Американските пилоти да се подготват за средба со руските МиГ-36, Су-60 и Јак-150

Борис Кисов
Американските аналитичари дадоа прогноза со какви сè руски воздухопловни машини од 5, 5++ и 6 генерација во 21 век може да се сретнат борбените пилоти на военото воздухопловство на САД. Руската воена индустрија има сериозна намера сите сегменти на својата авијација да ги унапреди со нови проекти кои ќе имаат футуристички дизајн, но и борбени можности.

Американскиот Интернет-портал Military Watch врз основа на студијата за современите руски технологии во областа на воздухопловството, објави прогноза за тоа какви нови воздухопловни борбени машини би можеле да се појават од следната деценија на 21 век. Оваа прогноза се засновува на претпоставката дека руските конструкторски бироа речиси во целост ги имаат исцрпено можностите на авионите кои се производ на советската ера, и дека Русија мора да смисли суштински нова генерација летала, кои во голема мера ќе се разликуваат од претходните концепти. Во согласност со ова, нивните борбени способности во голема мера ќе пораснат, пренесува српскиот Интернет-портал Marsonline, повикувајќи се на извори од рускиот портал svpressa.ru.

Military Watch објави имиња на пет авиони кои од триесеттите години на овој век можат да се појават во Русија. Притоа, новите генерации авиони нема само да ја зголемат вкупната можност на военото воздухопловство, ами и извозниот потенцијал на руската воена индустрија.

Проект на нова генерација стратешки бомбардери

На почетокот на оваа анализа се споменува ПАК ДА (перспективен воздухопловен комплекс за Стратешката авијација), кој и не е некое големо откритие за американските аналитичари. За овој стратегиски бомбардер кој ќе поседува интерконтинентален долет, веќе одамна се пишува и се зборува. Авторите на овој текст го дефинираат ПАК ДА како одговор на појавувањето на американскиот стратегиски бомбардер B-21 „Raider“ кој исто така се смета за перспективен, и кој сè уште не е доведен до етапа на изградба на основен прототип.

Во оваа група летала се вбројува и кинескиот бомбардер Xian H-20. Судејќи според надворешниот дизајн, станува збор за летала од сличен тип. Тие се конструирани според аеродинамична шема на „летачко крило“. Кај нив е максимално применета таканаречената „стелт“ технологија. Кинезите на овој план остварија значаен напредок зашто првиот лет на прототипскиот бомбардер Xian H-20 е реализиран во 2013 година. Се претпоставува дека првиот сериски модел ќе биде завршен до крајот на 2025 година.

Какви уште предности на концепцијата „летачко крило“, покрај значајното намалување на радарската видливост поради специфичната геометрија на леталото која ги распрснува радарските бранови? Пред сè овие летала можат да понесат голем товар бомби и ракети. Оваа концепција му овозможува на леталото да оствари голем долет. Но, постојат и недостатоци. А, најголем проблем покрај ограничената маневрабилност, претставува подзвучната брзина.

Врз основа на гореспоменатите својства сите три летала концептуално се разликуваат од бомбардерите од претходните генерации вклучувајќи го и рускиот Ту-160 кој е ненадминлив во својата генерација. Формата „летачко крило“ претставува аеродинамична платформа која му овозможува на леталото на големо растојание и со минимален ризик да изведе напади врз земски цели со употреба на широк спектар борбени средства. Кога станува збор за борбените средства, ПАК ДА има предност во однос на своите конкуренти зашто ќе може да употребува два вида воздушни борбени средства. Тоа се крстосувачки ракети со исклучително голем дострел Х-101/102 кои на 5 илјади километри како снајпер ја погодуваат својата цел, како и хиперсоничните ракети „Кинжал“.

Проектот на хиперсоничен ловец-пресретнувач од новата генерација ПАК ДП

Американските автори сметаат дека РСК МиГ кој своевремено даде голем придонес во создавањето исклучително брзи ловци пресретнувачи како МиГ-25 и МиГ-31, ќе го создадат ветувачкиот Перспективен воздухопловен комплекс за пресретнување на големи далечини (ПАК ДП) или МиГ-41 како што се претставува во јавноста. За овој проект се зборува од време на време, но сè уште не е познато кога ќе започне неговото сериозно финансирање.

Познато е дека овој авион ќе може да оствари хиперсонична брзина (5м+). Тој ќе поседува и елементи на вештачка интелигенција. Неговите напредни техничко-тактички карактеристики ќе го вбројат во авионите од 5++ и 6 генерација. Од вооружувањето ќе го красат воздухопловните ракети од класата воздух-воздух (300 км+). Кога станува збор за општите задачи, негова основна намена ќе биде борбата со противнички воздухоплови на големи растојанија и висини, вклучувајќи и ликвидација на непријателските сателити кои кружат по ниската Земјина орбита.

Мошне широкото поле на потенцијални задачи ќе го овозможи моќниот нападно-навигациски систем опремен со нови видови радари со голем дострел. Тој ќе има можност за следење и за истовремен напад на многу поголем број воздушни цели, одошто денес. Освен тоа, тој во својот состав ќе има цел сет различни сензори кои ќе работат на нови физички принципи. Се претпоставува дека овој авион ќе може да оперира на висина и до 50 километри.

Проект на лесен/среден повеќенаменски ловец од петтата генерација МиГ-36

Американскиот Интернет-портал во својот текст мошне смело ги наговестува конкретните имиња на проектите кои во следните децении ќе се појават во руската воена индустрија, Така во перспектива ќе се појави и воздухопловот од средна категорија МиГ-36. Неговото појавување во голема мера ќе ја унапреди оваа категорија борбени авиони во руските вооружени сили, кои сега се составени од модернизираните ловци МиГ-29, чија круна претставува МиГ-35. Последниот спаѓа во генерацијата 4++, така што се очекува дека МиГ-36 во целост ќе биде ловец од 5 генерација.

По што ќе се разликува перспективниот ловец од петтата генерација од МиГ-35? Пред сè, овој авион ќе има нова аеродинамична шема. Иако во аеродинамична смисла тешко дека може нешто да му се замери на дизајнот на ловецот МиГ-35, тој не е толку надмоќен кога станува збор за „стелтните“ карактеристики на леталото. Значи, тука се неопходни определени конструкциски промени.

Како квалитетен пример што го наведува американскиот сајт е историјата на ловецот Ф-15 кој на почетокот е замислен како борбено летало од тешка категорија, чија првобитна намена беше поврзана исклучиво за остварување доминација во воздушниот простор. Со текот на времето овој авион почна сè повеќе да добива класични бомбардерски функции. Во овој момент во тек е реализацијата на неговата најнова модификација F-15SE Silent Eagle. Ова летало во целост ќе стане повеќенаменски ловечки авион, кој истовремено ќе може да изведува ефикасни напади врз земските и воздушните цели. Неговата радарска видливост ќе биде на ниво на авионите од генерацијата 4++.

Но, американските аналитичари предвидуваат дека МиГ-36 го чека поинаква судбина од F-15SE, за кој се пред сè заинтересирани американските воздухопловни сили. Имено овој авион (F-15SE) е 1.5 пат поефикасен во поглед на долетот и на количеството на борбен товар во однос на ловците F-11 и F-35. Истовремено ова летало и чини многу – повеќе од 100 милиони американски долари за еден авион. Врз основа на ова, ловечките авиони МиГ-36, кои веројатно ќе имаат и подобри перформанси од американското летало, ќе биде поевтин и со самото тоа поконкурентен на меѓународниот пазар на врвно вооружување и борбена техника.

Проектот за повеќенаменски ловец од 6 генерација Су-60

Американските автори сметаат дека се очекува понатамошна еволуција на, во овој момент, најдобриот ловец од петтата генерација Су-57. Како резултат на тоа ќе се добие летало од шестата генерација кое ќе ја носи ознаката Су-60. Кога станува збор за понатамошен развој на оваа концепција, руските конструктори особено внимание ќе посветат на неколку важни елементи. Прво, се очекува развој на нова генерација млазни мотори кои ќе овозможат лесно достигнување на суперсонична брзина во бесфорсажен режим на работа. Исто така се очекуваат понатамошни унапредувања на летниот змеј со цел поголемо намалување на одразот, односно на видливоста на авионот во електромагнетниот и во инфранцрвениот спектар.

Како резултат на сиве овие надградби, Русите постепено ќе ја совладаат технологијата на производство на ловци од шестата генерација. Но, за да се оствари ова потребно е да се развие и уште еден витално важен сегмент на технологијата без кој не може да се замисли следната генерација врвни борбени летала. Тука пред сè се мисли на поврзувањето на управувачкиот систем со програмите за вештачка интелигенција што ќе овозможи максимална искористливост на авионот во беспилотен режим на летот. Исто така, и руските конструкторски бироа кои се занимаваат со развој на воздухопловно вооружување ќе мораат да посветат посебно внимание на развој на цела палета водечки ракети кои ќе летаат со хиперсонична брзина. Американските аналитичари сметаат дека руските конструктори ќе развијат и борбен ласер кој ќе може да се користи на ловците од шестата генерација.

Леталото ќе има карактеристики на суперманеврабилна машина. Пилотите кои ќе управуваат со неа ќе мора на себе да ја имаат следната генерација антигравитациски одела за да можат воопшто да управуваат со овие авиони во свесна состојба.

Проектот за палубен повеќенаменски ловец со вертикално слетување/полетување Јак-150

Последното „претскажување“ на сајтот Military Watch се однесува на развојот на нова генерација руски палубен ловец со стелтни карактеристики. Во овој момент сè уште не се знае како ќе се развива руската морнарица, особено кога станува збор за изградбата на универзални десантни бродови и носачи на авиони. Руските проектни бироа за изградба на бродови претставија неколку ветувачки проекти кои би можеле да доведат до развој на палубно борбено летало од висока класа.

Поточно станува збор за развој на нова генерација палубен ловец со вертикално полетување и слетување (СВВП анг. VTOL). Русите веќе имаат сериозно искуство во развојот на овој вид летала зашто уште во советско време е направен ловецот Јак-141. Овој проект не влезе во сериско производство поради колапсот на СССР. Меѓутоа американските специјалисти во периодот на „љубов“ помеѓу овие две држави дојдоа до техничката документација на овој авион, и врз негова основа го унапредија проектот на својот палубен ловец F-35B „Моља-2“.

Аналитичарите на американскиот весник во новата генерација перспективен руски СВВП го вброија Јак-150. Ова летало би имало исклучително силен радар, би носело широк асортиман перспективно воздухопловно вооружување, и би поседувало висок степен на „стелтност“. Главниот проблем за време на неговото проектирање ќе биде зголемувањето на корисната носивост на борбени средства со кој се соочува овој тип летала.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња