Експериментална варијанта на модернизација на митралезот „Калашников“ (ВИДЕО)

Скриншот
Концернот „Калашников“ демонстрираше експериментален примерок на митралезот со калибар 7,62 мм конструиран во текот на 1970-те.

Во прашање е една од варијантите  на модернизација на легендарниот митралез „Калашников“ (ПК) за која е карактеристична конструкцијата со значително помали габарити, соопштува „Калашников.Media“.

Советската армија го воведе ПК во експлоатација 1961 година. Митралезот првично беше тежок девет килограми. Подоцна конструкторите се трудеа да ја намалат тежината за оружјето да биде полесно за користење во борба, за во 1969 година да биде воведен во експлоатација ПКМ – модернизираната варијанта на митралезот тешка 7,5 килограми.

Експерименталниот примерок на митралезот на видеоснимката беше уште полесен, тежеше малку повеќе од шест килограми. Според зборовите на началникот на одделението на фондовите на Военоисторискиот музеј на артилеријата Руслан Чумак, тоа е постигнато така што се внесени измени во цела низа делови. На пример, цевката за одвод на гасовите е направена од тенок челик со штанцување, капакот на сандакот исто така е направен од потенок челик и зајакнат со дополнителни ребра. На цевката беше предвиден компензатор на трзајот со бочни прорези, а мушицата беше сместена во гасната комора. Покрај тоа, конструкцијата на дршката е малку поедноставна, но е задржан дрвениот кундак.

Оваа варијанта не е развивана, но нејзини одделни решенија се применети кај други модели на митралезот „Калашников“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња