Актуелно: Рускиот тенк од новата генерација Т-14 „Армата“ испробан во Сирија?

Vitaly V. Kuzmin/www.vitalykuzmin.net
Руските тенкови од новата генерација Т-14 „Армата“ поминаа блок тестирања во воени услови на подрачјето на Сирија. Ова го изјави рускиот министер за индустрија и трговија Денис Мантуров. Пошироко за ова во продолжение на текстот...

Како што во интервјуто за рускиот државен канал „Русија 24“ кажа министерот за индустрија и трговија Денис Мантуров, во Сирија се реализирани тестирања на перспективниот руски основен борбен тенк од новата генерација Т-14, пренесува веб-порталот anna-news.info.

 „Да, тоа е точно... тие (се мисли на тенковите Т-14) беа во Сирија за подобро да се увидат сите нијанси на употребата на овој тенк во борбени услови. Како што им е познато на сите, токму во Сирија се реализираат вакви тестирања. Во целина, ова помага во конечното дефинирање на финалниот облик на тенкот“, рече Мантуров.

Неодамна генералниот директор на Научно-производствената корпорација „Уралвагонзавод“ Александар Потапов на конференција за печатот изјави дека е можно да се очекува новата генерација оклопна техника врз база на гасеничар „Армата“ да се испроба во Сирија.

„Ова прашање не е поврзано со производителот, туку за нарачателот-купувачот“, рече Потапов одговарајќи на новинарско прашање.

Во овој момент е извесно дека перспективниот тенк Т-14, кој се наоѓа на универзална гасенична платформа „Армата“, се наоѓа во завршната фаза на државните тестирања. До крајот на тестирањата не се очекуваат капитални промени кога е во прашање конструкцијата на тенкот.

Согласно информациите кои се одамна познати, руското Министерство за одбрана и „Уралвагонзавод“ планираат производство и набавка на 132 тенка на платформата „Армата“: Овој пакет нема да се однесува само на основните борбени тенкови Т-14, туку и на тешките борбени возила на пешадијата Т-15 и ремотно-евакуациските машини Т-16 (сите на платформа „Армата“). Претпоставката е дека првиот контингент тенкови ќе влезе во вооружувањето на руската армија наредната година.

ОБТ Т-14 „Армата“ практично според сите карактеристики ги надминува сите тенкови кои се произведуваат сериски во Русија и во странство. Неговата главна борбена карактеристика е навистина високиот степен на заштита составен од пасивна и активна оклопна заштита која според својот квалитет моментално нема пандан во светот, потоа одличната подвижност и проодност, како и големата огнена моќ.

Основното вооружување на тенкот е новата генерација тенковски топ со калибар 125 мм, со перспективна муниција и дигитализиран систем за управување со огнот. Сите „работни“ места на кои се наоѓаат членовите на екипажот се покриени со видеокамери и друга сензорика. Исто така, при неговата изработка е употребена технологија на редукција на топлотната и радарската рефлексија на тенкот, со што се добија високи „стелтни“ карактеристики на тенкот.

Главната намена на овој тенк е зголемување на ударната моќ на оклопно-механизираните единици на руската војска, борба против тешки оклопни цели на непријателот, негови фортификациски елементи во склоп на фронтот и утврдена жива сила.  

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња