Во Сирија забележани руски снајперисти со пушки ДВЛ-10 М1 „Диверзант“ и DXL-3 Longstrike (Одмазда)

Во рамките на рускиот контингент во Сирија се наоѓаат и фамозните специјалци од составот на ССО (Единица за специјални операции). Оваа структура на руската армија е директно потчинета на рускиот Генералштаб. Овие сили се оспособени ефикасно да реализираат најсложени форми на борбени задачи што ги наметнува модерното боиште. Својата врвна обученост во полн капацитет ја прикажаа во Сирија. Снајперистите на ССО во последно време се видени со пушки ДВЛ-10 М1 „Диверзант“, но и со далекустрелната пушка DXL-3 „Возмездие“ (Одмазда), пренесува Mars.online.

Во рамките на овие единици дејствуваат и снајперски тимови. Тие се специјализирани за неутрализирање на цели на стандардни но и на големи далечини. За реализација на своите борбени задачи користат најсовремени пушки кои ги произведува руската воена индустрија. Некои од тие пушки можат да погодат мета со големина на човек на далечини поголеми од 2000 метри. Нивната улога особено беше нагласена при борбите во урбаните средини каде што ја покажаа својата ефикасност.

Во последно време овие тимови ги користат снајперските пушки кои ги произведува руската компанија Lobaev Arms. Голем број стручњаци сметаат дека оваа компанија произведува оружје кое е најдобро на светот. Нивна карактеристика е исклучителната прецизност, што овозможува да се остварат ефикасни погодоци на екстремни далечини. Снајперистите на ССО во последно време се видени со пушки ДВЛ-10 М1 „Диверзант“, но и со далекустрелната пушка DXL-3 „Возмездие“.

DXL-3 „Возмездие“ е високопрецизна снајперска пушка со голем дострел. Масивната пушчена цевка му обезбедува висока прецизност на оружјето. Прилагодливиот кундак на оружјето е направен од специјална легура на алуминиум кој се користи во воздухопловната индустрија. Брзината на куршумот на устата на цевката изнесува 9000 м/с. Вкупната должина на пушката е 1345 милиметри, а тежината 7,95 кг. Должината на пушчената цевка изнесува од 720-820 милиметри.

Специфичноста на оваа пушка е нејзината далекуметност. Имено, таа може да погоди цел на растојание од дури 4000 метри. Меѓутоа, како што забележува Владислав Лобаев, ваков резултат не може да постигне секој професионален снајперист.

„Тоа е работа за која е нужна систематска подготовка која трае со месеци и години“, рече тој. „Тоа е специјално конструирано оружје, специјално одбран оптички нишан со кој е можно да се пука под исклучително голем агол, и специјален вид муниција која се разликува од стандардниот/обичен куршум 338LM. Оваа муниција му обезбедува на зрното, кое инаку е потешко отколку кај обичниот куршум, поголеми вредност на почетната брзина на устата на цевката“, рече Лобаев. 

Lobaev Arms пред две години ѝ претстави на јавноста други новитети – снајперските пушки ДВЛ-10 М1 “Диверзант” и ДВЛ-10 М2 “Урбана”. Првата пушка е предвидена за експлоатација во воените единици, додека втората е специјално проектирана за употреба во специјалните полициски единици, каде што е особено ефикасна во градски услови. Групирањето на погодоците кај двете пушки одговара на највисоките светски стандарди (“Диверзант”-0,5 МОА, “Урбана”-0,38 МОА).

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња