Повеќенаменски ловечки авион од петтата генерација Су-57 се урна за време на тестирањето на летно-техничките способности во Хабаровскиот регион. Пилотот се катапултираше и успеа да се спаси, пренесува Интернет-порталот РГ, повикувајќи се на извори од претставник на администрацијата од Комсомољск на Амур.
Леталото реализирало блок тестирања 120 километри од аеродромот „Џомги“ кога дошло до ненадејна хаварија. Пилотот успеал да се катапултира, а него го евакуирале со воено-транспортен хеликоптер Ми-8. Првите податоци велат дека во план било тестирање на моторот. Исто така, жителите од овој регион слушнале задушувачка бучава во текот на тестирањето на леталото, непосредно пред неговиот пад.
Во овој момент во тек е потрагата по црната кутија која ќе го расветли случајот. Главните верзии за оваа авионска несреќа се: техничка неисправност на леталото или грешка на пилотот.
Источниот воен округ кој е одговорен за просторот на рускиот Далечен исток издаде соопштение во кое е прецизирано дека споменатото летало не се наоѓало во вооружувањето на ловечко-пресретнувачката ескадрила на руската армија.
Су-57 е руски повеќенаменски борбен авион од петтата генерација, развиен од воздухопловните инженери на ОКБ „Сухој“. Наменет е за извршување огромен спектар задачи кои можат да се постават пред една воздухопловна борбена платформа, како што е остварување апсолутна воздушна надмоќ над територијата на која се изведуваат активни борбени дејствија, уништување најразлични копнени цели и површински бродови засилени со современи противвоздушни борбени средства, операции за извидување и надзор на воздушниот простор на големи растојанија, уништување на командната инфраструктура на непријателот итн.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче