„Дозвола за убиство“: Како однатре изгледа работата на рускиот снајперист

Снајперистите во обезбедувањето за време на воена парада на Црвениот плоштад

Снајперистите во обезбедувањето за време на воена парада на Црвениот плоштад

Иља Питаљев/Sputnik
Еден поранешен снајперист на единицата за специјални операции зборува за својата работа со дописникот на порталот Russia Beyond.

Како да дојдете во спецназ и да станете снајперист

Ако сакате да станете припадник на единицата за специјални намени и да учествувате во антитерористички операции, морате најпрво да минете низ определена обука. Во идеална варијанта таа започнува уште на соодветен факултет кој на своите дипломци им овозможува следните пет години да ги минат во службата на спецназ на територијата на Русија.

Ако за сето тоа време не „изгориш“ и ако не ги отфрлиш војничките чизми, па наместо нив да избереш лакирани чевли, бизнис-одело и удобна градска канцеларија, тогаш можеш да напишеш молба до силите за специјални операции (ССО, чии единици се формираат од најдобрите припадници и стручњаци од сите елитни единици на спецназ, односно од ГРУ, СВР, ФСБ, ФСО и други). Кадровската служба ја разгледува секоја молба и му нуди на кандидатот да го положи тестот за физичка подготвеност.

Доколку ти тргне од рака, те испраќаат на лекарски преглед и на преглед кај психолог, и до својата 27 година (ако имаме предвид идеално сценарио, во кое сè се постигнува на време и од првиот обид) стануваш припадник на силите за специјални операции.

Доколку во единицата решиш да се преквалификуваш во снајперист, повторно мораш да минеш низ цела низа психолошки тестови каде се проверуваат предиспозициите за оваа работа. Вештината на гаѓањето не е најважниот фактор. Доколку биде потребно, тоа ќе го вежбате подоцна. Најважни особини се трпеливоста, разборитоста и бистрината на умот.

Вештини на современиот снајперист

Тактичко боево гаѓање на снајперски двојки во Воронешката област

Мораш да се разбираш во балистика зашто ќе работиш со ветар (ќе ја пресметуваш брзината на ветрот и правецот на отстапување на куршумот во лет), ќе гаѓаш цели кои се движат, и сето тоа среде ноќ, во апсолутна темнина.

Најголемиот дел од нашата работа се извршува по полноќ. Мораш да знаеш да ракуваш со современа техника и да ги препознаваш целите на теренот во услови кога непријателот се обидува да те пронајде и да те убие. Работата на снајперистот е слична на лов, зашто овие луѓе буквално се ловат еден со друг.

Извидувачи-снајперисти на 4 гардиска Кантемировска тенковска дивизија на тактичка воена вежба во Наро-Фоминск

Треба да се вежба и ракувањето со карабина и со пиштол, а не само со снајперска пушка. Тоа ќе ти треба, на пример, кога мораш да заземеш положба на непријателска територија. Никогаш нема да имаш голема група поддршка. Немој да си мислиш дека некој со хеликоптер ќе те префрли на фронтот, а потоа дека ќе те собере. Не, ти со своите нозе ќе ја минеш линијата на раздвојување, незабележливо ќе се вгнездиш на положбата, ќе ја извршиш задачата и ќе се вратиш назад. Сето тоа мора да го направиш сам или со група снајперисти.

Во зависност од мисијата, група снајперисти брои најмногу десет луѓе. Тоа се командир, набљудувач, стрелци, човек за врска и неколку луѓе што ги покриваат положбите.

Обука

Учесници на натпреварот во полициско снајперско гаѓање „Апсолутна прецизност“ во Московската област

Постојат две секции за обука на снајперистите. Едната е полициска, а другата е воена. Поедноставно кажано, обука за работа во град и обука за работа на фронт.

Полициските снајперисти треба да погодуваат мета 20х20 сантиметри (големина на просечна глава) на оддалеченост од 300 метри, Оваа вежба го имитира погодувањето на терорист во главата додека тој користи заложник како штит.

Воен снајперист се обучува да работи на растојание од еден километар. Тука задачата е само да ја погоди целта зашто калибар на пушка со таков дострел е доволен за да раскине парчиња од телото ако ја погоди целта, така што непријателот во секој случај умира од губиток на крв.

Кога те испраќаат да го обезбедуваш претседателот или на фронт против Исламската држава?

Тактичко боево гаѓање на снајперски двојки во Воронешката област

Доколку сè се одвива според „идеалната“ варијанта и ти до својата 27 година веќе си припадник на ССО, тогаш те испраќаат на дополнителна обука за снајперисти и на 30 години те испраќаат со единица на извршување задача. Иако, всушност, веќе ќе бидеш и постар.

Тука човек мора да биде сосема зрел. Кај снајперистите не се цени лудата храброст и мускулите, ами лукавоста и вештината, Луѓето со текот на времето стануваат поспокојни и започнуваат разумно и до детали да ја проценуваат ситуацијата во зоната на воени дејствија, и воедно не ги преценуваат своите способности.

Избувливост на карактерот на снајперистот му е потребна само во определени тешки ситуации кога нема време за расудување, ами кога мора да дејствува. На пример, доколку твојот другар е ранет или ако си откриен и мораш итно да се повлечеш.

Како да определиш кога и кого треба да убиеш?

Снајперист на ѕидините на московскиот Кремљ наспроти почетокот на воена парада

Во нашата држава работата на снајперистите е пропишана со федерален закон. Во нашата работа нема поделба на непријателот според возраста, полот, расата и бојата на кожата. Едноставно речено, доколку група снајперисти на настан што го обезбедуваат забележат деца или трудница со автомат или со граната во рацете, стрелецот ја ликвидира целта без одлагање.

Снајперистите бараат терорист во толпа на положбите околу, но исто така бараат и агенти во толпа. Овие агенти се обучуваат да го препознаат непријателот на лице место според психолошки показатели и според однесувањето, и на прв поглед да сфатат кое оружје и експлозив ги носи. И уште ги учат опасноста да ја отстрануваат без бука, така што нема да го привлечат вниманието на луѓето наоколу и да не предизвикаат паника. Ако не успеат во тоа, тогаш работата ја презема група снајперисти.

Често снајперистот самиот мора да донесе одлука дали треба да пука или не зашто командирот на командирот на групата не е секогаш во состојба да ја процени ситуацијата. Никој нема да пука во некого туку-така.

На пример, некој терорист сака да активира бомба во толпа. Групата тоа го забележува и тогаш носи одлука дека треба да го неутрализира. Во градски услови не мора секогаш да ја убиеш целта, често е доволно да ја оснеспособиш за да не може да го активира детонаторот или да отвори оган од автомат.

Гарантиран резултат дава само пукањето во глава. Тоа е моментално онеспособување и смрт. Приказната за срцето и останатото се глупости. Но, кога човек се движи, згора на тоа во толпа, тогаш снајперистот треба да определи кој куршум во кој момент да го примени, за да не закачи некој друг.

Тешко ли е да се убие човек?

Учесници на натпреварот во полициско снајперско гаѓање „Апсолутна прецизност“ во Московската област

Не. Сето она што сте го гледале на филмовите за нервен слом кај главниот јунак и за неговите кошмари – сето тоа е лага. За оваа работа се избираат луѓе со определена обука. Ние мирно спиеме ноќе и не чувствуваме никаква грижа на совеста.

И сите оние приказни за Крис Кајл (легендарниот американски снајперист кој во Ирак уби 255 непријатели) се драматизирани за потребите на филмот. Сите воени и полициски снајперисти живеат спокоен живот по убиство.

Цена на грешката

Снајперисти за време на акцијата „Бесмртниот полк“ на Денот на победата

Доколку си згрешил и си убил цивил, одиш на воен суд каде се спроведува истрага во правните рамки на твојата земја. Во Русија за тоа можеш да заглавиш во затвор 15 години.

Сепак, треба да се истакне дека секој случај е посебен и зависи од единицата во која работи човекот, и од ситуацијата во која дошло до инцидентот.

Колку заработува еден снајперист?

Припадник на специјалниот одред за брзо реагирање на Управата на Росгвардија за Белогородската област на тактичко-специјалистичка воена вежба

Сè завиди од единицата и од должноста.

Во регионалните единици еден снајперист заработува 70.000 рубли (1.000 американски долари) месечно, а во престолнината 120.000 рубли (1.5000 американски долари).

Теренските дневници варираат. Се случува снајперисти од различни единици да бидат испратени на исто место и да вршат иста работа, а кога ќе се вратат да добијат „додаток“ до 3.000 до 30.000 американски долари.

Сè зависи каде служиш. Но, луѓето не ја избираат оваа професија поради парите, ами затоа што сакаат „екшн“. Тие едноставно го сакаат целиот тој процес.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња