Во рамките на конструкторската работа на развој и тестирање на перспективни воздухопловни убојни средства од класата „воздух-земја“ и потенцијално „воздух-вода“ кои ќе бидат наменети за вооружување на модернизираниот суперсоничен бомбардер-ракетоносец Ту-22М3М со променлива геометрија на крилата, реализирани се испитувања на нова хиперсонична ракета. Ова во својот текст го соопшти информативната агенција ТАСС врз основа на проверено извори од руската воена индустрија.
„Неодамна реализиравме тестирање на нов хиперсоничен проектил наменет за вооружување на бомбардерот Ту-22М3. Ракетата ќе биде во арсеналот на модернизираната верзија на овој авион која ќе ја носи ознаката Ту-22М3М, заедно со останатите убојни средства кои исто така се наоѓаат во фаза на развој“, рече соговорникот на информативната куќа, пренесува веб-порталот anna-news.info.
Проектот за развој на хиперсонична ракета наменета за опремување на модернизираната верзија на суперсоничниот бомбардер-ракетоносец Ту-22М3 започна пред неколку години. Тестирањето на комплексот во полн капацитет се очекува по завршување на работата над модернизација на бомбардерот на стандардот Ту-22М3М.
Хиперсоничната ракета според својата конструкција е потполно нов тип на проектил. Таа не претставува евентуална модернизација на оперативните ракети со голем дострел Х-22/Х-32. Основните тактичко-технички карактеристики на ова оружје засега не се познати, поточно се наоѓаат во режим на најстрого чувана тајна.
Пред две години се појави информација за работа на адаптацијата на хиперсоничниот ракетен комплекс „Кинжалл“. Оваа ракета според тие информации требаше покрај специјалната модификација на ловецот-пресретнувач МиГ-31К да се најде и на бомбардерите Ту-22М3.
Притоа беше соопштено дека бомбардерите од овој тип би можеле да носат на своите носачи и до четири ракети од типот на „Кинжал“. Според информациите на веб-порталот anna-news.info, варијантата на ракетата која би одела за Ту-22М3 би имала и поголем дострел (> 3000 км). Воените експерти кои се запознаени со оваа проблематика сметаат дека интеграцијата на комплексот на овие летала бара значително унапредување на неговата радиоелектронска опрема, како и зајакнување на носачите на кои ќе се закачуваат овие ракети.
Ту-22М3 е суперсоничен бомбардер со голем долет, кој може да се користи за различни типови борбени мисии. Во своето вооружување поседува широк спектар убојно оружје, од кое секако е најопасна ракетната компонента од класата „воздух-земја“ и „воздух-вода“. Широката палета вооружување му дозволува да се бори против голем број копнени и поморски цели на различни далечини. Во вооружувањето се наоѓа од 1989 година. Еден е од најмасовните бомбардери со голем дострел кој се наоѓа во состав на руската армија. Авиони од овој тип беа применувани и во операцијата на руската војска во Сирија.
Модернизираниот суперсоничен ракетоносец Ту-22М3М првпат полета кон крајот на 2018 година од аеродромот во градот Казањ, Руска Федерација. Кај него е реализирана толку обемна програма за модернизација што може да се каже дека се работи за целосно нов авион, кој од своите претходници не се разликува единствено според надворешниот дизајн кој помалку или повеќе остана ист. Авионот доби современи средства за навигација и врска, нов нишански комплекс за наведување најсовремени типови воздухопловни бомби и ракети (употреба на хиперсонични ракети „Кинжал“), како и комплетно нов електросистем.
Во близок временски период руското Министерство за одбрана планира да ја модернизира флотата од 30 авиони Ту-22М3 на стандардот Ту-22М3М. Секој авион ќе може да носи 2-3 ракети Х-32. Главен изведувач на работите ќе биде Казањската фабрика за авиони која е специјализирана за суперсоничните бомбардери од семејството Т-22М и Ту-160.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче