Мобилни и ударни: Американски медиуми за забрзаното опремување на руските падобрански единици

Слободан Ѓукиќ
Руските падобрански единици масовно употребуваат оклопна борбена техника при изведувањето борбени дејства. Со воведување на новите средства за воздушен десант опремени со моќно артилериско и ракетно оружје, како и со способностите за директно десантирање од воздух со екипажот во возилата, руската армија ќе добие високомобилни борбени единици кои се подготвени молневито да го поразат секој непријател.

Американскиот веб-портал „Национален Интерес“ (The National Interest) ја коментираше информацијата дека гардискиот десантно-јуришен полк на Црноморската флота „Александар Невски“ усвоил 40 оклопни возила со способности за авиодесант „БМД-4М“ и БТР-МДМ „Ракушка“. Единиците на ВДВ на руската армија до крајот на оваа година ќе добијат над 400 единици нова и модернизирана борбена техника, пренесува веб-порталот РГ.

„Кога зборуваме за падобранци, обично мислиме на лесно вооружени единици кои имаат задача да изведуваат борбени дејствија во длабочината на непријателската територија и кои обично се опремени со оружје што можат да го носат. Меѓутоа, кога станува збор за руските падобрански единици, тие ги остваруваат своите дејства во координација со моќна оклопна борбена техника“, констатира воениот аналитичар на ова списание Питер Сучу.

Оклопните единици кои дејствуваат во состав на ВДВ одамна се интегрален дел на воздушно-десантните единици на советската/руската армија. Руските падобранци располагаат со респектабилна количина оклопни средства кои можат да се десантираат од воено-транспортни авиони. Оваа техника почна да се усвојува во единиците на ВДВ на тогашната советска армија уште во текот на 70-тите години на минатиот век. Нивната примена беше особено изразена за време на војната во Авганистан.

Американскиот воен аналитичар потенцира дека современите оклопни борбени средства за десант, како што се БМД-4М и БТР-МДМ „Ракушка“, им обезбедуваат на единиците на ВДВ висок степен на мобилност и огнена моќ. БМД-4М претставува модерно дизајнирана борбена платформа со исклучителна огнена моќ, која не е карактеристична за повеќето оклопни борбени возила. Оваа платформа е многу проодна, брза, може да совладува водени пречки и може да се десантира од воздух. Возилото настана како резултат на соработката меѓу конструкторските инженери и припадниците на ВДВ, кои предложија некои свои идеи за да возилото стане што е можно пофункционално во падобранските единици.

Ова возило е способно да води успешна борба против сите современи тенкови кои се наоѓаат во оперативна употреба денес, на оддалеченост и до 5,5 км. Ова му го овозможуваат противтенковите ракети 9M117M1-3 „Аркан“, кои се истрелуваат од топ 2A70 со кал. 100 мм., а чија тандем кумулативна боева глава (9Н136M) може да пробие 700-750 мм оклоп заштитен со динамична заштита.

Исто така, ова возило може да уништува непријателска жива сила и лесно оклопни борбени средства на далечини и до 7 км. Покрај горенаведените противтенковски ракети 9M117M1-3 „Аркан“, борбениот комплет на БМД-4М вклучува и фугасни гранати кои овозможуваат ефикасно уништување на непријателската жива сила на тие растојанија. Вкупниот борбен комплет за топот 2А70 е 34 гранати + 4 птрк 9М117М1-3 „Аркан“ .Не треба да се заборави дека покрај основниот топ 2А70, ова возило е исто така вооружено и со автоматски топ 2А72 со кал. 30 мм (б/к 460 гранати), како и со митралез ПКТМ со кал. 7.62 мм (б/к околу 2000 куршуми).

БТР-МД „Ракушка“ е руски десантен оклопен транспортер произведен во Волгоградскиот тракторски завод. Возилото тежи 13,2 тони и е вооружено со два митралези. Екипажот се состои од два члена, а може да транспортира десантна група од тринаесет војници.

Треба да се нагласи дека овие возила не се единствените модели на борбена десантна техника која се планира да биде интегрирана во оперативните единици на ВДВ. Тука треба да се вклучат и ловците на тенкови 2С25 „Спрут-СД“. За ова средство постои модификација која го носи името 2С25М „Спрут-СДМ-1“, која во однос на квалитетот на основното вооружување и системот за управување со огнот со ништо не заостанува зад основниот борбен тенк Т-90 „Владимир“.

Двата се опремени со моќни тенковски топови со калибар од 125 мм, кои можат да истрелуваат противтенковски ракети 9М119М1 „Инвар-М“ со пробојност од над 800 мм полн челик зајакнат со реактивни плочи. Меѓутоа, поради специфичната борбена намена, која вклучува десантирање на овие средства со падобран, неговата основна тежина, а со самото тоа и дебелината на оклопот, е значително помала отколку кај класичните тенкови. Во план е да се зајакне оклопната заштита на овие борбени средства со вградување на поцврсти легури врз база на алуминиум, со додавање на дополнителна динамична заштита, но во крајна линија и со интегрирање на системи за активна заштита, како што е тоа, на пример, „Арена“ и сл. Според зборовите на американскиот автор, целата оваа техника има способност да се десантира од воздух со специјален тип на падобран, со целиот екипаж кој се наоѓа во нив.

Последниот американски борбен оклопен транспортер, проектиран за десантирање заедно со падобранските единици на Војската на САД е „Шеридан“ М551, кој беше експлоатиран за време на војната во Виетнам. Сепак, негов голем проблем беше премногу слабата оклопна заштита.

На крајот на својот текст Питер Сучу прави интересна екскурзија во историјата на советските ВДВ. „Во јануари 1942 година околу 10000 падобранци на Црвената армија се спуштија во длабочината на непријателската територија, во услови на „дебел“ минус. Ова беше една од најголемите советски воздушно-десантни операции во Втората светска војна, за која беше потребно да се собере извонредна храброст. Иако оваа операција на крајот не вроди со плод, таа создаде вистински хаос во тактичката длабочина на германскиот фронт. За разлика од тогаш, денешните руски падобранци се одликуваат со исклучително високо ниво на борбена обука и се одлично опремени“, заклучува авторот на овој текст.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња