протоколот се нагласува дека согласно спогодбата потпишана меѓу двете држави на 20 септември 2012 година, земјишната површина што ја користи руската армија (закуп) се состои од 866,2 хектари. Со прецизната пресметка што беше подоцна направена, се дојде до заклучок дека Русија всушност изнајмува простор со површина од 924,52 хектари, што е за речиси 60 хектари повеќе од она што е регулирано со Спогодбата од 2012 година.
По стапувањето на сила на новиот закон што се однесува на оваа тема, Русија ќе ги регулира со својот партнер сите долгови за закуп на тие дополнителни 60 хектари, кои настанаа во периодот 2012-2020. Покрај тоа, во план е и реконструкција на пистата што киргиската и руската армија ќе ја користат заедно, како и распоредување на дополнителни борбени ефективи во оваа база, како што е група беспилотни летала.
Процените се дека висината на закупот врз основа на проширувањето на површината за распоредување на руската база ќе биде зголемена за 300 илјади американски долари на месечно ниво. Киргизија врз основа на договорот потпишан 2012 година ја продолжи временската рамка за употреба на руската воена база на територијата на оваа држава, сé до 2032 година.
Во октомври 2003 година руската армија изгради воена база непосредно до градот Кант, кој се наоѓа во близина на главниот град Бишкек (20 км оддалеченост). Оваа база во својата основа е со воздухопловна намена, затоа што од првиот ден на нејзиното отворање тука првенствено се наоѓаа ловечко-бомбардерски единици кои дејствуваа во рамките на Заедничките сили за брза реакција на Централно-Азискиот регион (формат кој е дел од Организацијата на Договорот за колективна безбедност – ОДКБ).
На територијата на воената база се наоѓаат околу илјада војници. Од борбена техника тука има јуришници Су-25 и борбено-транспортни хеликоптери Ми-8.
Покрај воздухопловната база во близина на градот Кант, на територијата на Киргизија се наоѓаат и други воени објекти. Така, на езерото Исик-Куљ се наоѓа опитна воена база која се наоѓа под јурисдикција на флотата воени бродови од Чујската област, како и радио-сеизмичка лабораторија во Џалал-Абадската област.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче