Русија на светскиот пазар пласира радар што открива хиперсонични ракети

Министерство за одбрана на Русија
Чисто руска разработка, радарот може да открива цели кои летаат со брзина до осум илјади километри на час на растојание до 450 километри.

Најголемиот руски специјален извозник на оружје „Рособоронекспорт“ (дел од корпорацијата „Ростех“) почна маркетинг кампања за пласман на светскиот пазар за оружје трикоординатната мобилна радиолокациска станица 59Х6-ТЕ развиена и произведена од АД ФНПЦ ННИИРТ.

Како што се наведува во соопштението, радарската станица може да ги одреди дометот, азимутот и висината на летот на целта, да открива објекти кои летаат со брзина до осум илјади километри на час и на растојание до 450 километри, а по откривањето ги разменува радарските информации со системите на автоматизираните средства. Системот може да работи во услови на радиолокациско попречување и да ги пеленгира неговите извори.

Станицата има, како што се истакнува во соопштението, автоматски и полуавтоматски режим на фаќање и следење на воздушни објекти. Покрај хиперсонични цели, радарот е во состојба ефикасно да открива и аеродинамични и балистички објекти. Во состав на радарската станица е и опрема за препознавање на откриените воздушни објекти во меѓународните системи за радарско препознавање Мк-ХА и АТС РБС.

Во режим на реално време таа може истовремено да следи најмалку илјада објекти и да препознава осум класи на цели, велат од „Рособоронекспорт“.

Во развојот на извозната варијанта на радарот, како што се наведува, водено е сметка за сé поголемото значење на средствата за противвоздухопловна одбрана за осигурување на безбедноста на државата и потребата на странските купувачи да се зголемат извидувачките можности на единиците за ПВО.

Според генералниот директор на „Рособоронекспорт“ Александар Михеев, се очекува голем интерес за новиот радар во државите од Азиско-тихоокеанскиот регион, на Блискиот Исток и во северна Африка.

Претходно заменик-министерот за одбрана на Русија Алексеј Криворучко изјави дека бродскиот комплекс со најновата хиперсонична ракета „Циркон“ ќе влезе во вооружувањето на руската војска во 2021-2022 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња