Руската армија кон крајот на мај го доби првиот контингент нови самоодни хаубици „Коалиција-СВ“. Овој железен монструм е специјално проектиран за уништување тешка оклопна техника на непријателот која се наоѓа длабоко зад првата линија на фронтот. На пример, ова средство може на една точка која е оддалечена и до 70 километри да насочи десет гранати со калибар од 152 милиметри. Ваквиот огнен бран може да ги претвори во куп железо сите современи тенкови, артилериски и минофрлачки батерии, но и системите за ПВО на непријателот, која ешалонирано е распоредена по длабочината на фронтот.
Како што вели началникот на артилериско-ракетните единици генерал-потполковник Михаил Матвеевски, самохотката од новата генерација поседува доста роботизирани елементи кои ќе овозможат постигнување на многу поголем дострел, но и на прецизно пукање.
„Максималното отклонување на гранатата на големи далечини нема да надмине 1-2 метри. За време на дејствувањето на целите кои се наоѓаат на оддалеченост од 70 километри, ваквата грешка може да се спореди со отстапувањето кое, на пример, го прави снајперска пушка. Овие два податока гарантираат уништување на целта што се гаѓа“, вели за Russia Beyond професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин.
Професорот Козјулин понатаму истакнува дека станува збор за прво артилериско оружје кое има посебно оклопени места за членовите на екипажот. Имено, сите членови на екипажот се наоѓаат во специјално армирана капсула која се наоѓа во корпусот на оружјето. Неговата купола е без екипаж, и обложена е и со дополнителен оклоп за дополнителна заштита на луѓето во капсулата. Притоа основниот топ се полни со помош на специјален автоматски полнач кој шрапнелно-разорните гранати и нивното полнење ги уфрлува едно по друго.
„Борбениот комплет гранати во едно оружје е импресивен. Покрај шрапнелно-разорните проектили, тука има и касетна, кумулативна и „паметна“ муниција, чија патека се коригира со помош на ласерски сноп (ласерско наведување). Станува збор за проектилите „Краснопољ“ кои се специјално доработени за употреба од самоодните хаубици од новата генерација „Коалиција“, потсетува рускиот експерт.
Една од главните карактеристики на „Коалиција-СВ“ е дека таа може мошне високо да го подигне своето основно оружје во однос на тлото, што овозможува да оствари сличен начин на дејствување како што е случајот со минофрлачите. На овој начин може ефикасно да се нападнат скриените земски цели кои се наоѓаат на тешкодостапен терен (планински котлини, речни корита, урбани зони заштитени со високи облакодери и слично).
„Исто така, артилерискиот екипаж може да комуницира со група беспилотни летала кои ќе му ги доставуваат сите неопходни податоци, а компјутерот за управување со оган самостојно ќе ги пресметува сите потребни елементи за пукање. Сè ќе се изведува во режим на висока автоматизација, каде оружјето практично самостојно ќе се наведува кон целта“; истакнува Козјулин.
Гранатите што се испукуваат од самоодната хаубица „Коалиција-СВ“ ќе може да се наведуваaт и преку глобалните сателитски мрежи (ГЛОНАСС и Џи-Пи-Ес). Таа истовремено може на нишан да држи и до 10 цели, а целиот комплекс на гаѓање се изведува во автоматски режим на работа.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче