Руските падобранци први на светот скокнаа на Арктикот од висина од 10 километри (ВИДЕО)

Министерство за одбрана на РФ/Global Look Press
Историскиот падобрански потфат е изведен на подрачјето на архипелагот Земјата на Франц Јозеф.

Руските падобранци први во историјата скокнаа од авиони Ил-76 на висина од 10000 метри во арктички услови на подрачјето на архипелагот Земјата на Франц Јозеф, соопшти информативната служба на Министерството за одбрана на РФ.

„Три екипажи на военотранспортната авијација го обезбедија првото десантирање на падобранските единици од висина од 10000 метри во арктичкиот појас. Покрај тоа, екипажите на Ил-76 ги спуштија авионите на најсеверниот руски аеродром Нагурско на островот Александрина земја на архипелагот Земјата на Франц Јозеф“, прецизираат од министерството.

Во текот на маневрите во екстремни арктички услови се тестирани средства за десантирање од големи висини, меѓу другото и нова генерација падобрански системи за специјална намена, индивидуална падобранска опрема за кислород, опрема за навигација, специјален прибор и униформа.

„Извршувањето на ваквата задача до неодамна беше речиси неистражено. За да се обезбеди десантирање од големи висини беа извршени подготовки во кои пилотите на военотранспортната авијација имаа соодветни тренинзи во своите бази. Пред овој потфат беше увежбан лет на висина од 10000 метри во соодветните режими“, рече командантот на военотранспортната авијација, генерал-потполковник Владимир Бенедиктов.

Според него, на тие тренинзи е проучена можноста за управување со авионот и неговото однесување во тие услови, како и работата на авионската опрема и моторите, бидејќи летот на гоелми висини со конфигурација што подразбира десантирање е мошне специфичен. Покрај тоа, арктичкиот појас дополнително ја отежна работата на екипажот и навигациската служба, затоа што летот се изведува на терен каде што нема ориентири ниту средства за навигација од земја, додаде Бенедиктов.

„И најпосле, требаше да се испочитуваат сите параметри на летот и да се стигне точно во означената зона на десантот во строго одредено време, без оглед на променливите и нестабилни временски услови и силината на ветрот“, истакна тој.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња