Оваа информација неодамна ја пренесе информативната служба на Обединетата воздухопловна корпорација (ОАК). Таа во медиумите беше објавена во екот на пандемијата на коронавирусот, така што не наиде на голем одек во јавноста. Во меѓувреме треба да се истакне дека проектот за развој на нов лесен повеќенаменски суперсоничен ловец не започна вчера, како и дека е доволно созреан за да се премине од зборови на дело.
Русија има потенцијал во развојот и производството на борбени летала од оваа класа да биде лидер во светот. За жал, последните 25 години беа потрошени на бескрајни разговори дали на руската армија воопшто ѝ е потребен авион од оваа класа. Никако не се даваше да се премине од зборови на дело. За тоа време, сите останати земји кои имаат способност а какво-такво производство на современи летала успеаја самостојно или во меѓусебна кооперација да лансираат неколку типови лесни борбени авиони. Тоа пред сé се однесува на Јужну Кореја, Јапонија, Индија, Турција и Тајван. И во НР Кина во последните четвртина век проектираа и пуштија во производство три варијанти на лесни ловци. И сето тоа со мотори од руско потекло. Дури и САД, кои традиционално се многу скептични спрема борбените летала од оваа класа, активно се вклучени во нивен развој, пренесува веб-порталот РГ.
Американската корпорација „Боинг“ во соработка со шведската компанија СААБ го конструираше лесниот школско-тренажен суперсоничен авион Т-Х, кој многу успешно ја поминува програмата за тестирање. Постојат планови врз основа на него да се склопи и лесен борбен авион. Интересно е да се истакне дека овој авион има многу сличности со советскиот модел С-54 што го развиваше воздухопловната компанија „Сухој“ на преминот од 80-те во 90-те години од минатиот век. Треба да се напомене дека во тоа време во оптек беше конкурс за развој на ново школско-тренажно летало. Проектот за авион од оваа класата што ја носеше ознаката С-54 се покажа како одличен по разни параметри. Меѓутоа, набрзо конкурсот беше откажан, веројатно и поради добро познатите околности кои го снајдоа СССР во 90-години на минатиот век. Во секој случај, на тогашната воздухопловна команда овој авион ѝ се чинеше непотребен. Меѓутоа, по триесет години, Американците не се срамеа да ја позајмат не само формата, туку и речиси сите технички идеи на советските конструктори кои беа имплементирани во развојот на лесниот школски авион С-54. Притоа тие (се мисли на Американците и Швеѓаните) го третираат Т-Х како своја оригинална идеја.
Не помина многу време откако Американците ја претставија новата верзија на авионот-ловец F-18. Ова летало според тврдењата на Американците имаше пет новитети. Од тој број, минимум три беа и тоа како познати на советските воздухопловни конструктори и тие се користат веќе од првата деценија на 21 век. Тоа се однесува на конструкцијата на дополнителни резервоари за гориво, оптоелектронската станица (ОЛС) и радарот со активна фазирана решетка - АФАР.
На модифицираните верзии на ловецот МиГ-29СМТ е направено проширување на резервоарот за гориво што се наоѓа зад пилотската кабина (во вид на карактеристична „грба“ – заб. на прев.). На верзијата на ловецот што ја носи ознаката МиГ-29К е интегрирана можеби и најквалитетната оптоелектронска станица што се произведува во светот, а која работи во двоканален работен дијапазон (инфрацрвен и телевизиски). Конкретно, овој модел на оптоелектронска станица во Русија е развиен во првите години на 21 век. Уште посовршена верзија на оваа станица се наоѓа на ловците од генерацијата 4++ - МиГ-35 и Су-35.
На Запад се гордеат со своите нови воздухопловни радари кои се опремени со активна фазирана решетка АФАР. Меѓутоа, и руската воена индустрија оствари голем технички прогрес во оваа сфера. На почетокот на 21 век во Русија беше направен радар според технологија на АФАР. Овој радар првпат беше интегриран на авионот-ловец од генерацијата 4++ МиГ-35 и успешно тестиран при дејствија со убојни средства против воздушни и копнени цели. Неговата употреба значително ја унапреди ефикасноста на дејството при борба во воздушниот простор, но и при напад врз копнени цели на непријателот. За жал, ова летало и понатаму не е влезено во сериско производство и прашање е што ќе се случи со неговата перспектива.
Доколку зборуваме за напредна технологија која сé уште ја нема никој, тоа секако се однесува на развојот на мотор со серакурсни млазници кои му овозможуваат на авионот да изведува екстремни маневри. Со овој мотор е опремена верзијата на ловецот што ја носи ознаката МиГ-29ОВТ.
Значи, што се однесува до воздухопловната компанија МиГ РСК, креирањето лесен повеќенаменски борбен авион не би требало да биде нерешлива задача. Прво, треба да разјасните што воопшто означува категоријата „лесен ловец“ во воздухопловството. Според зборовите на воените експерти, масата на празен авион од оваа класа би требало да биде во опсег од 10-12 тони. Токму авионот-ловец МиГ-29 според своите габарити одговара на категоријата лесно борбено летало. Главната одлика на лесното борбено летало би требало да биде неговата повеќенаменска улога. Всушност, новиот авион би можел да ја реактивира лесната ловечко-бомбардерска компонента на борбената авијација која постоеше во советско време, а која денес е потполно исчезната. За време на СССР оваа компонента успешно ја претставуваа авионите МиГ-27 и Су-7Б, кои многу добро се покажаа во бројни конфликти ширум светот.
Активниот развој на новиот лесен суперсоничен борбен авион започна во компанијата МиГ на почетокот на 2000-те години, кога и беше одржан конкурсот за изработка на нов ловец. Конструкторите предлагаа да се продолжи со неговиот развој и по завршувањето на конкурсот, како и за таа цел да се издвојат одредени финансиски средства. Меѓутоа, командата на руското воено воздухопловство (ВВС) во тој момент заради штедење одби да го финансира овој проект. Во овој момент можеме да се надеваме дека ќе дојде до реактивирање на работата над лесниот авион-ловец. Потребно е да се помине од зборови на дело, поточно да се формира креативен тим од воздухопловни конструктори кои сигурно би постигнале исклучителни резултати кога е во прашање летало од оваа категорија.
Русија нема проблем да направи современо летало од оваа класа, особено поради тоа што за него има и адекватна гама мотори. Мотори од оваа класа одамна се произведуваат во петербуршката фабрика „Климов“. Вистина, во овој момент нејзиното производство е насочено кон извоз, поточно за потребите на НР Кина. Нивниот квалитет и сигурност на кинеските ловци покажа дека руските мотори се ненадминати во светски размери и дека можат да се употребат на различни типови борбени летала. Згора на тоа, новиот руски лесен повеќенаменски ловец сигурно би бил опремен со најмодерна верзија на мотор која се карактеризира со значително подобри карактеристики од извозната варијанта.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче