Путин одговори на прашањето кој би бил рускиот Илон Маск

kremlin.ru
За постигнувањата на првиот човек на компанијата SpaceX Илон Маск знае цел свет, но не и за тоа дека во Русија постои стручњак од ист ранг.

Програмерот и претприемач Евгениј Касперски важи за личност која би можела да му излезе на овој Американец на мегдан.

Во интервјуто за новинската агенција ТАСС претседателот на Русија Владимир Путин беше запрашан кој би можел да биде рускиот Илон Маск. Тој го спореди светскиот стручњак за информатичка безбедност Евгениј Касперски со американскиот иноватор.

„Ние го имаме Касперски. Јас мислам дека тој во својата област ни најмалку не заостанува. Кога не би притискале, вештачки ја скротувале конкуренцијата, би било уште подобро. Тој е едниот од лидерите, во секој случај. Тоа е она што прво ми паѓа на ум“, рече шефот на руската држава.

Иако е запознаен со работата на првиот човек на компанијата SpaceX, на рускиот претседател, како што се покажа, не му беше познато дека на социјалните мрежи одамна кружи изразот „Како ти се допаѓа ова, Илон Маск“, поврзан со бизарни руски секојдневни иновации.

Евгениј Касперски е руски програмер и претприемач. Тој е еден од основачите и прв човек на „Лабораторијата „Касперски“. Оваа меѓународна компанија се занимава со осигурување на ИТ-безбедноста, а своите технологии ги продава во 200 земји во светот. Касперски во 2008 година беше лауреат на Државната награда во сферата на науката и технологијата.

Зборувајќи за успесите на руските пронаоѓачи, Путин ја наведе групата млади луѓе кои ја создадоа балистичката ракета „Искандер“. „Тоа е вид на нашето современо вооружување со кое се гордееме, најдоброто на светот“, рече рускиот претседател, истакнувајќи дека младите луѓе во Русија имаат можност да се реализираат професионално.

Путин, кој претходно зборуваше дека му се допаѓаат електричните автомобили, бидејќи нема издувни гасови во средините во кои живеат многу луѓе, како и дека се ефикасни, подвижни и брзи, беше запрашан дали би возел автомобил произведен во компанијата на Маск.

„Зошто да не, ние сме отворени, купуваме и продаваме. Го купуваме она што ни треба, го продаваме она што ни се исплати. Нема тука ништо особено. Што мислите, дека ќе се возиме во запрежни коли? Не, одамна не се возиме во запрежни коли. Или со тенкови? Додуша, тенковите се добри“, се пошегува Путин.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња