Тежок транспортер Ан-124 „Руслан“ достави во Србија 3,5 милиони заштитни маски од Кина

Слободан Ѓукиќ

Најголемиот сериски произведен транспортен авион на светот Ан-124 „Руслан“ слета вчеравечер околу 20 часот на аеродромот „Никола Тесла“ во Сурчин, Белград.

Според првичните информации, „Руслан“ долетал со товар што се состои од медицинска помош од НР Кина. Станува збор за заштитни маски за лице во количина од околу 3,5 милиони парчиња.

Пред неколку дена српското Министерство за внатрешни работи преку Владата на Србија побара конкретна помош од Русија во рамките на договорот за соработка меѓу Србија и Русија во вонредни ситуации.

Ан-124-100 претставува советски/руски тежок транспортер со голем долет кој спаѓа во транспортни летала од четвртата генерација. Неговата експлоатација почна во јануари 1987 година. Досега се произведени 55 вакви летала. Процените се дека едно летало чини околу 300 милиони долари.

Неговите димензии се навистина импресивни. Леталото е долго 69 метри со распон на крилата од 73метри. Тежината на празниот авион изнесува 178 тони, додека со товар и полни резервоари може да достигне 392 тона. Максималната носивост на авионот е 120 тони.

Го движат четири маршевски двопроточни турбомлазни мотори Д-18Т кои генерираат сила од 229,85 кН. Со максимален товар авионот може да прелета 4800 км.

Авионот има товарен отсек со запремнина од 1050 кубни метри. За подобро разбирање на димензиите на товарниот отсек доволно е да се каже дека е долг 36,5 метри и широк 6,4 метри. Висината од подот до плафонот изнесува 4,4 метри.

Во последно време можат да се слушнат информации дека рускиот воено-индустриски комплекс работи на изработка на проект на уште поголем авион, кој судејќи според планираните тактичко-технички карактеристики ќе може да се нарече супертранспортер. Пред сé, значително ќе биде зголемена неговата носивост која според проектот би требало да порасне за цели 60 тони. Ан-124 може да подигне товар до 120 тони, додека перспективното летало (шифра „Слон“) ќе може да понесе цели 180 тони. Товарниот отсек кој досега имаше запремнина од 1050 кубни метри ќе биде значително проширен, а на неговиот плафон ќе се најдат неколку шини за дигалки за товарање и истоварање на товарот тешки до 30 тони. Над товарниот отсек ќе се наоѓа дел за превоз на патници со капацитет до 100 луѓе.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња