Хибридна артилерија: како Иранците интегрираа американска хаубица на советски БМП-1?

Sonia Sevilla / commons.wikimedia.org
Иранската воена индустрија направи хибрид од советското борбено возило на пешадијата БМП-1 и американската хаубица М109 која се произведува во НАТО калибар 155 мм. Американските аналитичари се скептични кога е во прашање борбената функционалност на вака дизајнираното орудие.

Иранската компанија DIO, која е дел од наменската индустрија на оваа држава, самостојно го разви самоодното артилериско орудие Raad 2 (мак. „Гром“). Притоа американскиот веб-портал „Национален Интерес“ изрази сомнеж дека најновиот производ на иранската воена индустрија е всушност хибрид на американската хаубица М109 која е монтирана на гасенична платформа на советското борбено оклопно возило БМП-1.

Артилерискиот блок многу потсетува на американското орудие, како однадвор, така и во техничка смисла. Орудието монтирано на Raad 2 има слична гасна сопирачка како хаубиците кои употребуваат гранати со калибар 155 мм според стандардите на НАТО. Иранските извори напоменуваат дека Raad 2 за разлика од американскиот пандан има значително поголем дострел на гранатата (30 км наместо 18 км).

Одниот дел е позајмен од оклопното возило Boragh, кое всушност претставува иранска копија на советскиот БМП-1. Поради значителното зголемување на масата, зајакнати се и гасениците. Се смета дека подвижноста на орудието е обезбедена со интеграција на дизел-мотор од украинско потекло кој генерира поголема сила од стандардните мотори наменети за опремување на борбени возила на пешадијата. Според зборовите на американските воени експерти, изборот на платформата не е многу вообичаен кога се работи за самоодно артилериско орудие. Имено, конструкцијата на борбеното возило на пешадијата е таква што таа не нуди доволно простран простор кога е во прашање борбениот отсек на самоодната хаубица.

Компанијата DIO со помош на обратен инженеринг успеа да реализира голем број проекти за развој и производство на борбена техника која е испорачана на иранската армија. Рускиот веб-портал РГ напоменува дека при развојот на ова возило можела да се употреби и шасијата од основниот борбен тенк Т-72, што претставува пологичен заклучок.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња