Русин се разбудил по двомесечна кома и бил шокиран од коронавирусот

Panca Syurkani
Еден московјанин, кој по операција поминал два месеца во кома, се разбудил и бил шокиран од ситуацијата со ширењето на коронавирусот во земјата.

Ова во средата, 3 јуни, за РИА „Новости“ го изјавија неговата сопруга и лекарот.

Се наведува дека пациентот на 6 март бил примен во Централната клиничка болница. По успешно изведената итна операција пациентот паднал во кома и се нашол на одделението за интензивна нега. Според зборовите на неврохирургот на ЦКБ Андреј Реутов, по некое време кај него била дијагностицирана двострано запаление на белите дробови, по што тестот за коронавирус бил негативен.

Како што истакнува сопругата на пациентот, тогаш веќе се знаело за ширењето на новата инфекција, но ситуацијата не била толку сериозна. Првите заразени жители на Русија почнаа да се појавуваат дури на почетокот на март. Тие се наоѓаа на крузерот Diamond Princess во Јапонија, а веќе на 6 март беа регистрирани инфицирани и на територијата на земјата.

„На врвот на епидемијата во Москва тој фактички не беше присутен“, вели сопругата на пациентот. Пет недели подоцна нејзиниот маж си дошол при себе, но сé уште бил слаб, па затоа ништо не му кажувале за вирусот. Како што објаснува Реутов, пациентот сам се обратил со прашања штом почнал да се чувствува подобро. „Сам стана, дојде до вратата на мојот кабинет, чукна и рече: „Може да поразговарам со вас? Имам многу прашања. Што се случува во светот? И каде е жена ми?“ Бев, благо кажано, изненаден“, се сеќава лекарот.

Реутов му рекол дека постои нова инфекција на коронавирус и дека во светот е објавена пандемија. Неврохирургот исто така објаснил дека во земјата, вклучувајќи ги и болниците, е воведен режим на рестрикции.

„Полека му раскажував за тоа што се случува: дека луѓето почнаа да излегуваат надвор, а дека претходно можеа да одат само до продавница.  Се разбира, беше изненаден и шокиран: зарем тоа се случува? Да ни кажеа претходно дека сé ќе биде затворено и дека ќе носиме маски и ракавици секаде каде што ќе одиме, ќе се насмеевме“, рече неговата жена.

Сега мажот и жената веќе можат да се гледаат. Жената вели дека нејзиниот маж се чувствува значително подобро: оди, јаде и разговара.

Според податоците од 3 јуни, вкупниот број на инфицирани од почетокот на пандемијата во Москва достигна 187216. Излекувани се 91654 лице, а починаа 2685. Вкупно во Русија од инфекција со коронавирус починаа 5215 лица, а регистрирани се 432277 случаи на зараза.

 

 

 

 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња