Руската армија забрзано ја модернизира флотата стратешки транспортери Ан-124-400 „Руслан“

Слободан Ѓукиќ
Воздушно-космичките сили на Русија ќе добијат два модернизирани стратешки воено-транспортни авиони Ан-124 „Руслан“. Обемот и квалитетот на овие работи ќе го продолжи рокот на експлоатација на овие авиони во наредните неколку децении. Паралелно со овие работи руски проектни заводи работат на развој на супертежок транспортер за стратешка намена.

Ова за веб-порталот РИА „Новости“ го пренесе неименуван извор од руската воздухопловна индустрија, кој нагласи дека се работи за модернизација на тешките воздухопловни транспортери Ан-124-400 „Руслан“. Притоа тој не изнесе никакви дополнителни детали поврзани за времето до кога овие авиони треба да влезат во единиците на ВКС.

Според рускиот веб-портал РГ, уште во 2017 година стана збор за проект за модернизација на стратешкиот воено-транспортен авион Ан-124-400 „Руслан“. Комплетниот пакет модернизација би се засновал на компоненти од домашно потекло. Обновениот авион би добил нова радиоелектронска опрема, како и основни системи и агрегати кои се дел од ова летало. Обемот и квалитетот на овие работи би го продолжил рокот на експлоатација на тешките транспортери до крајот на петтата деценија на овој век.

Се смета дека досега три авиони Ан-124-400 „Руслан“ ја поминале етапата на капитален ремонт и модернизација. Овие програми се успешно завршени, а обновените летала минатата година се испорачани на единиците на ВКС. Целата програма за модернизација е реализирана во фабриката за воздухоплови во Улјановск.

 

Ан-124-100 претставува советски/руски тежок транспортер со голем долет кој спаѓа во транспортни летала од четвртата генерација. Неговата експлоатација почна во јануари 1987 година. Досега се произведени 55 вакви летала. Процените се дека едно летало чини околу 300 милиони долари.

 

Неговите димензии се навистина импресивни. Леталото е долго 69 метри со распон на крилата од 73метри. Тежината на празниот авион изнесува 178 тони, додека со товар и полни резервоари може да достигне 392 тона. Максималната носивост на авионот е 120 тони. Го движат четири маршевски двопроточни турбомлазни мотори Д-18Т кои генерираат сила од 229,85 кН. Со максимален товар авионот може да прелета 4800 км. Авионот има товарен отсек со запремнина од 1050 кубни метри. За подобро разбирање на димензиите на товарниот отсек доволно е да се каже дека е долг 36,5 метри и широк 6,4 метри. Висината од подот до плафонот изнесува 4,4 метри.

Руската воздухопловна индустрија работи на проект за развој на супертежок транспортер за стратешка намена

Во последно време можат да се слушнат информации дека рускиот воено-индустриски комплекс работи на изработка на проект на уште поголем авион, кој судејќи според планираните тактичко-технички карактеристики ќе може да се нарече супертранспортер. Пред сé, значително ќе биде зголемена неговата носивост која според проектот би требало да порасне за цели 60 тони. Ан-124 може да подигне товар до 120 тони, додека перспективното летало (шифра „Слон“) ќе може да понесе цели 180 тони. Товарниот отсек кој досега имаше запремнина од 1050 кубни метри ќе биде значително проширен, а на неговиот плафон ќе се најдат неколку шини за дигалки за товарање и истоварање на товарот тешки до 30 тони. Над товарниот отсек ќе се наоѓа дел за превоз на патници со капацитет до 100 луѓе.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња