САД се загрижени поради Буревестник: Русите сакаат да ја исчистат орбитата од американски сателити?

Вадим Савицки/Global Look Press
Постојат услови Русија да работи на нов тип противсателитско вооружување. Овој комплекс се состои од минијатурни маневрирачки сателити кои се опремени со соодветно вооружување и со мал ракетен мотор, а неговиот интегрален дел е длабоко модернизирана верзија на ловецот-пресретнувач МиГ-31БМ. Летачката платформа која претставува суперсоничен авион всушност го заменува првиот степен на космичките ракети, сметаат американските експерти.

Ова прилично вознемирувачка изјава ја даде Барт Хендрикс за американскиот Интернет-портал The Space Review. Уредниците на овој сајт на своите читатели им го претставија својот соговорник како „долгогодишен аналитичар на руската космичка програма“.

Кон крајот на минатиот месец Хендрикс за овој весник напиша поголем аналитички текст во кој собра голем број докази, вклучувајќи и фотографии, различни видови државни договори и информации од тестирања.

На самиот почеток пишува дека Русија интензивно работи на развој на противсателитски систем во рамките на специјалниот проект „Буревестник“. За разлика од другите проекти кои се поврзани со развојот на противсателитското оружје, во конкретниот проект „Буревестник“ за уништување на целта која се движи во орбитата не се употребува класично разорно средство, ниту боева глава со ударно дејство. Имено, руските научници работат на концептот на развој на микросателит-грабливец кој има за задача да „излезе“ во Земјината орбита и благодарение на своите маневарски способности да „допре“ до својата цел и потоа да го неутрализира.

Доказите што во таа пригода ги изнесе Хендрикс се мошне убедливи. Тој своите аргументи ги поткрепи со фотографии кои се појавија во септември 2018 година. „Воздухопловниот фотограф забележа нешто мошне интересно, што се наоѓаше во кругот на Летно-истражувачкиот институт „Громов“ кој се наоѓа во Жуковски“, пишува Хендрикс.

„Неговото внимание го привлече ловецот-пресретнувач МиГ-31 БМ кој на поттрупниот носач имаше голема црна ракета. Иако овој тип авиони е веќе одамна познат, ракетата беше нешто сосема ново. Фотографијата што се наоѓа на Интернет ги збуни нејзините набљудувачи. Проектилот беше значително поголем во однос на стандардните ракети од класата „воздух-воздух“ или „воздух-земја“. Таа според своите габарити одговара на ракета која е наменета за борба против сателити“, се наведува во текстот што го пренесува inosmi.ru.

Американскиот експерт потоа го сврте вниманието на мистериозниот „црн“ проектил. Тој изучи голем број достапни податоци и текстови кои се напишани во врска со развојот на новото противсателитско вооружување. „Истражувањето покажа дека овој проект е започнат на 1 септември 2011 година. Имено, врз основа на договорот кој е потпишан со државата, главен изведувач на работата за развој на новото оружје е компанијата „КБ машиностроенија“. Оваа компанија е оддалечена од Москва 100 километри и нејзина главна задача е развој на нова генерација руско оружје. Се смета дека оваа компанија е главен координатор во целиот проект“ (во него учествуваат повеќе компании – заб. авт.)

Во мај 2019 година ПАО „Сатурн“ кој инаку се занимава со производство на сончеви панели и батерии, направи презентација во која се споменуваат два различни сателити, за кои се смета дека се приклучени на проектот „Буревестник“. Американскиот автор смета дека овие сателити се наоѓаат во боевата глава на ракетата која е забележана на фотографијата (МиГ-31БМ).

Според американскиот автор, можеби и најубедлив доказ дека Русија интензивно работи на ново противсателитско вооружување е фактот што оваа држава од 2013 година реализира орбитални тестирања на таканаречени инспекциски сателити кои можат да маневрираат во орбитата, односно да им приоѓаат на космичките апарати со цел да проверат евентуални оштетувања. Токму ваквиот тип орбитални летала мошне лесно можат да се конвертираат во борбен сателит кој наместо инспекција на своите сателити ќе „лови“ противнички апарати со цел нивна ликвидација.

„Анализата на достапните руски извори кои се наоѓаат на Интернет практично не оставаат никаков сомнеж дека ловецот-пресретнувач МиГ-31БМ е мошне важна алка од амбициозниот проект за создавање ефикасно противсателитско оружје која се реализира во рамките на програмата 'Буревестник'“, наведува Хендрикс.

„Буревестник“ не е единствениот руски противсателитски систем кој се развива во оваа држава. Пред петнаесетина дена Русија тестираше противсателитска ракета за што се огласи и космичката команда на Армијата на САД.

ПЛ-19 „Нудољ“ е називот за системот кој е наменет за пресретнување сателити со директно лансирање во орбитата. Постигнувањето големи височини (орбитата) е наједноставниот начин противсателитското оружје да се наведе кон целта. Тоа е обична космичка ракета од среден габарит, која главно се користи за испорака на космички товар со мала тежина до Земјината орбита. Овие ракети се поевтини за развој и за самата оперативна примена, меѓутоа нивната употреба е можна само против космички апарати кои се движат во ниската Земјина орбита.

Испитувањата на овој систем е исто така таен дел од поширокиот проект „Буревестник“ што јасно ни говори дека Русија интензивно работи на развојот на борбени системи кои ќе имаат функција и во космосот, смета американскиот експерт.

Русите за системот „Нудољ“


Како што соопштуваат од руското Министерство за одбрана, модернизираниот ракетен систем А-235 со ракети „Нудољ“ е наменет за борба против непријателските ракети и сателити. Тој е конципиран за ефикасно да може да го брани градот Москва и неговата околина, како и виталните делови на Русија во кои се сконцентрирани населението и стопанството.

Станува збор за двостепена ракета на цврсто гориво која се транспортира во херметички затворен транспортно-лансирен контејнер, и стапува во борбено дежурство така што се спушта во специјален подземен ракетен силос.

Нејзините летно-ракетни карактеристики се на толку високо ниво што таа може да пресретне нуклеарни боеви глави и перспективни хиперсонични летала во блискиот космос и во стратосферата. Според своите вкупни карактеристики најновата противбалистичка ракета во голема мера го надминува претходникот, ракетата А-135 „Амур“. Тоа најдобро се одразува на нејзиниот максимален хоризонтален дострел кој во однос на ракетата „Амур“ е двојно поголем. А-235 „Нудољ“ може да уништи цел на оддалеченост од 1.500 километри со брзина на пресретнување која достигнува 10 маха (претходникот А-135 можеше да постигне 3.5 маха).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња