Нивното постоење им овозможува на САД да станат многу арогантни кога станува збор за меѓународната политика. Гледајќи ја целата таа сила, обичните луѓе честопати се прашуваат „ако избие војна со таква сила, дали може некој да ѝ се спротивстави “? Во врска со ова прашање, руски воен експерт неодамна изјави дека само Русија може соодветно да се спротивстави на поморските капацитети на САД, пренесува веб-порталот inosmi.ru.
Овој став предизвика бурна дискусија. Руската флота нема ни приближно сличен број на носачи на авиони како САД, а неодамна и единствениот оперативен носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ беше оштетен во пожар. Имено, во текот на неговиот ремонт, избувна пожар на палубата кој зафати околу 600 квадратни метри од бродот. Бидејќи е во фаза на ремонт и модернизација, во овој момент тој е надвор од строј на руската Воена морнарица и поморските сили не можат да сметаат на него во догледно време. Покрај тоа, голем број воени бродови кои се наоѓаат во оперативниот состав се застарени, што само по себе претставува голем проблем. И кога ќе се земат предвид сите овие набројани факти, тогаш како може некој да каже дека Русија има потенцијал да може да им парира на САД во морињата и океаните.
Меѓутоа, бројот и квалитетот на површинските пловила не влијае на реалната моќ на руската морнарица. Русија е совршено свесна дека нема доволно пари да ги издржува сите овие „пловечки тврдини“, па затоа се фокусираше на развој и изградба на нејзината подводна компонента. Во моментов Русија располага со колосални подморнички капацитети кои се состојат од: стратешки и јуришни/офанзивни подморници на нуклеарен погон, дизел-електрични јуришни подморници и неколку подморници кои се наоѓаат во фаза на тестирање. Според статистичките податоци, Русија моментно активно гради 60 подморници, од кои 35 се нуклеарни.
Најпозната е стратешката нуклеарна подморница од класата „Бореј“. Овој „ракетоносец“ претставува нуклеарна подморница од четвртата генерација, развиена од Централното конструкторско биро за поморска техника „Рубин“. Инженерите вложија многу напор за подобрување на технологијата на прикриено движење: трупот на подморницата е обложен со звучна изолација со дебелина од 150 мм, која многу ефикасно ги придушува шумовите што се создаваат при движењето на овој огромен подводен брод, неговиот поедноставен дизајн и мазната површина создаваат идеални услови за движење под вода, а дополнително се изолирани и местата кои генерираат бучава, како што е на пример секторот каде што е сместен моторот со главниот пропелер. За оваа класа подморници се вели дека имаат помал шум во споредба со американските подморници од класата „Охајо“, што значително ја зголемува загриженоста на Пентагон. Имено, нивните сонарни уреди тешко можат да ги детектираат руските подморници, што ги доведува американските посади и нивните пловила во потенцијално голема опасност.
Станува збор за подморница од четвртата генерација која е вооружена со 3-степени интерконтинентални балистички ракети „Булава“. Секоја подморница од оваа класа може во својот борбен магацин да носи 16 вакви ракети кои можат да постигнат максимален дострел од 8.500 километри за помалку од 15 минути. Она што е навистина застрашувачко, е деструктивната моќ на подморничкиот ударен арсенал кој може да претвори во прав и пепел цел еден континент. Имено, секоја од овие ракети носи 10 независно насочени боеви глави со сила и до 150 кт. Значи во хипотетички нуклеарен судир, само една атомска подморница „Бореј-А“ плотунски може да покрие 160 различни мети кои поединечно би биле погодени со нуклеарна боева глава која е 8 до 10 пати посилна од оние што беа фрлени на јапонските градови Хирошима и Нагасаки. Тогаш обата града беа срамнети со земја, загинаа околу 250.000 луѓе, а Јапонија потпиша Акт за капитулација.
Друга руска подморница која може ефикасно да се спротивстави на американската Воена морнарица ја носи ознаката 949А „Антеј“ (НАТО-кодификација Oscar-II). Тоа е, како и погоре опишаната стратешка нуклеарна подморница „Бореј“, проект на инженерите кои работат во Централното конструкторско биро за поморска техника „Рубин“. Во моментов во Вооружените сили на Руската Федерација се наоѓаат осум вакви пловила, додека една подморница е во фаза на изградба. Станува збор за јуришна подморница опремена со голем број крстосувачки ракети и торпеда (вклучувајќи и торпеда-ракети).
Се работи за една од најголемите јуришни подморници на светот. Подморницата е долга 154 метри, максималната ширина е 18,2 метри, а вкупниот депласман достигнува 14700 тони/23860 тони под вода. Без оглед на големиот депласман, подморницата во услови под вода може да постигне брзина од 32 јазли, нејзината оперативна длабочина достигнува 420 метри (модернизираната верзија до 500 метри), додека нејзиниот нуклеарен реактор кој го движи моторот овозможува пловидба во должина од 300 илјади наутички милји. Таа може да извршува задачи кои се однесуваат на борбено патролирање во крајбрежна морска зона, додека нејзината основна мисија е самостојно извршување задачи на отворено море/океан. Во однос на своите пандани, оваа подморница се карактеризира со извонредна подвижност и прикриено движење тешко за детектирање. Главното вооружување на подморниците од овој тип се суперсоничните противбродски ракети П-700 „Гранит“. Според руски извори, модернизираната подморница од оваа класа, која ја носи ознаката К-186 „Омск“, наместо 24 ракети П-700 „Гранит“ ќе носи помодерни противбродски суперсонични ракети П-800 „Оникс“ и тоа во количина од 72 парчиња. Не е исклучено овој ракетоносец да биде вооружен и со подморничката верзија на суперсоничната крстосувачка ракета „Калибар“ со дострел од 2500 км.
Покрај овие подморници, кои веќе се во оперативна употреба на руската Воена морнарица, во оваа земја се развиваат и нови модели на „подводни ѕверови“, кои ќе имаат напредни тактичко-технички карактеристики. Значи, иако САД имаат на располагање група од 11 носачи на авиони, тоа не им дава апсолутна предност. Невидливиот и тешко вооружен непријател, кој се крие во длабочините на океанот, е најголемиот кошмар со кој можат да се соочат носачите на авиони.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче