Индија би можела да нарача дополнителен контингент од 21 повеќенаменски авион-ловец МиГ-29UPG. До крајот на годината се очекува потпишување на соодветниот договор со рускиот партнер, пренесува веб-порталот РГ.
Покрај тоа, Индија има сериозна намера да потпише нов договор за набавка на 18 ловци Су-30МКИ кои по лиценца би се склопувале во специјализираните воздухопловни капацитети на територијата на таа земја. Како што соопшти претставник на Федералната служба за воено-техничка соработка, ова барање и понатаму е предмет на разгледување и се наоѓа во почетна фаза на преговори. Новата рунда преговори ќе почне по подготовката на документацијата што треба да ја изработи индиското Министерство за одбрана.
Одредено време низ медиумите се провлекува информацијата дека Индија во близок временски период би можела да набави од Русија дополнителна количина модернизирани ловци МиГ-29 и Су-30МКИ.
Во овој момент Военото воздухопловство на Индија во своето вооружување поседува три ескадрили модернизирани повеќенаменски тактички ловци од 4 генерација МиГ-29. Во 2008 година двете земји потпишаа договор за модернизација на комплетниот авиопарк на овие летала заради продолжување на периодот на нивната употреба.
Верзијата на леталото МиГ-29UPG е специјално проектирана за ВВ на Индија. Се одликува со дополнителен простор за складирање гориво кој се наоѓа зад пилотската кабина, потоа интеграција на систем за дополнување гориво во воздух, интеграција на модифицирани мотори РД-33 од серијата 3М, инерцијален навигацислки комплекс од француско потекло Thales, радар „Жук-М2Е“, оптоелектронски систем ОЛС-УЕМ, нишански систем на пилотскиот шлем на израелскиот производител Elbit, комплетно модернизиран блок на радионавигацискиот комплекс, како и тнр. „стаклена кабина“ со повеќенаменски индикатори во боја.
Арсеналот на оружје е исто така проширен и збогатен со тактички ракети од класата „воздух-земја“ и „воздух-море“ Х-29Т/Л, Х-31А/П и Х-35. Првиот прототип на ова летало полета на 4 февруари 2011 година.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче