Се појави макета на „далекуметната“ верзија на системот „Панцир-СМ“ (ФОТО)

Идејна верзија на ПВО-системот „Панцир-СМ“

Идејна верзија на ПВО-системот „Панцир-СМ“

Marsonline (bog-rata.com)
Се работи за технолошки значително поунапредена верзија на рускиот противвоздухопловен хибриден ракетно-топовски систем со краток дострел „Панцир-С1“. Според своите севкупни тактичко-технички карактеристики, особено кога станува збор за параметрите на ефективниот дострел на ракетното вооружување, овој комплекс успеа да ги достигне ракетните системи со среден дострел „Бук“ (базичната верзија и неговите први модификации).

На веб-порталите се појави макета на перспективниот хибриден ракетно-топовски комплекс „Панцир-СМ“. Овој систем според ефективниот дострел речиси двојно ќе го надмине својот претходник 96К6 „Панцир-С1“. Според зборовите на заменикот на главниот командант на ВКС генерал-потполковник Јуриј Грехов, руската армија веќе успешно го тестирала овој комплекс. Неговото тестирање е забележано во првата половина на минатата година и е продолжено со полн капацитет. Особено е тестирана неговата ефикасност против огромен спектар беспилотни летала со најразлична намена и димензии.

„Системот покажа висока ефикасност против минијатурни воздушни цели како што се, на пример, квадкоптерите“, рече притоа Грехов.

„Панцир-СМ“ претставува капитална модернизација на рускиот противвоздухопловен хибриден ракетно-топовски систем со краток дострел „Панцир-С1“. Верзијата која ќе ја носи ознаката „СМ“ ќе користи нова ракета со зголемен дострел, како и нов радар со активна фазна решетка. Благодарение на овие унапредувања, „Панцир-СМ“ ќе може да соборува воздушни цели на далечина и до 40 км, што двојно ги надминува борбените можности на неговата основна верзија. Исто така, со интеграцијата на новиот радар¹ значително ќе биде зголемена зоната на детекција во откривањето на воздушните цели, која ќе изнесува повеќе од 75 км. Претпоставката е дека оваа верзија на системот ќе биде специјализирана за борба против различни типови беспилотни летала, вклучувајќи ги и оние кои имаат исклучителни мали димензии.

Новиот „Панцир-СМ“ е поставен на шасија на оклопното возило К-53958 „Торнадо“ (8х8). Како што наведуваат специјалистите, се работи за погабаритно возило со маса од 21000 кг, со носивост која достигнува 22000 кг. Го движи дизел-мотор од 450 коњски сили. Трансмисијата е автоматска.

Како што уште во 2016 година соопшти началникот на ПВО во рамките на Копнената војска генерал Алексеј Леонов, новиот „Панцир“ ќе биде меѓувидовски систем кој подеднакво ќе го користат копнените единици, потоа единиците на крајбрежната одбрана и ВДВ.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу неодамна изјави дека унапредениот „Панцир-СМ“ ќе биде готов до крајот на 2021 година, кога и се очекува негово постепено воведување во вооружувањето на руската армија.  

¹ Серускиот научноистражувачки институт за радарска техника (ВНИИРТ) го започна проектот за модернизација на радарскиот комплекс кој се наоѓа во состав на хибридниот ракетно-топовски систем „Панцир-С1“. Основната задача на овој проект за модернизација е зголемување на способностите за откривање и зафаќање на типични и атипични модели на беспилотни летала кои се наоѓаат во вооружувањето на современите армии.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња