Стрелец на компанијата „Ростех“ ги испроба можностите на новиот пиштол „Аспид“ (ВИДЕО)

Youtube
Централниот научноистражувачки институт за машинство (ЦНИИточмаш), кој се наоѓа во рамките на државната корпорација „Ростех“, објави видеоматеријал на кој се гледа примена на новиот спортски пиштол „Аспид“.

Пиштолот е развиен врз основа на воениот пиштол „Удав“. Неговиот корисен ресурс е минимум 25 илјади испукани куршуми. Експлоатацијата на пиштолот ќе биде можна во сложени климатски услови во температурен опсег од -30 до +50 степени Целзиусови.

Пиштолот е конструиран за стрелци кои се натпреваруваат во практично стрелаштво. Ќе се карактеризира со зголемен гарантен ресурс и подобрена ергономија, наведуваат од информативната служба на државната корпорација „Ростех“, во која спаѓа и институтот ЦННИИточмаш, кој го разви овој пиштол, пренесува веб-порталот РГ.

Покрај тоа, карактеристичната конструкција на ракофатот на новиот пиштол ќе овозможи негово прилагодување на антропометриската големина на раката на стрелецот кој ракува со ова оружје. Не е тајна дека ако пиштолот лежи подобро во рака, резултатите на натпреварувањето се подобри.

Извесно е дека капацитетот на рамката за спортскиот тип на пиштолот во варијантите „сериска“ и „сериска со оптички нишан“ ќе биде 18 куршуми, додека во класата „стандард“ ќе има 22 куршуми.

Исто така, може да се прочита дека новиот спортски пиштол „Аспид“ ќе се произведува во три варијанти за три дисциплини во практично стрелаштво - сериска, сериска со оптички нишан и стандардна. Финалната конструкција на секоја од овие варијанти ќе биде дефинитивно усвоена врз основа на понатамошните резултати во развојот на овој проект кои ќе се добијат со голем број тестирања, кои пак мораат да ги задоволат и стандардите на Руската Федерација за практично стрелаштво.

Според Сергеј Амбрамов, директор за индустрија во државната корпорација „Ростех“, во сегментот на спортското и цивилното вооружување се создадени услови за активно учество на странските пазари, со други зборови, за извоз. Абрамов исто така рече дека во Русија во моментов со практично стрелаштво се занимаваат околу 10 илјади луѓе, што е двојно повеќе од претходните години (има тенденција на понатамошен раст). Тој, исто така, истакна дека апсолутно не се сомнева дека новиот пиштол (особено ако се земе предвид високиот квалитет на неговата изработка и единствената цена) ќе биде многу баран на рускиот пазар. А ако помине на многу изискувачкиот руски пазар, тогаш „Аспид“ сигурно поминува и на странскиот.

Потсетуваме, во практичното стрелаштво се дозволува употреба на службени пиштоли кои се наоѓаат во стандардното вооружување. Конкретно, руските натпреварувачи интензивно го користат службениот пиштол „Макаров“. Меѓутоа, употребата на службени пиштоли во практично стрелаштво не секогаш дава супериорни врвни резултати. Затоа, по правило, во сите држави службеното оружје има и свои спортски верзии.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња