„Ние би сакале повеќе внимание да насочиме кон развојот на новото торпедно вооружување, меѓутоа, денешните потреби за овој тип на оружје се значително помали отколку за време на СССР. Согласно тоа, ние се определивме торпедата кои настанаа во советска ера, а кои во меѓувреме се покажаа извонредно, да ги унапредиме со специјални пакети на модернизација“, ги пренесува веб-порталот РГ зборовите на првиот човек на корпорацијата Борис Обносов.
Минатата година беше објавена веста дека руската воена индустрија (ГНПП Регион) работи на развој на ракета-торпедо кое според своите брзински својства може да го надмине познатиот „Шквал“, кој е исто така производ на истата компанија. Според првиот човек на оваа компанија Игор Крилов, „никој во светот досега не направил борбено средство кое под вода може да развие брзина поголема од 100 м/сек (360 км/ч). Во овој момент имаме задача да направиме уште посовршена подводна торпедо-ракета“. Инаку, ГНПП „Регион“ е едно од водечките руски претпријатија за развој на високопрецизно оружје за потребите на руската Воена морнарица и Воздушно-космичките сили. Претпријатието се наоѓа во состав на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување“.
Рускиот војно-индустриски комплекс во овој момент е концентриран на развојот на беспилотното нуклеарно торпедо со интерконтинентален дострел „Посејдон“, кое во од може да ја менува патеката на своето движење. Според западни разузнавачки извори, овие подводни апарати ќе бидат опремени со термонуклеарно оружје. Имено, просторот за корисниот товар (боевата глава) ќе има должина од 6,5 метри. Според наводите на американските разузнавачки служби, толку големиот простор волуменски е доволен за во него да може да се смети боева глава со сила од 100-150 мегатони ТНТ. Неодамна руски извори пренесоа податок дека стратешкиот нуклеарен подводен дрон-торпедо ќе носи боева глава со сила од 2 мт. Покрај нуклеарна боева глава, тој ќе може да носи и конвенционална боева глава, што е сепак малку веројатно со оглед на цената на еден ваков „колос“ која секако не е мал за операции на тактички план.
Русија може да се пофали дека го направила најмоќното конвенционално торпедо на светот кое е специјално проектирано за уништување на најголемите пловни објекти на морињата и океаните, како што се носачи на авиони или атомски ракетни крстосувачи. Се работи за самонаведуваното торпедо 65-76А „Кит“ калибар 650 мм кое во 70-тите години на минатиот век го разви концернот „Хидроприбор“. Неговата боева глава е речиси двојно помоќна од стандардните конвенционални торпеда со калибар 533 мм и се состои од речиси 600 килотони високобризантен експлозив, што гарантира уништување на најголемите површински бродови. Корисната носивост на торпедото овозможува на него да се интегрира и нуклеарна боева глава. Ефективниот дострел на ова торпедо е околу 50 километри¹. Го движи гаснотурбински мотор кој му овозможува на ова торпедо при своето крстарење под вода да достигне брзина поголема од 120 км/ч. Главниот атрибут на ова торпедо е максималната прикриеност на неговото лансирање, така што подморницата што го носи може да изврши лансирање на длабочина од 480 метри. Ова торпедо се наоѓаше во вооружувањето на офанзивните (ловечки) и стратешки атомски подморници-ракетоносци, меѓутоа по катастрофата што ја снајде нуклеарната подморница К-141 „Курск“ (класа „Антеј“) беше повлечено од употреба откако се утврди дека токму „Кит“ е главниот предизвикувач на несреќата во која загинаа сите 118 членови на екипажот.
Обносов напомна дека е во тек работа над три проекти на ракети од класата „воздух-воздух“, наведувани воздухопловни бомби со тежина од 500 и 1500 килограми и цела низа други модели на високопрецизно оружје од класата „воздух-земја“, вклучувајќи и уште неколку специјални проекти. Сите овие активности се наоѓаат во завршната фаза на својот развој.
¹Постојата податоци дека торпедото „Кит“ може при ограничена брзина на движење од околу 60 км/ч да погоди цел на далечина и до 100 километри.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче