Актуелно: Колку воздушни цели во Сирија соборија руските „Торови“?

Виталиј В. Кузмин
Руски генерал објави податоци во однос на досегашната ефикасност на ПВО-системите што се наоѓаат на борбено дежурство во Сирија. Тој објави конкретни податоци кои се однесуваат на учинокот на ракетните ПВО-системи со мал дострел „Тор“, кои заедно со ПВО-системите со краток и голем дострел „Панцир-С“ и С-400 „Триумф“ ги бранат руските воени бази во Сирија.

Руските самоодни ракетни ПВО-системи со краток дострел „Тор“ за време на своето борбено дежурство во Сирија соборија повеќе од 45 воздушни објекти (првенствено самоделни ударни беспилотни летала), кои масовно ги употребуваа терористите. Ова го изјави началникот на руските сили за противваздухопловни дејства генерал-потполковник Александар Леонов, чии зборови ги пренесува магазинот „Национална одбрана“.

Според зборовите на генерал Леонов, ракетни ПВО-системи со краток дострел „Тор“ во своите различни модификации претставуваат основно средство на видот Копнена војска за борба против цел спектар воздушни цели, вклучувајќи и високопрецизни убојни средства како воздухопловни ракети и бомби, па дури и артилериски проектили. Овие системи заедно со ПВО-системите со краток и голем дострел „Панцир-С“ и С-400 „Тријумф“ се распоредени во Сирија, пренесува веб-порталот РГ.

Противвоздухопловниот ракетен комплекс 9К332 „Тор-М2“ претставува една од најнапредните верзии на овој систем. Се работи за многу ефикасен систем наменет за борба против авиони, хеликоптери, беспилотни летала и, особено, против високопрецизни наведувани бомби и ракети. Претставува систем со краток дострел (во далечина 15км/по висина 10км), и е идеален за заштита на оклопно-моторизирани колони во марш или во тек на активни борбени дејствија. За разлика од претходните верзии на овој систем, „Тор-М2“ има 16 ракети (претходните верзии имаа капацитет од 8 ракети). Се одликува со подвижност, кратко време на реакција по забележана цел, автоматизација при гаѓањето, исклучителна ефикасност при уништување на цел спектар воздушни цели, како и висок степен на отпорност на средства за ПеБ (средства за противелектронска борба).

Неговата најнова специјална верзија ја носи ознаката 9К332К „Тор-М2ДТ“. Се работи за исто така систем со мал дострел кој е специјално проектиран за сурови временски услови какви што има на северот. Се одликува со голема подвижност бидејќи е интегриран на гасенична платформа ДТ-30 која е специјално направена за непроодните терени какви што има на северот на Русија.

Што се однесува до верзијата на системот „Тор-М2КМ“, станува збор за модуларен комплекс кој се состои од автономен борбен модул, кој може да се распореди на голем број мобилни шасии, вклучувајќи и камиони. Може да се користи и како фиксен ПВО-комплекс.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња