Сериското производство на Ми-6 го реализираа две претпријатија: Ростовскиот завод бр. 168 и Московскиот завод бр. 23. Во Москва од 1960 до 1962 година беа произведени 50 хеликоптери, а во Ростов од 1950 до 1980 година 874 хеликоптери. Освен воена, постоеше и цивилна верзија на леталото. Ми-6 требаше да превезува шест тони товар при нормална полетна маса, осум тони товар при максимална полетна маса, а 11,5 тони при летови на мали растојанија. Првпат во СССР на хеликоптер се подразбираше превоз на товар на надворешен носач.
Товарната кабина на Ми-6 со димензиите кои изнесуваа 12х2,65х2,5 метри можеше да се споредува со кабините на товарните авиони Ан-8 и Ан-12. По должината на ѕидовите и на средината можеше да се постават 61 седиште, а во санитарната варијанта превезуваше 41 пациент на носилка и двајца медицински работници. Во вонредни ситуации можеше да прими до 150 лица. Патничкиот Ми-6 беше многу удобен, со одлична термоизолација, тоалет и гардероба, а можеше да превезува 70-80 патници.
Зајакнатиот под овозможуваше превоз на тешка техника, на пример, на две самоодни артилериски орудија АСУ-57 или оклопен транспортер БРТ-152, топови, хаубици со тегначи или тешка инженериска техника. На надворешниот носач можеше да превезува товар до осум тони. Исто така, Ми-6 беше масовно користен како дигалка, за транспорт на дупчалки и друга опрема за испитување на земја и екплоатација на природни богатства. Модификацијата Ми-6ПС беше наменета и опремена за пронаоѓање и евакуација на екипажи на вселенски бродови.
Во октомври 1957 година хеликоптерот подигна товар од 12004 килограми на висина од 2432 метри. Тоа беше сензација во светот на воздухопловството, иако Ми-6 тогаш двојно гон админа рекордот на американскиот тежок хеликоптер S-56. Во суштина, тој би можел конкурентскиот хеликоптер да го подигне заедно со неговиот товар.
Ми-6 во текот на државните испитувања постави уште неколку рекорди. На 16 април 1959 година подигна пет тони на висина од 5584 метри и 10 тони на 4885 метри. Во септември 1962 година Ми-6 подигна во воздух цели 20,1 тони на висина од 1738 метри. Во рекордните летови масата на товарот достигнуваше дури 48 тони.
Во 1961 година Ми-6 беше прогласен не само за хеликоптер кој може да подигне најголем товар, туку и за најбрз хеликоптер на светот. Имено, на 21 септеври достигна брзина од 320 километри на час, што претходно се сметаше за невозможно за хеликоптери. Две години подоцна постави уште еден рекорд, прелетувајќи 100 километри со брзина од 340,15 километри на час. Освен тоа, во 1961 година, кога Јуриј Гагарин полета во вселената, Ми-6 на воздухопловната парада во Тушин прелета носејќи макета на вселенската капсула на вселенскиот брод „Восток“, демонстрирајќи ги на тој начин достигнувањата на СССР во вселенската програма. По 1980 година Ми-6 беше заменет со посовремениот хеликоптер Ми-26.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче