Објавена малку позната фотографија на беспилотниот советски „Јастреб”

Објавена е фотографија од првиот советски далекулетен суперсоничен беспилотен извидувачки авион Ту-123 „Јастреб”. На колор фотографијата со добар квалитет извидувачкиот комплекс се наоѓа на специјална рампа за полетување на камион-тегнач МАЗ-537 со полуприколка.

Фотографијата на дронот на млазен погон на социјалните мрежи ја објави руската Обединета корпорација за производство на авиони.

Проектот Ту-123 „Јастреб” е започнат на 16 август 1960 година во конструкторското биро „Туполев“, со оглед дека тие веќе имаа искуство со проектирањето на беспилотниот офанзивен авион-проектил Ту-121. Работата на проектот беше интензивна. Фабричките испитувања на млазното беспилотно летало завршија една година подоцна, а во септември 1963 година и државните испитувања беа приведени кон крајот, пишува РГ.

Советските конструктори успеаја да направат за своето време успешно летало за радио и фотографско извидување на објекти на оддалеченост од преку 3500 километри. Апаратурата на „Јастреб“ овозможуваше фотографирање во размер 200 метри на сантиметар. Радиотехничкото извидување е реализирано со длабочина на бочниот домет до 300 километри.

Распонот на крилата на Ту-123 беше 8,41 метри, должината 27,83 метри, а висината 4,78 метри. Максималната брзина му беше 2700 километри на час. Практичниот долет до 3580 километри. Висината на летање од 19 до 23 километри.

Млазното беспилотно летало полетуваше од рампа под закосеност со помош на стартни бустери на цврсто гориво ПРД-52. Во петтата секунда од летот двата бустера прекинуваа со работа и се одвојуваа од трупот на „Јастребот“. Активната фаза на летот ја обезбедуваше моторот КР-15-300. Во текот на летот фотоапаратите на авионот се вклучуваа и исклучуваа на команда. По извршувањето на задачата програмскиот комплекс Ту-123 го враќаше беспилотното летало на маршрутата за враќање на старт.

На растојание од околу 500 километри управувањето со „Јастреб“ го преземаше оператор. Кога дронот ќе се најдеше на зададената точка, доаѓаше до одвојување на отсекот со извидувачка и навигациска опрема кој со падобран се спушташе на предвиденото место.

До 1972 година во заводот за производство на авиони во Воронеж беа произведени 52 примерока на Ту-123. „Јастреб” со успех можеше да врши извидување практично на целата територија на Западна Европа. Меѓутоа, податоци за тоа не постојат, затоа што архивите носат ознака на доверливост. Во 1970 година беспилотното извидувачко летало ја заврши својата кариера, а Ту-123 почна да се користи како воздушна мета. Зачуван примерок на „Јастреб“ се наоѓа во музејот на Централниот аеродром „Фрунзе“ во Москва.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња