Сириската армија изведе нов удар со тактичкиот ракетен систем „Точка-У“ (ВИДЕО)

Ракетниот удар беше изведен врз утврдени позиции на терористите кои се наоѓаат во провинцијата Идлиб. Засега нема податоци за ефектите на овој напад, освен дека целта е успешно погодена. Ракетниот систем „Точка“, благодарение на ракетата која носи боева глава од речиси 500 кг, се одликува со голема разорна моќ.

Дејството на тактичкиот ракетен комплекс „Точка“ од советско/руско потекло е регистрирано при последните ослободителни операции со цел разбивање на деблокадата на стратешката патна комуникација М-5, која ја поврзува практично целата земја. Сириската армија врз утврдените цели на терористите и нивни поголеми концентрации во последно време лансираше неколку вакви ракети кои се одликуваат со голема разорна моќ, пренесува порталот Mars.online.

Треба да се напомене дека тактичките системи „Точка“, кои под шифрираниот назив на НАТО се означуваат како SS-21 „Скарабеј“, ја имаа својата прва борбена премиера во Сирија на крајот на 2012 година. Се проценува дека за време на војната во Сирија биле истрелани неколку десетици ракети од овој тип. Таа пред сè се употребува за прецизни удари по исклучително важни цели на непријателот, како што се објекти со командна структура, по поголема концентрација непријателска жива сила, по поважни јазли во системот на непријателската одбрана, магацини со оружје, муниција и останата воена опрема итн. Ефектот од дејствувањето на овие ракети беше исклучително позитивен, и тоа како во физичка, така и во психолошка смисла. Секогаш кога ова оружје беше применувано, како резултат на неговите дејствија беше регистрирана намалена терористичка активност на даденото подрачје.

Системот „Точка“ може да уништи голем број копнени сили на оддалеченост и до 70 километри. Тежината на ракетата достигнува 2000 килограми, од кои на разорно-фрагментарната боева глава отпаѓаат околу 480 килограми.

Моментално во Сирија се применува модернизирана варијанта на овој систем која ја носи ознаката „Точка-У“. Таа се одликува со зголемен степен на прецизност како и дострел на ракетите кој изнесува 120 километри. Сириските воени инженери овој систем дополнително го зајакнаа со додавање оклоп на лансирната единица, како и на логистичката машина за следење која ги носи ракетите и врши нејзино полнење.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња