Руски авторитети од областа на военото воздухопловство ги споредија Су-57 и F-35 Lightning II

Слободан Ѓукиќ
На воздушната парада која се одржа над Црвениот плоштад во Москва учествуваше и една формација ловци од петтата генерација Су-57. Новото летало претставува единствен модел борбен авион кој според своите техничко-тактички карактеристики го надминува својот директен конкурент F-35 Lightning II. Ова во интервју за информативната куќа РТ го соопштија руски воени пилоти.

Проблеми кои се јавуваат при надзвучните брзини

Во ексклузивно интервју за информативната куќа РТ рускиот воен пилот повеќенаменскиот ловечки авион од петтата генерација Су-57 го нарече специфичен авион во целиот свет кој може да применува ракетно вооружување за време на различни вредности на брзината на летот и на неговата висина. Овој квалитет во конкретниот случај не го поседува еден од главните конкуренти на овој авион, американскиот повеќенаменски ловец од петтата генерација F-35 Lightning II.

„Многу релевантни информации кои се поврзани со техничко-тактичките карактеристики на ловецот Су-57 се наоѓаат во режим на строга воена тајна. Но, јас можам слободно да кажам дека кога станува збор за експлоатацијата на нашиот авион за време на неговата борбена примена во различни дијапазони на брзина и на висина, тука едноставно не постои ограничување“, вели за информативната куќа РТ заменикот на командирот на пилотажната акрогрупа „Стрижи“, воениот пилот од прва класа Владлен Русанов.

Како што пренесува Интернет-порталот Marsonline, американски пилот додал дека авионот во режим на дополнително согорување може да оствари брзина од 2.45 маха. Во бесфорсажен режим на летот тој достигнува брзина и до 2 маха, односно е двапати побрз од брзината на звукот. Истовремено американскиот F-35 Lightning II има голем број ограничувања кога станува збор за лет во надзвучен режим на работа.

За овој проблем неодамна пишуваа и американските медиуми, конкретно Интернет-порталот Defense News. Тој во својот статус наведува дека ловецот F-35 Lightning II (поточно верзиите B и C) имаат сериозни проблеми за време на летот на големи височини и при надзвучна брзина. Конкретно, доаѓа до деформација на вертикалните стабилизатори, а поради отпор страда и специјалната облога што овој авион и го прави невидлив, односно стелтен.

„Американците сè уште го немаат остварено резултатот со кој нивниот авион (се мисли на F-35 – заб. ред.) ќе оствари брзина која е поголема од 1.4 маха. Исто така тој не може да оствари стабилни услови на лет над оваа граница, што е од круцијална важност за извршување на борбените задачи за кои е и наменет. Во оваа есенцијално важна способност рускиот Су-57 без никаков сомнеж има значајна предност пред американскиот FR-35“, категоричен е Русанов.

Су-57

Пилотот подвлече дека брзинскиот лимит на американскиот ловец е во колизија со концепцијата на изведување модерна воздушна борба што е основна карактеристика на ловечките апарати. Тој подразбира оперативна детекција на непријателот на големи далечини, напад на максимално дозволени дистанци, и избегнување на влегувањето во зоната на дострел на непријателските ракети. Квалитетот на брзината е еден од клучните фактори на успехот во воздушната борба. Тој на авионот му овозможува брзо да ја напушти зоната на детекција и да избегне напад од авионски ракети, како и да преземе определени дефанзивни маневри. Конкретно, оваа задача мошне поефикасно би ја извршил рускиот Су-57 во однос на својот западен ривал.

Според Русанов, средбата на овие два авиони на блиско растојание, поточно во зоната на видливост не може да биде исклучена. Но, ваквото сценарио е малку веројатно. Едноставно, денешниот квалитет на ракетно вооружување, авиониката и средствата за радиоелектронска борба во голема мера ја намалуваат можноста за влегување во класичен догфајт.

Уште една значајна предност на ловечкиот авион Су-57 во однос на американскиот аналог е и можноста за носење поголем борбен товар. Имено, руските авиони можат да пренесат и до 10 тони воздухопловно борбено вооружување од различен тип, додека F-35 има капацитет за арсенал до 8 тони.

Покрај тоа, самата примена на ракетното вооружување на авионот Су-57 практично не може да биде детектирана од страна на непријателот. Ваквиот ефект е резултат на специфичната геометриска конструкција на леталото и примената на композитните материјали, особено на делот од авионот каде се сместува вооружувањето. Ова е особено индикативно за време на употребата на ракета од класата „воздух-воздух“ со краток дострел. Кога станува збор за ракетите од среден и голем дострел, тие се лансираат со помош на специјален катапулт.

„Огромна предност на Су-57 е и поголемиот агол на пребарување на главната радарска станица. Тој овозможува побезбедна употреба на ракетите кои се опремени со самонаведувачки боеви глави“, истакнува Русанов. Како што истакна соговорникот на информативната куќа РТ, на сегашните оперативни авиони пилотот е должен ракетата да ја насочи во правец на непријателот сo помош на радарски сноп. Ова во голема мера го спречува авионот за време на процесот на гаѓање да изведува маневри.

Су-57

Пилотот кој управува со ловецот Су-57 исто така мора да ја насочува ракетата кон својата цел, меѓутоа напредниот радар му овозможува да изврши отстапувања/маневри и до неколку десетина аголни степени од таканаречената линија на гаѓање. Вакви можности нема американскиот ловец од петтата генерација F-35, и според рускиот пилот, тој е фиксиран за една позиција за целото време на гаѓање. Тој може да ја напушти зоната на уништување дури кога ракетата ќе ја достигне зададената цел.

Небезбедна експлоатација?

Кон крајот на април американскиот Интернет-портал Defense News објави текст кој се повикува на изјавата на информативните служби на координацискиот центар кој е поврзан со програмата за развој на американскиот повеќенаменски ловец од петтата генерација F-35. Овој координациски центар се наоѓа под јуриздикција на Пентагон. Тие во врска со ова рекоа дека е намалено максимално дозволеното време за време на летот на големи брзини. Причината за оваа шокантна информација е детекцијата на проблеми со вертикалните стабилизатори кои се појавуваат за време на достигнувањето на надзвучни брзини на летот.

Како што наведуваат новинарите, Министерството за одбрана на САД одбило овие авиони да ги испрати на нов циклус преправки, и наместо тоа решило едноставно да ги намали неговите дозволени летно-експлоатациски карактеристики.

„Експлоатацијата на ловецот F-35 на надзвучна брзина е небезбедна. На овие брзини постои голема можност да се појават оштетувања од механичка природа. Меѓутоа, сакам да подвлечам дека овој дефект е забележан многу порано (уште кога е тестиран самиот авион), и дека ништо не беше направено за тој да се отстрани“, изјави за информативната куќа РТ пилот-инструкторот, мајстор на спорт за акробатско летање на млазни авиони и мајор на ВКС Андреј Краснопјоров.

Игнорирањето на овој проблем тој го објаснува со избрзаноста на американската воена индустрија и САД, за на Русија, но и на целиот свет, што поскоро да му ја демонстрира моќта и „апсолутната техничка супериорност“ на американската авијација.

„Концепцијата на ловецот F-35 предвидува негова употреба во зоните на надзучна брзина што вклучува: детекција на целта, нејзино зафаќање, нанесување удар и брзо извлекување на безбедна локација. Но, сега по сево ова се јавува оправдан сомнеж дека американскиот авион воопшто не може да ги исполни овие барања“, се прашува рускиот летачки ас.

Кранопјоров додава дека американското Министерство за одбрана на овој начин сака да избегне де факто да признае бројни грешки со кои се соочува овој проект. Пентагон сака да ја заштити воздухопловната компанија Lockheed Martin чиј најнов (и премногу скап, дополнување на преведувачот) производ очигледно не ги исполнува стандардите на целосен ловец од петтата генерација.

F-35

Учење на американските грешки

Заслужениот пилотски ас генерал-мајор Владимир Попив во разговор со новинарите од информациската куќа РТ рече дека F-35 во споредба со Су-57 има значајни недостатоци. И тој како еден од клучните недостатоци го наведе факторот на брзина. Истовремено, генерал Попов додаде дека американското летало има добри квалитети кога станува збор за неговата авионика и квалитетот на облогата што го прави невидлив.

„Ние и САД имаме различни авиоконструкторски школи, како и генерален поглед на употребата на авијацијата. Руските конструктори се насочени на развој на летало кое ќе се карактеризира со високи маневарски способности и голема брзина на летот. Американците се фокусирани на развој на летало кое има софистицирана авионика и висок степен на невидливост. Тука тие остварија значајни успеси, иако квалитетот на материјалот од кој е направен рускиот авион, како и блокот на неговата електронска опрема не отстапува многу од 'Американецот'“, истакнува Попов. Како што наведува експертот, уште е рано да се даде конечна оцена кога станува збор за успешноста на проектот за американскиот ловец од петтата генерација F-35. Меѓутоа, врз основа на досегашните информации се чини дека Су-57 има поголеми изгледи за успех од американскиот ловец.

Слично гледиште има и основачот на порталот Military Russia Дмитриј Корнев. Аналитичарот е уверен дека ние сè уште ги немаме сите податоци кои се неопходни за финално споредување на авионите Су-57 и F-35. Експертот потсетува дека руското летало сè уште лета со помош на моторот од четвртата генерација АЛ-41Ф1. Новиот мотор („изделие 30“) и понатаму се наоѓа во фаза на тестирање. Според рускиот експерт западниот ловец-бомбардер „боледува“ од недостаток на генерална сигурност и од непредвидливост на софтверот кој е основа на електронската компонента на овој авион.

„Кој авион на крајот ќе биде подобар, тоа може да го реши само реална воздушна борба. Да се надеваме дека двобојот помеѓу Су-57 и F-35 ќе се случи само во облик на математички симулации. И двата авиони претставуваат технолошки исклучително софистицирани борбени машини. Главната предност на рускиот борец лежи во неговата младост, зашто е очигледно дека нашите конструктори за време на неговиот развој успеале да ги детектираат сите негативни искуства на американските колеги, и на тој начин го сведоа на минимум потенцијалот на можните грешки“, истакнува Корнев.

Cу-57

Според мислењето на експертот, проектот F-35 стана жртва на ненаситната амбиција на САД да направи уникатен борбен авион кој би ги обединил најголемите технолошки достигнувања кога станува збор за воздухопловната техника. Но, неговите конструктори ја потценија сета сложеност на оваа задача и направија фундаментални грешки за време на правилниот избор на ресурси за реализација на овој проект.

„Поради хроничната потреба за постојано преправање и доработување на ова летало, во САД дојде до поместување на испораките на овој авион за потребите на американската војска. Не е баш јасно во која насока оди сето тоа: дали и понатаму да се вложуваат пари во проектот за модернизација на овој авион или да се започне масовна модернизација на ловците од четвртата генерација, или да се влезе во проект за развој на сосема ново борбено летало? Руските специјалисти мошне потрезвено гледаат на оваа проблематика. Тие успеаја да комплетираат авион кај кој многу подобро се избалансирани неговите клучни квалитети, што на крајот резултираше со зголемена борбена ефикасност“, резимираше Корнев.

F-35 е американски авион од петтата генерација. Неговото производство започна во 2006 година, а експлоатацијата во оперативните единици на военото воздухопловство во 2012 година. Се произведува во три верзии: стандардна верзија за военото воздухопловство на САД, верзија со скратено или вертикално полетување развиена за Корпусот на морнаричката пешадија, и палубна верзија за единиците на воената морнарица.

Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петта генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување огромен спектар на задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа како што се остварување апсолутна воздушна надмоќ над територија на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови кои се засилени со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и надзор на воздушен простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.

Неговиот прв лет беше реализиран во 2010 година. Авионот може да достигне максимална брзина од 2600 км/ч и да достигне долет до 4300 км. Неговиот напаѓачко-навигациски комплекс, кој е зајакнат со моќен радар со антенска фазна решетка, може истовремено да следи до 30 различни воздушни цели на оддалеченост од неколку стотици километри. За време на неговиот опитно-контрукторски развој беа направени 10 експериментални летала. Во меѓувреме, леталото помина низа сложени тестирања, вклучувајќи и блок тестирања во зоната на воени дејствија реализирани на сириското небо.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња