Шојгу: Министерството за одбрана на РФ гради 16 инфективни клиники

Global Look Press
За изградба се издвоени 8,8 милијарди рубли, а болниците од 15 мај ќе можат да примат 1600 воени и цивилни пациенти.

Во контекст на ширењето на коронавирусот претседателот на РФ Владимир Путин ѝ наложи на војската изградба на 16 повеќенаменски медицински центри. За Министерството за одбрана на РФ изминатава недела се издвоени 8,8 милијарди рубли за изградба на овие здравствени објекти. На тој начин во 15 субјекти на Руската Федерација, во сите воени окрузи, ќе може да бидат изградени 16 инфективни центри на база на модуларни конструкции со метод на брза изградба. Ова на седница на владата го изјави министерот за одбрана на РФ Сергеј Шојгу.

„Би сакал да се заблагодарам за експедитивно издвоените средства за изградба на 16 инфективни центри со вкупно 1600 болнички легла“, рече Сергеј Шојгу на седницата на владата.

Според него, центрите ќе бидат изградени во Одинцово, Подолск, Нижни Новгород, Смоленск, Калининград, Пушкино во Ленинградската област, Ростов на Дон, Севастопол, Волгоград, Новосибирск, Омск, Оренбург, Улан Уде, Усуријск, Петропавловск Камчатски и Хабаровск.

Во центрите ќе работи медицински персонал кој ќе помине специјална обука и усовршување на Военомедицинската академија, а кому на располагање ќе му биде најсовремена опрема за анестезиологија, ендоскопија, компјутерска томографија, екстракорпорална мембранска оксигенација и сл. Целта на изградбата на 115 илјади квадратни метри површина во рекордно краток рок од 40 до 56 дена е, како што се наведува, осигурување на безбедноста на припадниците на војската и цивилното население.

Изградбата на инфективните центри започна на 20 март. Во овој момент се ангажирани 3000 луѓе, како и 750 единици техника, а работите се одвиваат деноноќно, рече министерот.

Како што истакна тој, до 30 април, како што се очекува, треба да бидат изградени осум центри, а до 15 мај сите останати.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња