„Камшик небесен“: МиГ-23 првпат полета пред 53 години

Public domain / U.S. DefenseImagery
Пред 53 години кон небото се крена МиГ-23, еден од најпознатите руски авиони-ловци. Доживеа многу модификации, беше користен во неколку десетици оружани конфликти ширум светот, и денес е сé уште во арсеналот на многу земји.

Советскиот повеќенаменски ловец од третата генерација со променлива геометрија на крилата дојде го замени претходниот модел МиГ-21 кон крајот на 1950-тите и почетокот на 1960-тите години. На војската ѝ беше потребен универзален борбен авион кој може да лета на големи висини и истовремено да развива надзвучна брзина, да воспостави доминација во воздухот и да пикира на копнени цели.

Покрај тоа, по едно дополнување на техничката задача, се појави потреба од користење на авионот на аеродроми со кратка писта. Со таа цел најпрвин врз база на серискиот модел МиГ-21 е направено летало со три мотори – еден главен и два мотори за полетување. Меѓутоа, тој експеримент не беше успешен, па конструкторите се фокусираа на создавање авион-ловец со променлива геометрија на крилата.

Во првиот лет на 10 јуни 1967 година со авионот МиГ-23 управуваше пробниот пилот на опитно-конструкторското биро „Микојан“ Александар Федотов. Благодарение на променливата геометрија на крилата новиот ловец можеше да полета од кратка писта и да лета со мала брзина близу тлото, а истовремено можеше да се крене на висина поголема од 17 километри и да развие брзина 2,5 пати поголема од брзината на звукот.

МиГ-23 во класификацијата на НАТО го доби називот Flogger („Камшик“). Однадвор значително се разликува од својот суперсоничен претходник МиГ-21. Конструкторите го поместија ладилникот на долната страна на трупот, а пред пилотската кабина поставија долг конус во кој е сместен новиот радарски нишан „Сапфир-23“. Процесот на производство и испорака на новите електронски системи за овој авион се одолговлече, поради што државното тестирање траеше четири години – од 1968 до 1972.

Првите години од експлоатацијата во војската техничарите и пилотите имаа многу забелешки на авионот. Опслужувањето и управувањето беа многу потешки, што предизвикуваше чести хаварии и катастрофи. Подоцна покрај овие почетни недостатоци се појавија и позитивни карактеристики, по кои авионот се разликуваше од руските и западните конкурентски модели. Воените пилоти ги истакнуваа високите можности за полетување и слетување, како и забрзувањето кое беше многу подобро отколку кај многу авиони од четвртата генерација, а исто така и можноста ловецот да лета долго со крстосувачка брзина и да носи импозантен борбен товар.

МиГ-23 спаѓа во руските ловци кои се најчесто користени во војна. За 53 години беше применет во разни конфликти на Блискиот Исток, во Авганистан, Либан и Ангола, во борбените дејствија за време на војната во Персискиот залив. Применет е и во 21 век за време на војните во Либија и Сирија. Во советско време беше во арсеналот на 27 земји.

МиГ-23 на руските конструктори, пилоти и индустриски претпријатија им даде непроценливо искуство во создавањето, експлоатацијата и борбената примена на авион со променлива геометрија на крилата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња