Руските воени експерти го коментираа борбеното тестирање на тенкот „Армата“ во Сирија

Евгениј Битјаов/Sputnik
И додека руските власти мошне штуро ја известија јавноста за борбеното тестирање на тенкот „Армата“ во Сирија, воените експерти ги изнесоа своите мислења за квалитетот на самиот тест. Накусо, нивна заедничка оцена е дека рускиот тенк од новата генерација во следната година ќе добие свој финален облик и ќе се започне со сериско производство.

Новиот руски основен борбен тенк Т-14 „Армата“ беше успешно тестиран во Сирија, изјави за руската државна телевизија „Росија 1“ министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров. „Да, точно е. Тие (мили на тенковите „Армата“) беа во Сирија“, одговори во таа пригода министерот на прашањето на новинарката.

„Тестирањето во борбени услови кое се реализираше во Сирија даде поширока слика за ова средство“, рече министерот Мантуров и додаде дека масовното производство и испораката на овие тенкови на единиците за руската армија ќе започне следната година.

Тој во емисијата не зборуваше за причините зошто се доцни една година со програмата за опремување на копнените единици со новиот тенк (првобитно беше планирано тоа да се случи во 2020 година како почеток за воведување на тенковите од новата генерација во редовите на руската армија). „Неговата висока цена е една од причините зошто Т-14 минува низ серија дополнителни тестови и модификации што ги наложи Министерството за одбрана, за врз основа на парафираниот договор да може следната година да започне сериското производство“, изјави Мантуров.

Борбено искуство

Министерот исто така одби да ги коментира изјавите кои се однесуваат на остварените резултати на овие тестови, особено кога станува збор за однесувањето на оваа мошне софистицирана техника за време на огнениот контакт со непријателот, во пустинските услови каде владеат високи температури.

Определени експерти се посомневаа во квалитетот на борбеното тестирање во Сирија зашто едноставно противничката страна нема адекватно оружје кое може да му парира на овој тенк: „Борбените системи како што е тенкот 'Армата' немаат што да прават во Сирија. Ова оружје е пред сè конципирано за конфронтација со најсовремените тенкови на денешнината, кои се наоѓаат во современите армии на Европа и САД: со Абрамсите и со Леопардите. Се поставува оправдано прашање против што се тестирани неговите борбени можности. Против милитантите кои во борбите користат пикап-возила, и дејствуваат од митралез“, се запраша Дмитриј Литовкин, главен уредник на списанието Independent Military Review кој даде интервју за нашиот медиум.

Според мислењето на овој стручњак руската армија во својот состав има тенкови Т-72Б3 и од неодамна Т-90М „Пробој“ кои се стационирани на просторот на воздухопловната воена база „Хмејмим“. Квалитетот на овие тенкови е повеќе од доволен за да се избори со сите закани кои можат да се појават на територијата на Сирија. Ова особено се однесува на тенкот Т-90М „Пробој“ кој во својот пакет на длабока модернизација има елементи што ги поседува и „Армата“, вклучително и системот за управување со оган и комплексот за полуавтоматско наведување, како и основниот топ.

T-90M

Професорот Вадим Козјулин кој работи на Руската воено-техничка академија има поинакво мислење.

„Војската има пари за такви нешта. Тоа не е проблем. Тестирањето на движечкиот дел од тенкот (тркалата и гасениците), неговата оклопна заштита е целосно различна во реални (борбени) услови, одошто на полигонот за тестирање“, вели професорот. Како што појасни тој, овие сектори на тенкот „Армата“ мораат да бидат зајакнати со поставување дополнителна оклопна заштита.

„Ова ќе го заштити возилото од најразорното противтенковско вооружување како што се проектилите испукани од рачни ракетни фрлачи и противтенковски системи со наведувачки ракети. Новиот тип на оклоп е дизајниран да деформира боева глава на проектил и да апсорбира дел од енергијата која се јавува по експлозијата. Милитантите во своето вооружување ги имаат овие средства, така што руските инженери ги имаат собрано сите потребни информации кои ќе ги имплементираат на тенкот пред започнувањето на неговото сериско производство. Всушност, веќе следната година ќе го видиме изгледот на финалната верзија на основниот руски тенк од новата генерација“, додава Козјулин.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња