Руската морнарица доби 55 суперсонични противбродски ракети 3М55 „Оникс“

Слободан Ѓукиќ
Овие ракети, познати и како „убијци на бродови“, ќе се најдат во состав на крајбрежниот ракетен систем „Бастион“. Се очекува нивна понатамошна испорака и во текот на оваа година, со што руската морнарица значително ќе ги зголеми своите борбени можности.

Компанијата „НПО машиноградба“ („НПО машиностроения“ - составен дел на корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување) во 2019 година им испорача на единиците на руската воена морнарица вкупно 55 суперсонични противбродски крстосувачки ракети 3М55 „Оникс“. Ова за агенцијата ТАСС го изјави генералниот директор и генерален конструктор на компанијата Александар Леонов.

„Во рамките на државното опремување на армијата за 2019 година испорачавме три дивизионски комплети на крајбрежниот ракетен систем „Бастион“ со 55 единици противбродски крстосувачки ракети „Оникс“, напомена директорот Леонков, истакнувајќи дека „производството на ракетните системи „Бастион“ ќе продолжи и годинава“.

Основната верзија на ракетата тежи 3000 килограми и е долга осум метри. Калибарот на боевата глава е 670 мм. Ја движи таканаречен Ramjet мотор кој тежи 200 килограми. Со него ракетата може да достигне брзина од околу 3000 км/час. Извозната варијанта на ракетата со ознака „Јахонт“ може да погоди цел на 300 км, додека верзијата на ракетата која е исклучиво наменета за потребите на руската армија ја носи ознаката „Оникс“ и има дострел до 600 км.

Во првиот дел на траекторијата ракетата се наведува инерцијално со радарски висиномер, додека во завршницата на траекторијата, во зависност од големината на целта, командата над ракетата ја презема моноимпулсна радарска глава за самонаведување која може да зафати цел на далечина од 75 км. Вооружена е со пробојно-деструктивна боева глава.

Во последно време се присутни информации дека Русите работат на модификација на оваа ракета. Проектилот, кој ќе носи ознака „Оникс-М“, покрај конвенционална, ќе може да носи и нуклеарна боева глава. Нејзиниот максимален дострел е проектиран на 800км. Димензиите на ракетата и нејзините летечко-технички карактеристики останаа на ниво на базичниот проектил.

Леонов им укажа на собраните новинари дека неговата компанија продолжува да работи заедно со индиските партнери кога станува збор за развој на тактичко ракетно оружје (компанијата „Брамос“). Според него, во текот на минатата година е успешно реализирано тестирањето на крстосувачката ракета „Брамос“, поточно нејзината воздухопловна верзија. Овие ракети се планирани да се користат од платформата на авионот-ловец Су-30МКИ на индиската армија.

Универзалната крстосувачка ракета „Брамос” е проектирана врз основа на руската противбродска крстосувачка ракета „Јахонт”. Ракетата го доби името по две реки, една индиска и една руска: Брамапутра и Москва. „Брамос“ развива брзина од 2,8 до 3 маха, што е 3,5 пати повеќе од брзината на американската крстосувачка ракета „Харпун”.  Може да достигне висина до 15 километри, додека најниската висина за летање е 10 метри. Кон целта се наведува со комбинација на инерцијално и активно радарско самонаведување во завршницата на својата траекторија, каде прави максимално отстапување од метата во вредност од 1 метар.

Ракетата носи пробојно-разрушувачка боева глава тешка од 200 до 450 килограми (според некои податоци може да носи и атомска), а нејзиниот максимален дострел во зависност од типот на ракетата е во опсег од 300-600 км.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња