Трка по американскиот „Змеј“: Русија започна со изградба на вселенскиот брод на иднината - „Арго“

AFP
Се работи за вселенски транспортен брод кој ќе овозможи ефикасна достава на товар на Меѓународната вселенска станица. Неговата функција ќе биде двојна. Тој нема само да доставува товар што се мери во тони, туку ќе има можност истиот да го враќа и на Земјата. Во прашање е технички многу сложен проект, за чија реализација е потребно да се овладее со технологијата на изработка на корпусот на леталото, кое во поголемиот дел се состои од композит.

„Повеќекратни транспортни вселенски системи“ започнаа со проект на изградба на корпусот за прототипот на вселенскиот брод на иднината „Арго“, соопшти за веб-порталот РИА „Новости“ претседателот ан советот на директори на руската компанија Сергеј Сопов.

„Потпишан е договор кој овозможува изработка на композитен корпус за прототипот на вселенскиот брод. Во овој момент заедно со специјалистите на компанијата-произведувач се работи на проектирање и конструирање на опремата која ќе се користи за непосредна реализација на изработката на корпусот на леталото“, изјави топ-менаџерот на компанијата, пренесува веб-порталот „Лента.ру“.

Сопов напомена дека композитниот корпус на прототипот на вселенскиот брод „Арго“ ќе биде направен во СР Германија, бидејќи Русија во овој момент ја нема соодветната технологија за негова изработка. По прототипскиот примерок, во план е композитниот корпус на леталото да се произведува на територијата на Руската Федерација.

„На овој начин, прототипот на корпусот на леталото ќе биде подготвен, со дополнителна интеграција на неопходната опрема, да ја започне фазата на копнени испитувања во првата половина на 2021 година“, истакнува Сопов.  

Во септември 2019 година веб-порталот РБК дојде до информација дека „Роскосмос“ има намера да почне со финална реализација на изработка на повеќекратниот вселенски транспортен брод „Арго“, кој треба да му стане конкурент на американскиот пандан Dragon (Змеј) што го произведува компанијата SpaceX.

Повеќекратниот транспортен вселенски брод „Арго“ ќе има задача да доставува неопходен товар на Меѓународната вселенска станица. Неговите технички можности ќе овозможуваат достава на 2000 кг товар до орбиталната одредница, но и враќање на и до 1000 кг товар на Земјата. Вселенскиот брод првенствено ќе се состои од материјали врз база на композит. Дури 58% од корпусот на леталото ќе бидат изработени од овој материјал. Првото тестирање на вселенскиот транспортен брод „Арго“ е планирано да се изведе до крајот на 2024 година.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња