Челични џинови: најважните карактеристики на тешките тенкови од Втората светска војна

ИС-2

ИС-2

Аркадиј Шајхет/russiainphoto.ru

Десетици тони железо, дебел оклоп и силни далекострелни оружја ги красеа војските на спротивставените страни во текот на најмасовната војна во човековата историја. Имено, пред 75 години (19 март 1945 година) Црвената армија во своето вооружување го прими тешкиот тенк ИС-3 кој според своите вкупни карактеристики беше еден од најдоминантните тенкови од тоа време. За само неколку години од тоталната општонародна борба против нацизмот, советска воен школа која се занимаваше со развој и производство на „оклопни чудовишта“, стана веројатно најдобрата на светот. Меѓутоа, одлични машини имаа и Германците, а пред крајот на војната и Американците. Во овој текст ќе кажеме нешто повеќе за типовите тешки тенкови кои учествуваа во Втората светска војна.

Првиот тежок тенк

Работата на проектот за развој и конструкција на првиот советски тежок тенк е започната во 1937 година. Имено, искуството од Шпанската граѓанска војна покажа дека советската оклопна техника е мошне ранлива на тогашните противтенковски оружја. Главниот проблем беше недоволно добрата оклопна заштита, пренесува Интернет-порталот на РИА Новости.

Две години подоцна на единиците на Црвената армија им е испорачан првиот тежок тенк КВ-1 („Клим Ворошилов“). Телото на тенкот е направено од валан челик. На челниот дел беа заварени три оклопни плочи. Првите две со дебелина од 75 милиметри, додека последната беше дебела 40 милиметри. Страничниот и задниот дел од тенкот беа заштитени со оклоп со дебелина од 75 милиметри, додека подот на тенкот и неговиот горен дел беа покриени со плочи со дебелина од 30 милиметри. Најоклопен дел од советскиот тежок тенк КВ-1 беше неговата купола. Фронталниот дел од тенковската купола беше заштитен со основен оклоп со дебелина од 75 милиметри на кој беше интегрирана маска со тенковска цевка која беше направена од зајакнат челик со дебелина од 90 милиметри.

Советски тежок тенк КВ-1

Погонската единица беше составена од дизел-морот кој генерираше 600 коњски сили. Ова беше доволно за тенкот со маса од 50 тони да се придвижи до брзина од 35 километри на час. Со пол резервоар тенкот можеше да совлада растојание во должина од 200 километри. Од основното вооружување имаше топ со калибар од 76 милиметри, како и три тенковски митралези Дегтјарев и калибар од 7.62 милиметри.

Меѓутоа, иако тенкот за тоа време се одликуваше со извонредни техничко-тактички карактеристики, тој сепак се покажа како машина која технички не беше доволно заокружена. Неговите тестирања со возење покажаа дека КВ-1 беше прилично тежок за управување, особено во ситуации при промена на брзината на движењето. Неговиот менувач беше мошне непредвидлив и генерално несигурен, па возачот освен на непријателот мораше да го фокусира вниманието на трансмисијата и на моторот кои беа мошне лошо усогласени. Исто така имаше проблеми и со тенковскиот топ, како и со механизмот кој ја движеше куполата. Имено, овој механизам не можеше да го издржи оптоварувањето од тежината на тенковската купола, што доведуваше до тоа тенкот да стане неупотреблив. До почетокот на Втората светска војна во рамките на тенковските дивизии на Црвената армија имаше неколку стотини тенкови КВ-1, меѓутоа поради краткото време за организација на обуката на тенковскиот екипаж, нивниот оперативен број не ја надминуваше бројката од 100 парчиња.

Сепак, и олкавиот број расположливи тенкови успеа во првите денови од војната во голема мера да ги забави оклопно-механизираните единици на Вермахтот и СС, кои на фронтот широк неколку илјади километри изведуваа „блицкриг“ операција со кодно име „Барбароса“. Овие тенкови за првпат беа употребени на 23 јуни 1941 година во Балтичкиот регион. На овој одбранбен правец Црвената армија и нејзините тенковски единици изведоа против удар во кој учествуваа тенковите КВ-1. Основната цел беше зауздување на германската 4 тенковска армија, а главната точка на ударот се наоѓаше во реонот на градот Расејњај (Литванија).

Ленинград, СССР, Составување на тешките тенкови КВ-1 во Ленинградската металуршка фабрика „Јосиф Сталин“ во окупираниот Ленинград за време на Големата татковинска војна на Источниот фронт во Втората светска војна

Формацијата на КВ-1 од рангот на тенковска бригада (од составот на втората тенковска дивизија) се судри со неколку стотини германски тенкови. Тие во тој свој напад успеаја да растераат поголем број германски сили и да допрат до нивните артилериски позиции кои со оган ги уништија своите топови. И германските пешадиски единици кои заостануваа зад своите истурени оклопно-механизирани групи претрпеа видливи загуби за време на судирот со непријателот, кој се појави од никаде. Оваа тенковска групација на советската армија успеа толку длабоко да се „вкотви“ во одбраната на германската 6 тенковска дивизија, што во еден момент ја пресече рутата на нејзиното снабдување и ја доведе во тешка оперативна ситуација.

За да го запре овој ненадеен испад на Црвената армија, командата на германската Група армии „Север“ решава на критичниот правец итно да испрати дополнително зајакнување кое главно се состоеше од оклопни единици и батерии со противтенковски топови од составот на 4 тенковска армија. Тенковските топови со кои беа опремени германските тенкови не можеа да ги пробијат супероклопните гасеничари од кои топовските гранати едноставно се „одбиваа“.

Битката траеше до моментот кога советските тенкисти во своите „ѕверови“ останаа практично без гориво, вклучувајќи го и хроничниот недостиг од тенковска муниција. Согледувајќи дека можат да упаднат во тактичко опкружување, тие во критичниот момент тргнаа во повлекување. Во тоа време по оваа групација дејствуваше и германската авијација (офанзивни бомбардери) кои Германците во меѓувреме ги ангажираа за кршење на советскиот противнапад. Германците на овој фронт донесоа и влечни противтенковски топови со калибар од 88 милиметри кои од оружјето на земја се покажа како единствено ефикасно средство кое може да го пробие масивниот оклоп на советските тешки тенкови КВ-1. Потоа имаше уште неколку средби на германските сили со овие „грдотии“ кои поради ретките, но мошне впечатливи појавувања на фронтот ги нарекоа „неранливи духови“.

Советските тешки тенкови КВ-1 заземаат положба за напад. Западен фронт

„Јосиф Сталин“

Првите тенкови ИС (скратено од Јосиф Сталин) се појавија во единиците на Црвената армија во 1943 година, со цел спротивставување на германските тешки и средни тенкови од типот „Тигар“ и „Леопард“. Иако конструкцијата на овој тенк, како и големиот број технички решенија се позајмени од постариот КВ-1, новиот тенк на „пробивањето“ се карактеризираше со поквалитетна оклопна заштита и со унапредено вооружување.

Фронталната проекција на оклопот е зголемена на 120 милиметри, додека тенковската купола со бочните страници добија оклоп со дебелина од 100 милиметри. Таа во целина беше попросторна и имаше посложена геометриска форма. Ова што беше мошне важно, тешките тенкови ИС беа опремени со модернизиран систем за механичка трансмисија и со нов дизел-мотор со 520 коњски сили, што беше генерален проблем кај тенковите КВ-1.

Главниот адут на новиот тенк ИС беше неговиот топ. Имено, по појавувањето на тешките тенкови „Тигар“ беше воочено дека топовите со кои се вооружени советските тенкови немаат никаква шанса во борбата против овие тенкови. Затоа беше донесена одлука за итен развој на нов топ со калибар од 85 милиметри врз база на противавионското оружје 52-К. Конструкторите од Бирото број 9 под раководство на главниот конструктор на тенковските топови Фјодор Фјодорович Петров, го разви моделот на топ Д-5Т кој по редизајнираната тенковска купола влезе во основното вооружување на тешките тенкови ИС. Неговата граната на оддалеченост од 500-1.000 метри можеше да ја пробие оклопната заштита на поголемиот дел германски тенкови. Но, со ова советските тенковски конструктори не се задоволија зашто овој топ сепак не даваше решавачка предност на боиштето. Германските топови KwK 36 со калибар од 88 милиметри со кои беа опремени „Тигрите“ и KwK 42 со калибар од 75 милиметри од германскиот среден тенк „Пантер“; беа подобри од советските пандани. Затоа следната модификација на тенкот ИС-2 беше опремена со уште помоќно оружје со калибар од 122 милиметри, кој беше направен врз база на далекострелниот топ А-19. Поради поголемите габарити на тенковската муниција за овој топ, намалена е неговата борбена брзина на гаѓање на три проектили во минута. Но, ова беше компензирано со далеку поразорниот ефект што проектилот со калибар од 122 милиметри го оставаше на целта.

ИС-1

Овие гранати беа ефикасни против германските тенкови од средна класа, а знаеја сериозно да го загорчат животот и на тешките тенкови „Тигар“. Познати се голем број случаи кога ИС-2 со својот топ со калибар од 122 милиметри им ја уништуваа гордоста на германските оклопни единици на оддалеченост од 1.500 до 2.000 метри. Покрај уништувањето на непријателската оклопна техника, тенковите од типот ИС-2 мошне ефикасно беа употребувани и за време на уништување на огнените точки во утврдени објекти, и на изградени скривалишта од земја и камен. За време на завршните операции во Источна Европа тенкистите овие тенкови со голем успех ги употребуваа за време на уличните борби, каде до израз доаѓаше неговиот тежок митралез ДШК со калибар од 12.7 милиметри.

Практично советските конструктори направија незапирлива борбена машина за продор. ИС-2 поседуваше параметри со голема брзина и маневарски способности кои беа блиски на прочуениот советски тенк од средна категорија Т-34. Неговата оклопна заштита беше поголема од претходникот ИС-1, а огнената моќ беше неспоредливо поголема. Откако ги прегледал материјалите на германската разузнавачка служба за новиот советски тенк ИС-2, Хитлер донесе одлука германските единици да не влегуваат во блиска борба со тенкистите на Црвената армија, на растојанија помали од 1.000 метри.

Фабриката „С.М. Киров“. Тежок тенк ИС-2 по ремонт, подготвен за испраќање на фронт

Следната модификација на овој тенк ИС-3 влезе во тенковските единици на Црвената армија непосредно пред завршувањето на војната. Тенковската купола беше дополнително зголемена, како и оклопната заштита на предната проекција на тенкот што обезбедуваше висок процент заштита од германските топови KwK 42 и KwK 43. ИС-3 беше во голема мера модернизиран во однос на своите претходници кога станува збор за врската и за детектирањето на непријателот. Сепак, овој тенк не ја доби шансата да се покаже во борба. ИС-3 беше користен во единиците на Црвената армија до крајот на шеесеттите години од минатиот век и им беше испорачуван на армиите кои беа во сојуз со СССР.

Хитлеровите „ѕверови“

Германската војска започна да размислува за конструирање сопствен тежок тенк во 1937 година. Но, минаа цели пет години до неговото сериско производство и воведувањето во вооружувањето. Новите „Тигри“ во борбата беа уфрлени за време на советската операција со кодно име „Искра“ со цел деблокирање на Ленинград („Шлиселбургска операција“). Во оваа операција учествуваа елитниот 502 тежок тенковски баталјон „Мамути“, во чиј состав служеше и познатиот германски тенковски ас Ото Кариус кој командуваше со тенковската чета „Schwere Panzer-Abteilung 502“. Кон крајот на 1942 година 502 тенковски баталјон станува прва германска оклопна формација која добива лета тешки тенкови Pz.Kpfw.VI „Тигар“ (0 парчиња), кои тогаш беа употребени за првпат.

Panzer VI (Tiger I)

Адолф Хитлер лично беше заинтересиран за процесот на сериското производство на овие тенкови во кои полагаше голема надеж. „Машината на пробивањето“ требаше да биде универзално оружје за продор низ најгусто запоседнатата одбрана на непријателот, да ги задржи солидните маневарски карактеристики, да поседува моќна оклопна заштита, и основно вооружување.

Тешкиот германски основен борбен тенк „Тигар“ го движеше мотор од 700 коњски сили. Ова му овозможуваше да развие брзина до 45 километри на час. Челната проекција на тенкот беше заштитена со оклопни плочи со дебелина од 100 милиметри, додека бочната и задната страна на тенкот ги штитеше оклоп со дебелина од 80 милиметри. За време на конструирањето на овој тенк беа применети најсовремените технички решенија од тоа време. Едно од нив е примената на серво-погон. За управувањето со оружјето кое тежеше 56 тони не беше потребна голема физичка сила на тенковскиот екипаж.

Главното оружје на „Тигарот“ беше 88-милиметарскиот тенковски топ KwK 36 со цевка во облик на лак. Оптичкиот уред беше составен од зглобен бинокулар Turmzielfernröhr 9b (зголемување од 2.5 пати) кој му даваше видлива предност во однос на конкурентите, особено кога стануваше збор за борба на поголемо растојание. Екипажот на овој тенк мошне порано можеше да ги детектира потенцијалните цели на противникот. Turmzielfernröhr 9b беше монтиран паралелно и во иста оска како и главниот топ. Скалата на оддалеченост беше означена на секои 100 метри сè до максималните 4.000 метри.

Меѓутоа, сите овие новитети си имаа и своја цена. Имено, производството на овие текови беше исклучително скапо. Просечната цена на еден „Тигар“ достигнуваше астрономски 250.000 рајх марки. Како пример, германскиот среден тенк „Пантер“ кој исто така имаше врвни карактеристики чинеше двапати помалку, поточно 117.800 рајх марки за едно парче. Неговиот процес на составување беше исклучително комплексна работа и изискуваше вонредно залагање на голем број специјалисти од различна насока. За сите години од војната произведени се само 1.355 тенкови од овој тип. Исто така, процесот на негово одржување и ремонт беа мошне макотрпна задача, како организацијата на транспортот по железнички пат. Во текот на својата експлоатација тешко излегуваше на крај со мочуришта и со каллив терен, каде поради својата тежина знаеше да остане заглавен. Од друга страна, советските тенкови ваквите препреки ги совладуваа мошне полесно.

Panzer VI (Tiger I)

Покрај тоа, германските конструктори при начинот на поставување на неговата оклопна заштита користеа оклопни плочи кои беа составувани практично под агол од 90 степени. Не постоеше никакво закосување за дополнително да се подигне еквивалентот на оклопната заштита. Токму поради тоа советските екипажи на топовите ЗИС со калибар од 76.2 милиметри бележеа уништување на овие тенкови на оддалеченост од 500 метри, а неретко се случуваше да ги онеспособат на оддалеченост поголема од 1.000 метри. Меѓутоа, без оглед на овие недостатоци, германскиот тешкаш според карактеристиките на основното вооружување и на оклопната заштита беше веројатно најдобриот тенк во Втората светска војна.

Американскиот пристап

За време на Втората светска војна американската војска главни применуваше лесни и средни тенкови. Сепак, тие имаа и свои претставници во категоријата на тешки тенкови. Првиот претставник го носеше знакот М6, и генералната оценка на неговите техничко-тактички карактеристики во однос на својата конкуренција (Германија и СССР), може да се оцени како целосно промашување.

М6

Тенкот беше премногу тежок. Со своите 57 тона беше придвижуван од дизел-мотор кој генерираше 800 коњски сили. И покрај тоа, овој тенк одвај успеваше да постигне брзина од 35 километри на час. Од друга страна, тенкот беше и мошне голем потрошувач на гориво, така што со полн резервоар можеше да мине само 150 километри.

Без оглед на својата огромна маса, американскиот тежок тенк М6 беше мошне ранлив. Неговата оклопна заштита која беше интегрирана во челниот дел на тенкот не преминуваше 80 милиметри, додека страничните делови беа заштитени со оклоп со дебелина од 70 милиметри. Вака решената конфигурација на оклопната заштита во реална битка со германските тенкови веројатно би била фатална за неговиот екипаж. Покрај тоа, М6 беше вооружен со недоволно силен тенковски топ со калибар од 76 милиметри кој практично беше неупотреблив против германските тешки тенкови „Тигар“. Како резултат на сиве овие слабости, овој тенк никогаш не беше примен во вооружувањето на американската армија. За две години беа комплетирани околу 40 тенкови од овој тип, но тие никогаш не зедоа учество во борбите. Главно беа употребувани како симулатори за обука на тенковските екипажи на други средства.

Поголем успех имаше американскиот тежок тенк М26 Pershing. Тој беше развоен од страна на американските конструктори за борба против германските „Тигри“ кои беа премногу доминантни на Западниот фронт во однос на сојузничките тенкови. Имено, најмасовниот среден тенк М4 Sherman можеше да излезе како победник во овие дуели исклучиво доколку се создадат услови на бројчана супрематија во однос 5:1 (ако, на пример, комплетната тенковска бригада од 50 тенкови М4 Sherman нападне тенковска чета „Тигри“ составена од 8 до 10 тенкови).

M26A1

М26 Pershing е конструиран според стандардна шема. Моторниот оддел се наоѓаше одзади. Одделот со управувачката контролна табла се наоѓаше во предниот дел од тенкот, а борбениот оддел во неговата средина. Оклопната заштита беше составена од комбинација на лиен и валан челик кој беше најдобар од предната страна (дебелина од околу 100 милиметри). Тенковската купола имаше оклопна заштита во еквивалент од 115 милиметри. Тенкот беше вооружен со основен топ М3 со калибар од 90 милиметри со должина на цевката од 50 калибри. Топовската цевка беше во облик на лак. Моторот генерираше сила од 500 коњски сили и можеше да ја забрза машината од 43.1 тон до 48 километри на час.

Во вооружувањето е воведен во 1945 година, на самиот крај од војната. Имаше можност да се проба во дуел со најдобрите германски тенкови, иако сето тоа беше во ограничен обем за да може да се даде некаква поширока оценка. Сепак, иако американските офицери признаа дека овој тенк е поквалитетен од средниот тенк М4 Sherman, тој и понатаму беше инфериорен во однос на германските грдотии (особено кога на фронтот се појавија „Кралскиот Тигар“ и „Јагдтигар“). Неговиот топ беше мошне слаб и не можеше да ги пробие германските тенкови од челната страна. М26 Pershing мораше да изведува странични маневри за некако да успее да го заобиколи непријателот и на тој начин да се „мушне“ од задната страна, за од таквата позиција да се обиде да го уништи непријателот.

Кога станува збор за дизајнот на М26 Pershing, тој мошне личеше на советскиот ИС. Во текот на неговата изработка на Американците им беа скапоцени советските искуства кога станува збор за конструирањето, производство и за употребата на оклопните единици, зашто на тој план прилично заостануваа. Негова поширока употреба е регистрирана во Корејската војна каде се судри до довчерашниот сојузнички тенк Т-34.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња