Руската армија префрли во Србија и системи за аеросолна дезинфекција (ФОТО+ВИДEO)

Министерство за одбрана на РФ
Утринава на воениот аеродром во Батајница кај Белград слета и последниот воено-транспортен авион Ил-76МД од составот на воздушно-транспортната група на руската армија. Овие авиони донесоа специјални средства кои обично се употребуваат во услови кога непријателот употребил оружје за масовно уништување (нуклеарно, хемиско или биолошко оружје) и каде конвенционалното вооружување не може многу да помогне.

Во прашање е универзалното повеќенаменско средство за аеросолна дезинфекција-КДА кое главно се употребува за неутрализирање на биопатогени во внатрешноста на објекти (згради, болници, касарни), но може да се употреби и за дезинфекција на надворешната средина кога станува збор за чистење на возила и средства за индивидуална заштита. Најсовремената верзија на ова возило се вика „Орлан“.

Што се однесува до комплексот “Орлан”, тој е воведен во вооружувањето на руската армија во 2015 година. Благодарение на неговата конструкција ова средство може да се примени во најсложени услови на експлоатација. За ефикасноста на ова средство најдобро сведочи податокот дека е во состојба за една минута во целост да деконтаминира простор со површина од 90 квадратни метри.

“Орлан” е наменет за ефикасна дезинфекција на различни типови возила, згради и останати затворени објекти, како и средства за индивидуална заштита. Целиот комплекс се наоѓа на шасија на камион КамАЗ-53501.

Во Србија исто така пристигнаа и товарни камиони КамАЗ-63501. Се работи за можеби најдобрите камиони во класата на транспортната воена техника. Овој камион го движи мотор 740.50-360 со сила од 360 коњски сили со 16-степена механичка трансмисија. Има погон 8х8.

КамАЗ-63501 се произведува и испорачува на единиците на руската армија од 2004 година. Овие возила имаат повеќенаменска улога. На нив може да се монтира повеќецевен ракетен лансер со калибар 300 мм (мод. 9А52-4 „Кама“). Руските конструктори направија специјална модификација на овие камиони за транспорт на влечни хаубици „МСТА-Б“ со калибар 152 мм. Оваа модификација ја носи ознаката КамАЗ-63501АТ „Мечка“ (Медведь).

Овие камиони исто така се користат како платформи за специјални возила во единиците за АБХО и инженериските единици. Неговата универзалност овозможува подеднакво да се употреби и во противпожарно-спасувачките единици

Покрај ова возило руската војска во Србија достави и повеќенаменски автоцистерни АРС-14КМ кои пред сé се наменети за дезинфекција на надворешни површини (дезинфекција на патни комуникации), но се употребливи и за деконтаминација на воена техника, транспортни средства и вооружување, вклучувајќи и создавање непроѕирна чадна завеса за заштита на оклопно-механизираните единици на фронтот.

Воздухопловна група составена од 11 воено-транспортни авиони Ил-76МД за помалку од 24 часа префрли специјален интервентен тим на руското Министерство за одбрана на територијата на Србија. Веднаш по слетувањето на авионите беше извршено нивно истоварување и овие единици многу брзо ќе бидат подготвени за употреба. Во тек е усогласување на двете команди (на војските на Русија и Србија) околу тактиката на употреба на овие сили кои подразбираат место и време на нивното ангажирање. Најверојатно локации на нивното ангажирање се очекува да бидат во жариштата на епидемијата регистрирани во Белград, Ќуприја, Ваљево, Нови Сад, Ниш, Крагуевац и Кикинда.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња