Што велат руските лекари за коронавирусот?

Рамиљ Ситдиков/Sputnik
Русија на големо се подготвува за масовно ширење на зараза со коронавирусот COVID-19. Што мислат за пандемијата руските лекари? Ќе трае ли долго?

„Лага е, децата се разболуваат“ – Сергеј Бутуриј, педијатар од болницата „Рассвет“, автор на популарниот блог „Белешки на детскиот лекар“ на Инстаграм.

„COVID-19 трае подолго од обична акутна респираторна вирусна инфекција, 2-3 недели, а понекогаш се појавуваат компликации во вид на силна пневмонија, и само тогаш е потребна интервенција на лекар, стационар, вештачка вентилација на градите и сето останато од кое се плашите. Тука правилото е едноставно: доколку забележувате дека губите здив, веднаш јавете се на лекар. Не постојат ефикасни лекови или стратегија која може да го намали ризикот од проблемите со дишењето во случај на заразување со COVID-19.

Се зборува дека децата воопшто не заболуваат од вирусот COVID-19. Тоа е лага, децата се разболуваат, макар што во поблаг облик и поретко. А, ако се земе предвид навиката постарите да ги гушкаат и да ги бакнуваат децата и недисциплинираноста на децата кога станува збор за хигиената, тогаш децата можеби се дури и поопасни за постарите лица одошто возрасните. Јас сега би препорачал максимално да се ограничат контактите на децата со бабите и со дедовците, заради вториве. Со други зборови, сега најмалку треба да се грижите за децата“.

Извор

„Во вирусот нема ништо интересно и страшно“ – Андреј Беседин, лекар од општа практика на московската клиника GMS:

„Коронавирусот со години ќе чекори по планетата, ќе стане сезонски и ќе биде вброен меѓу класичните сезонски вируси, Браќата на овој вирус сочинуваат 10% од вкупниот број на инфекции на горните респираторни патишта во сезона на популацијата. Но ние [поради нив] никого не испраќаме во карантин. И COVID-19 е исто така обичен вирус на горните дишни патишта. Во него нема ништо интересно и страшно. Да, поголема е смртноста кај постарите луѓе и кај тешко болните. Но, во онаа епидемија што ја видовме во Кина нема ништо необично. Во Вухан, кој има 20 милиони жители, заразени се помалку од 100.000 луѓе. Кај 81% од сите инфицирани или практично нема симптоми, или тоа се благи симптоми на вирусна респираторна инфекција.

Лично се сомневам во перспективата за создавање вакцина против коронавирусот. Се вршат истражувања. И Кина и САД и Русија интензивно работат на тоа, но за жал, немаме ниту еден потврден резултат дека е направена вакцина против слични вируси од истиот поттип. Засега е технички неизводливо“.

Извор

„Епидемијата можат да ја победат само тоталитарните режими“ – Фјодор Катасонов, педијатар, блогер.

Локален медицински работник испраќа медицински работник од покраината Ѓангсу, железничка станица во Вухан.

Веројатно вистинска борба со епидемијата е можна само во тоталитарни режими каде човека можеби и не стрелаат зашто е заразен (како во лажните вести за Северна Кореја), но можат да стрелаат за кршење на полицискиот час. Сурово организираната Кина лесно ја преброди епидемијата: 3.000 починати од 1.3 милијарди жители – тоа е грандиозен успех. Не сум сигурен дека истото тоа може да се изведе во либералните системи каде повеќе се почитуваат човековите права.

Кога станува збор за леталниот исход, новиот коронавирус засега е поопасен од сезонскиот грип кај сите лица постари од 10 години. Но, кај пациентите помлади од 50 години овој процент е сепак помал од 1%. Веројатно овие показатели ќе бидат уште пониски кога ќе мине врвот на ширење на вирусот и кога ќе се најдат нови средства за борба против болеста. Веројатно уште повеќе ќе се доближи до показателите на сезонскиот грип.

„Треба да се затвори градот“ – Денис Проценко, главен лекар на московската болница во Комунарка, каде се испраќаат речиси сите пациенти за кои постои сомнеж дека имаат COVID-19.

„Имаме пациенти постари од 65 години, но тие не се во тешка состојба. Во Москва нема ниту еден пациент на вештачка вентилација на градите. Девет луѓе се на интензивна нега, но тие не се во критична состојба.

Не знаеме кога епидемијата ќе го достигне врвот. Ние само ја работиме својата работа и тука ништо не се менува. Сега е модерно да се критикува здравствениот систем, но ние имаме тим кој одлично работи. Лекарите ме воодушевуваат. Работат прекувремено, доаѓаат како волонтери. Медиумите треба да престанат со хистеријата. Паниката само пречи, поради неа луѓето непотребно одат во поликлиника, трошејќи ги ресурсите.

Здравите луѓе не треба да носат маски, тие не помагаат. Нашите лекари користат респиратори со степен на заштита 2FP и костими кои целосно го штитат телото, Таква маска на улица само би предизвикала хистерија. Една маска на лицето не може да го заштити човека од зараза. Самоизолацијата е она што може да го заштити. Како лекар јас сум за тоа градот да се затвори. Само прашање е колку затворањето би чинело и каде е границата на оваа крајна мерка“.

Извор

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња