„Огромно небо“: Како советските пилоти во 1966 година ги спасиле жителите на Берлин

Советски бомбардер Јак-28

Советски бомбардер Јак-28

Ralf Roletschek / Roletschek.at/Wikimedia Commons
Пред 54 години, на 6 април 1966 година, капетанот Борис Капустин и натпоручникот Јуриј Јанов направиле подвиг на небото над Берлин. На нивниот пресретнувач Јак-28П истовремено му откажале двата мотори и пилотите по цена на сопствениот живот го насочиле авионот во спротивната страна од станбените населби.

Тој ден советските пилоти имале помалку-повеќе рутинска задача – од аеродромот Финов во Источна Германија, каде бил базиран 668 бомбардерски авионски полк, да ги префрлат најновите авиони Јак-28П понатаму на запад, на базата на 35 ловечки авионски полк во Цербст. Целта била Западната група армии да се зајакне со најнови надзвучни летала кои дејствуваат на мали висини, имаат голема сила на потисок (ваков авион можел речиси вертикално да полета на куса писта) и најнова радиоелектронска опрема.

Од друга страна, новиот модел имал и доста недовршени конструкторски решенија, очигледно поради брзањето во условите на Студената војна, што предизвикувало разни дефекти.

Авионите Јак-28П биле на ремонт пред префрлањето во Цербст. Изгледало дека сите недостатоци се отстранети, така што одредот полетал од пистата и се вивнал во облаците. Капустин бил пилот на водечкиот авион. Тој по извесно време му соопштил на капетанот Подберјоскин кој летал во друг авион, дека се враќа и наредил да се продолжи летот според зададениот курс.

Излегло дека на „Јакот“ на Капустин истовремено му откажале обата мотори. Тоа е речиси неверојатно, со оглед на тоа што моторите работат независно еден од друг. Пресретнувачот нагло се свртел надесно и почнал да ја губи висината. Пилотите сфатиле колку е трагична целата ситуација откако авионот се спуштил низ долниот слој облаци, што значело дека падот ќе предизвика силна експлозија и дека ќе однесе многу човечки животи, доколку тоа се случи во станбена населба. Поради тоа и не се катапултирале.

Од разговорот помеѓу Борис Капустин и Јуриј Јанов кој бил дешифриран подоцна се дознало дека капетанот неколку пати му наредил на натпоручникот да се катапултира, но тој одбил да ја изврши наредбата зашто во тој случај ќе го попречел балансот во аеродинамиката на авионот и ќе било невозможно тој да се насочи во саканиот правец.

Пилотите се обидувале да ги стартуваат моторите, но безуспешно. Воедно барале соодветно место за принудно слетување. Најпрво помислиле дека тоа би можело да биде една шумичка (и тогаш имале шанси да се катапултираат), но кога се приближиле виделе дека тоа се гробишта, каде тој ден имало многу луѓе зашто Германците се подготвувале за Велигден. Тогаш го избрале езерото Штесензе. На него имало брана со сообраќајница, па Капустин ја повлекол рачката кон себе за да ги избегне автомобилите. Успеал во тоа, но затоа ја изгубил контролата и повеќе не можел да управува со летот. Авионот се урнал во водата.

Ова се случило во британскиот сектор на Западен Берлин. Војниците веднаш стасале на лице место и пристапиле кон извлекување на авионот. Новитетот на советската воена индустрија, тогаш сè уште под печатот на државна тајна, самиот паднал во нивните раце. Британците детално ги проучиле сите фрагменти, а особено радарот „Орел-Д“. Поради тоа под различни изговори го одложувале врачувањето на посмртните останки на погинатите пилоти на СССР. Тоа го сториле дури на 8 април.

Еден месец подоцна хероите биле постхумно наградени со орден Црвена ѕвезда, а во народното сеќавање се овековечени благодарение на песната „Огромно небо“ која набргу потоа се појавила и со години била неверојатно популарна во Советскиот Сојуз.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња