Во Русија се очекува тестирање на уште еден комплекс за активна заштита на оклопна техника ТКБ-0252, чиј проект се води под шифрата „Дрозд-2“. Читателите беа во можност да се запознаат со овие информации на веб-порталот за државни набавки, пренесува веб-порталот arms-expo.ru.
Она што е многу интересно кај овој систем на активна заштита е дека „Дрозд-2“, покрај тешката борбена техника како што се тенковите, ќе може да се монтира и на лесни оклопни борбени возила, вклучувајќи ги и оклопните автомобили („Тигар“ или „Атлет“). Основната задача на овој систем е обезбедување заштита во круг од 360 степени околу оклопното возило-платформа. „ Дрозд-2“ успешно ќе пресретнува разни типови кумулативни и наведувани противтенковски ракети.
Комплексот за активна заштита „Дрозд-2“ за време на тестирањето ќе биде монтиран на верзија на основниот борбен тенк Т-72БК. Воените експерти забележаа дека кај овој тенк се напомнува дека ќе биде опремен со специјална опрема и заштитни проектили кои ја носат ознаката ЗОФ77. Судејќи според податоците кои можат да се најдат на интернет, истите проектили се наоѓаат и во состав на комплексот за активна заштита „Афганит“. Вториов е наменет за заштита на основниот борбен тенк од новата генерација Т-14, кој се наоѓа на унифицираната гасенична платформа „Армата“.
Проблемот околу пресретнувањето на хиперсонични објекти (кинетички проектили) кои летаат со брзини поголеми од 1800 м/с би требало да биде решен токму со развојот на нова генерација на системи за активна заштита како што е „Афганит“.
Врз основа на првите информации, „Дрозд-2“ ја поминал фазата на контролни тестирања на експерименталниот прототип. Згора на тоа, тој ги демонстрираше своите способности и во демонстрациони услови. Заклучокот на руските експерти е дека наскоро ќе можеме да го видиме овој систем и во реален режим на работа. Со текот на времето сигурно ќе добиеме повеќе технички параметри за опис на овој систем, кои засега се наоѓаат во режим на тајна.
Кон крајот на минатата година се појавија информации дека руските конструктори работат на уште еден систем за активна заштита на тенк. Се работи за комплексот „Арена-М“, кој би можел да најде примена кај основните борбени тенкови Т-73Б3М и Т-90М „Пробој“.
Овој комплекс претставува модернизација на изворната верзија на системот „Арена“, која е наменета за интеграција на тенковите од семејството Т-80. Се смета дека ефикасноста на системот „Арена-М“ во однос на основната верзија е значително зголемена, така што практично е невозможно да се пробие со антитенковски средства, како што е тоа, на пр. TOW. Покрај тоа, сериозни извори од руската војска велат дека се работи за целосно нов систем на активна заштита, кој со претходниот нема некоја голема врска, освен што работи на сличен принцип.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче