Актуелно: Русија започна со изградба на првиот „невидлив“ стратешки бомбардер ПАК ДА

Слободан Ѓукиќ
Во овој момент е во тек реализација на испораката на специјалните видови материјали за изработка на конструкцијата, а руските конструктори веќе почнаа да ја склопуваат пилотската кабина на бомбардерот. Исто така, се работи интензивно на тестирање на новиот мотор кој ќе има исклучителни тактичко-технички карактеристики. Тој ќе може да издржи ударен бран на нуклеарна експлозија и да му овозможи на леталото континуиран лет во траење од 30 часа.

Во Русија започна изградбата на новиот стратешки бомбардер од петтата генерација. Комплетниот проект се реализира во рамките на програмата „Перспективен воздухопловен комплекс со голем долет“, пренесува веб-порталот РГ.

Како што соопштува информативниот портал ТАСС, работата над конструкторската документација е завршена. Во овој момент е во тек реализација на испораката на специјалните видови материјал за изработка на конструкцијата од една фабрика која се наоѓа во состав на Обединетата воздухопловна корпорација. Почна и изградбата на пилотската кабина на бомбардерот. „Комплетната програма за склопување на леталото е проектирана за крајот на следната година“, се вели во соопштението на оваа новинска агенција.

Во декември минатата година заменик-министерот за одбрана на РФ Алексеј Криворучко соопшти дека проектот-скица на авионот е одобрен и дека започнала изградбата на деталите и главните делови за експерименталниот модел на ПАК ДА. Самостојно се реализираат и тестирањата на моторот¹ кој ќе го движи ова летало.

Стратешкиот бомбардер од следната генерација ПАК ДА на среднорочен план треба да ја замени постојната флота од бомбардери Ту-22М, Ту-95 и Ту-160. ПАК ДА  е проектиран врз основа на аеродинамична шема „летачко крило“ со максимална употреба на стелт-технологија, која ќе му овозможи да биде невидлив за непријателските радари. Станува збор за субсонично летало, со основна задача да го внесе авионот во простор од каде безбедно ќе се лансира ракета која ќе поседува елементи на вештачка интелигенција. Во зависност од тактичката ситуација, ракетата за време на летот самостојно ќе го одредува својот правец и формата на маршрутата до дестинацијата. Исто така, овој авион ќе може и самостојно да се штити бидејќи во вооружувањето ќе има цел арсенал тактички воздухопловни ракети од класата „воздух-воздух“, што ќе му овозможи му ефикасна борба со непријателските ловци на средни и долги далечини.

¹Во меѓувреме се дознаа и основните тактичко-технички карактеристики на перспективниот мотор за стратешкиот бомбардер од следната генерација ПАК ДА што го развива Обединетата корпорација за производство на авионски мотори ОАК. Целиот склоп на моторот ќе може да издржи ударен бран на нуклеарна експлозија. Моторот ќе биде функционален во температурен опсег од -50 до +60 степени Целзиусови и ќе обезбеди континуиран лет во траење од 30 часа. Неговиот употребен ресурс ќе биде ограничен на 12 години, со можност за продолжување на неговиот животен век (генерален ремонт и модернизација) на 21 година. Потисната сила на моторот ќе изнесува 23 тони.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња