„Супер-Сухој“ ќе полета за две години. Тестирањето на првиот модернизиран ловец од петтата генерација ќе започне во 2022 година. Официјалниот назив на модернизираното летало го носи името „Су-57 втора етапа“. Меѓутоа, војската и воздухопловно-техничкиот персонал веќе му го дадоа прекарот „Супер-Сухој“. Покрај интеграцијата на новиот мотор, модернизираниот „Супер-Сухој“ ќе биде опремен со пакет современа авионика и со дополнителни системи од новата генерација. Завршувањето на опитно-конструкторската фаза е планирано за крајот на 2024 година, кога се очекува преминување на производство на напредна верзија на повеќенаменскиот ловец Су-57. Етапното усовршување на сложените борбени машини како што се борбените авиони е вообичаена практика во Русија, но и во странство, сметаат експертите.
Иако сè уште не влегол во оперативното вооружување на руската армија, за су-57 е креиран пакет на сеопфатен „апгрејд“. Министерството за одбрана ги утврди роковите и техничките барања кои се однесуваат на унапредувањето на ловецот од „втората етапа“, велат за Интернет-порталот Известија доброинформирани извори од рускиот воено-индустриски комплекс. Техничкиот облик на модернизираното летало е веќе определен, а основната задача на воздухопловните конструктори е негово комплетирање и подготовка за тестирање во планираните рокови. Вкупно гледајќи, длабокомодернизираниот ловец од петтата генерација според своите техничко-тактички параметри во голема мера ќе ја надмине својата базична верзија, велат за овој руски медиум извори од воено-индустрискиот комплекс.
Државниот договор кој се однесува на активацијата на опитно-конструкторската работа со кодно име „Мегаполис“ (проект за севкупно унапредување на базичното летало Су-57) потпишан е меѓу руското Министерство на одбрана и компанијата ПАО Сухој на 29 октомври 2018 година. Согласно роковите со кои е запознаена новинската редакција на медиумот Известија, првото полетување на прототипот на длабокомодернизираната варијанта на Су-57 („Супер-Сухој“) е планирана за средината на 2022 година, додека комплетната опитно-конструкторска работа ќе биде завршена до крајот на 2024 година.
На почетокот на јуни воздухопловната компанија Сухој во рамките на проектот „Мегаполис“ потпиша договор за изработка на техничка документација во која ќе биде наведена процената на потенцијалот за модернизација на повеќенаменскиот ловец Су-57. Како што неодамна изјави началникот на Генералштабот на руската армија генералот Валериј Герасимов, во 2019 година ловечките авиони од петтата генерација ја имаа својата борбена мисија во Сирија, каде успешно ги реализираа сите поставени задачи.
Една од клучните точки на проектот за модернизација на Су-57 „Мегаполис“ е интеграција на нов мотор со зголемена сила на унапредените борбени летала. Во овој момент овие авиони се опремуваат со постарите мотори од првата етапа АЛ-41Ф1. На перспективниот мотор од новата етапа кој го носи името „изделие 30“ работат воздухопловните инженери на компанијата „ОДК – Уфимское моторостроитељное производственое обединение“.
Пред извесно време претставниците на „Обедињонаја двигатељнаја корпорација“ (ОДК) истакнаа дека новиот мотор ќе биде на мошне повисоко технолошко ниво од досегашните авионски мотори кои ги произведува руската воена индустрија, Овие мотори на модернизираната варијанта на ловецот Су-57 и на самиот проект „Мегаполис“ ќе му дадат сосема нови можности. Конкретно, новиот мотор ќе создаде услови за генерирање на мошне поголем потисок отколку со АЛ-41Ф1. Ова на „Супер-Сухој“ ќе му овозможи достигнување суперсонична брзина без „форсаж“ (дополнително согорување). Исто така, самиот мотор конструкциски ќе биде подобро решен, што ќе му обезбеди подобрување на експлоатациските карактеристики, односно продолжување на неговите употребни ресурси. Плазмениот систем на согорување ќе ја подобри ефикасноста на употребата на авионското гориво.
Во рамките на конструкциската работа ќе бидат направени околу 20 прототипи мотори од втората етапа „изделие 30“ кои ќе се тестираат на земја и во воздух. На почетокот на оваа година стана познато дека овие мотори веќе се тестираат на специјалните експериментални авиони кои се познати како „летачки лаборатории“. Првата фотографија од полетувањето на ловечкиот авион од петтата генерација Су-57 на кој се виде експериментална верзија на новиот мотор, се појави во март минатата година. На него се гледа карактеристичниот „запчест“ изглед на моторот со управлив вектор на потисок, кој има функција на намалување на радарската видливост на авионот.
Според заменик-министерот за одбрана Алексеј Криворучка, модернизираните 57-ки со новите мотори ќе почнат да се набавуваат кон средината на оваа деценија. До овој период се планира производство на неколку десетици авиони кои ќе бидат опремени со стари мотори АЛ-41Ф1.
Во овој момент се завршува тестирањето на подсериските летала Су-57. Договорот за првиот контингент кој ќе изнесува 76 апарати е потпишан со руското Министерство за одбрана на Меѓународниот саем за вооружување и воена техника „Армија-2019“. Неговата целокупна реализација се очекува да крајот на 2027 година. Потпишувањето на овој договор овозможи значајно намалување на цената за секој поединечен авион.
Су-58 е опремен со најсовремената опрема која се вградува во борбените авиони од новата генерација. Генерално, нема да има некои капитални промени кои се однесуваат на конструкцијата на самиот авион. Ова за руските медиуми го изјави рускиот пробен пилот, полковник Игор Малинков. Според него развојот на најновите модификации на авионот се прави врз неговата базична верзија која сè уште не е во целост завршена, така што производителот во од ќе го започне комплетирањето на модернизираниот авион, без да троши скапоцено време.
„Ова е логичен процес“, вели експертот за Интернет-порталот „Известија“. „Иста ваква историја имавме и со бомбардерот Су-34 кој беше тестиран мошне долго време. Во меѓувреме се појави нова електроника, мошне покомпактни елементи, унапредени системи за вооружување. Ваквиот процес можеме да го видиме и кај Американците. Тие сè уште го немаат довршено својот F-35 кој практично се „апгрејдира“ секоја година и создаваат нови модификации на авионот“, заклучува рускиот пилот.
Како што неодамна беше објавено, еден од главните елементи што ќе биде применет на модернизираниот ловец Су-57 е замената на хидрауличните погони за управувачки површини на авионот кои се составени од електромотори. Ова во голема мера ќе ја намали радарската видливост на модернизираното летало, и истовремено ќе ги зголеми неговите маневарски способности и борбената отпорност во случај на оштетување.
Инженерите за развој на компанијата Сухој кои работат на оригиналната (базичната) и на модернизираната варијанта на авионот исто така пред извесно време соопштија дека работат на уште неколку проекти кои ќе доведат до комплетирање на 57-ката од „втората етапа“.
Ова пред сè се однесува на развојот на панорамскиот воздухопловен индикатор, на новите повеќенаменски екрани и на широкоаголниот колиматорски нишан. Сиве овие измени имаат за задача да ја зголемат ситуациската свест на пилотот.
Освен тоа, на модернизираната верзија ќе биде зголемен асортиманот на наведувачкото вооружување што ова летало ќе може да го примени. Според нив, Су-57 е повеќенаменско борбени летало кое не е само наменето за борба во воздух (остварување на воздушна супериорност), ами и за изведување операции против земските и поморските цели (површински бродови).
За овој авион се развива семејство „паметни“ бомби и ракети кои ќе можат да се сместат во внатрешноста на борбениот багажник кој се наоѓа во трупот на леталото.
Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување апсолутна воздушна надмоќ над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови засилени со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и надзор на воздушниот простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче