Ризичен авион што го сакале пилотите: Зошто СССР во Авганистан тестираше необично оружје?

RIA Novosti archive, image #477421 / Vladimir Rodionov / CC-BY-SA 3.0

Првиот советски сериски авион со вертикално полетување и слетување ЈАК-38 е испратен на тестирање во Авганистан три години откако беше примен во составот на вооружувањето. На прв поглед тоа беше необична одлука. Имено, Јак-38 е проектиран како авион за морнаричката авијација и беше мошне чувствителен на топлина. Една година подоцна, за време на походот на носачите на авиони „Киев“ и „Минск“ до брегот на Либија (каде требаше да се покаже пред Шестата флота на САД), моторите за полетување на овие офанзивни авиони не можеа да се запалат штом леталата се најдоа во тропскиот појас.

Меѓутоа, на советските сили кои тукушто беа стасале во Авганистан им беше потребна воздушна поддршка, а во неразвиената планинска земја имаше малку аеродроми, па воената команда одлучи дека тоа е вистинско место за тестирање на Јак-38. Се сметаше дека авионот може да полетува од мали бетонски писти или од површини покриени со метални аеродромски плочи. На 18 април 1980 година транспортни авиони Ан-22 префрлија на аеродромот Шинданд на северот на Авганистан четири Јак-38, обоени во необична кафеаво-зелена камуфлажна боја. На истиот аеродром од Ахтубинск долетаа два Су-25, кои сè уште не беа примени во составот на вооружувањето. Експерименталната ескадрила го доби називот „група Ромб“. Летовите започнаа веќе следниот ден, пишува РГ.

Недалеку од аеродромот за Јак-38 беше опремена писта за полетување долга 150 метри. Беа ископани ровови и во нив беа поставени метални аеродромски плочи, рововите беа посипани со песок, а врз нив беше поставена стаклена волна, па уште еден слој метални плочи. Овој „сендвич-аеродром“ изгледаше мошне безбедно, но по неколку летови песокта под плочите ја дувна ветар. Тоа мораше да се случи, зашто за време на полетувањето млазницата на авионот беше свртена вертикална, па струјата воздух удираше во пистата.

Сепак, за еден месец „групата Ромб“ изведе над 120 летови. Металната писта по шест летови беше напуштена и се користеше само бетонска. Освен пробните летови на кои се проверуваше како се однесува леталото во различни режими, имаше и борбени летови. На 29 мај за време на лет по жешко време офанзивниот авион со кој управуваше полковникот Јуриј Козлов немаше доволно потисна сила. Јак-38 со комплетна муниција падна на бетон од висина од седум метри и се запали. Ракетите во касетите под крилата почнаа да детонираат и да летаат на сите страни, Сето тоа се случуваше пред очите на првиот заменик-министер за одбрана на СССР Леонид Соколов кој командуваше со формацијата на советските сили во Авганистан.

Така беше завршена активноста на „групата Ромб“. Тестирањата официјално беа оценети како успешни, иако според ефикасноста на борбената примена Јак-38 заостануваше зад Су-25. Имено, идниот „Грач“ одлично се покажа и продолжи да лета на небото над Авганистан. А, високотехнолошкиот Јак можеше да носи само неколку ракети НУРС и две бомби тешки по 250 килограми, а имаше гориво за 40 минути лет. Авионот со погонски систем од три мотори од два различни типа стана познат по склоноста кон расипување. Техничарите ги префрлуваа моторите од еден на друг авион, обидувајќи се да постигнат избалансиран потисок. А, според вкупните карактеристики Јак-38 кој немаше ни радар, заостануваше дури и зад хеликоптерот Ка-29.

Можеби Јак-38 не се покажа како оружје, но многу им значеше на конструкторите на авиони. Кај него многу пред појавувањето на моторот со променлив вектор на потисок можеше да се развиваат суперманеварски режими на лет. Автоматскиот систем за спасување кој во вонредна ситуација го исфрлаше пилотот, не чекајќи негова команда, исто така беше револуционерен и спасуваше многу животи кои управуваа со ова ризично летало. Со ова е поврзана уште една епизода од животот на Јак-38.

На 4 март 1976 година за време на приемниот лет на серискиот Јак-38 пробниот пилот Владилен Хомјаков беше катапултиран од кабината на висина од околу 70 метри. Тој успешно се спушти на земја и почна со погледот да го бара своето летало. Тоа лебдеше на истата висина во режим на стабилизација. Кога го потроши горивото, авионот се спушти во полето.

„Пилотите кој Јак-38 имаа, ако може така да се каже, инспиративен однос. Го сакавме Јак и го сметавме речиси како ловец. Ниту едно друго летало не ни овозможуваше да летаме така како во Јак-38 и затоа му простувавме сè: и ризикот од дефект, и во прво време малиот долет, и скромните борбени можности. Секој лет на него беше вистинско доживување“, има запишано херојот на Русија, заслужениот пробен пилот Александар Раевски.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња