Ми-38Т
YoutubeСпецијализираната руска компанија за извоз на оружје „Рособоронекспорт“ го потпиша својот прв договор со странски клиент кога станува збор за испорака на новите транспортно-десантни хеликоптери Ми-38Т. Ова го соопшти информативната служба на компанијата, пренесува веб-порталот на новинската агенција ТАСС.
„АО Рособоронекспорт (составен дел на државната корпорација „Ростех“) го потпиша својот прв договор за извоз со странски партнер кога станува збор за продажба на повеќенаменски хеликоптери од средна категорија Ми-38Т. Хеликоптерот е произведен од Казањската фабрика за хеликоптери, која е дел од концернот „Хеликоптери на Русија“ и државната корпорација „Ростех“, се наведува во соопштението на компанијата.
Според зборовите на првиот човек на компанијата „Рособоронекспорт“ Александар Михеев, во тек се преговори за испорака на овие хеликоптери и во уште неколку други земји низ ширум светот.
„ Ми-38Т е целосно направен од домашни високотехнолошки компоненти. Неговиот прв лет беше реализиран кон крајот на 2018 година, а денес веќе ги имаме првите нарачани примероци од ова летало. Покрај тоа, се обработуваат уште неколку понуди кои се заинтересирани за ова летало“, рече Михеев.
Како што забележуваат од информативната служба на компанијата, државите кои се наоѓаат на африканскиот континент, Блискиот исток и Јужна Америка имаат големи проблеми при транспортот на товари (луѓе/стоки) до нивната крајна дестинација. Токму овој тип повеќенаменски хеликоптери ќе го избегне прекумерното форсирање на луѓе и други превозни средства носители заради реализација на овие задачи.
Ми-38 спаѓа во категоријата средни повеќенаменски хеликоптери кои се користат за превоз на жива сила и товар на оддалеченост и до 1000 км. Превезува до 40 патници или 5000 кг товар во кабината, или до 6000 кг на надворешните носачи. Може да се користи и за евакуација на ранети, кога има капацитет од 12 лежечки места со носилки или 30 седечки места + медицински персонал (2). Официјално се признаени пет светски рекорди кои Ми-38 (ОП-2, вториот пробен примерок) ги постави во 2012 година. Кон крајот на август 2012 година, на светскиот шампионат во хеликоптерски спорт, екипата на Московскиот хеликоптерски завод „Мил“ собори три светски рекорди во исто време со хеликоптер Ми-38 ОП-2 во класата Е-1х (категорија FAI) за хеликоптери со полетна маса од 10000 до 20000 килограми. Руските пилоти се искачија на 8620 метри без товар, потоа на три километри за шест минути, а потоа и на шест километри за 10 минути и 52 секунди. Набргу потоа, во септември истата година, пилотите соборија уште два рекорда: рекорд во висина (7895 м) со товар од 1000 килограми и рекорд во висина на лет (7020 м) со товар од 2000 килограми.
Се прогнозира дека ќе ги замени Ми-8 и Ми-17 во Руското воено воздухопловство.
Интересно е да се истакне дека руските конструктори планираа на овој хеликоптер да му стават мотори PW127TS кои ги произведуваше американската компанија „Прат и Витни“ (Pratt & Whitney), меѓутоа по конфликтот во Грузија, на овој производител од страна на американската влада му беше забранета испорака на овие мотори во Русија, со образложение дека тие можат да бидат употребени во воени цели.
По едностраниот раскин на оваа зделка руската компанија „Климов“ ја презеде врз себе задачата да развие за овие хеликоптери нов мотор кој ја доби ознаката ТВ7−117В. Почетните задачи при конструкцијата на овој мотор беа значително зголемување на неговата излезна сила (овој мотор е способен да развие сила и до 3,750 КС) како и подобрување на неговите вкупни експлоатациски карактеристики. На мотор е имплементиран нов компјутерски систем за управување и контрола од типот FADEC. Извршени се и бројни модификации во изработката на елисата која е направена од специјални материјали кои се состојат од стаклопластика со што ресурсот е практично неограничен, а и самото тело на леталото е дополнително „затегнато“ со комбинација на трослојни панели од дуралуминиум и композитни материјали кои се поврзани со нитни.
Што се однесува до транспортно-десантната варијанта Ми-38Т, таа е направена на база на основната верзија на хеликоптерот Ми-38, која е наменета за цивилна употреба. Хеликоптерот може да биде пренаменет и во санитарна верзија (транспорт на ранети), а со додавање дополнителни резервоари за гориво, можно е да се зголеми неговиот оперативен опсег до 1300+ км. Ми-38Т е способен да развие брзина од 300 км/час. На база на транспортно-десантниот хеликоптер Ми-38Т се планирано производство на неколку специјализирани верзии кои ќе бидат наменети за употреба во екстремни средини. Една од првите такви верзии ќе биде наменета за работа во арктички услови.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче