Русија: Новата генерација снајперски пушки ги „надрасна“ полигоните за тестирање на оружје?

Уљана Соловјова/Sputnik
Според началникот на секторот за тестирање и испитување на стрелечко и топовско вооружување во рамките на Државниот демонстрационо-испитувачки центар (ГДИЦ), главниот полигон на компанијата ЦНИИТочмаш ќе биде продолжен за скоро три пати. Од информативната служба на компанијата напомнаа дека должината на стрелиштето ќе биде зголемена од 1200 на дури 3500 метри.

Компанијата ЦНИИТочмаш (интегрален дел на „Ростех“) работи на реконструкција на својот полигон за гаѓање, кој ќе се продолжи од досегашните 1200 метри на дури 3500 метри, заради тестирање на следната генерација снајперски пушки со долг дострел и автоматски топови со калибар до 45 мм. Ова за веб-порталот ТАСС го изјави Илја Давидов, началник на секторот за тестирање и испитување на стрелечко и топовско вооружување во рамките на Државниот демонстрационо-испитувачки центар (ГДИЦ).

Според Давидов, реконструкцијата на тест-полигонот за гаѓање подразбира негово продолжување за речиси три пати. Од информативната служба на компанијата ЦНИИТочмаш напомнаа дека должината на стрелиштето ќе биде зголемена од 1200 на дури 3500 метри. Полигонот ќе биде опремен со нови мети и мерни инструменти, во негови рамки ќе бидат изградени специјални објекти, а исто така и сплет од пристапни сообраќајници за автомобили.

„Реконструкцијата на полигонот за гаѓање ќе овозможи реализација на обемни тестирања и експериментални испитувања на различни примероци на оружје, воена и специјална техника, како и првични развојни модели при развојот на перспективна муниција и оружени системи“, пренесува информативната служба на компанијата ЦНИИТочмаш.

Како квалитативен пример се наведува тестирањето на новата снајперска пушка ORSIS Т-5000, кај која е зголемен ефективниот дострел од 1500 на 2000 метри. Врз основа на основната верзија на оваа пушка, компанијата ЦНИИТочмаш ја разви снајперската пушка „Точност“ за припадниците на ФСО и ФСБ. Оваа компанија во февруари годинава објави информација дека работи и на нова полуавтоматска пушка за потребите на Министерството за одбрана на РФ под ознаката „Уголек“.

Во моментов полигонот за гаѓање на институтот се користи за детална оцена на техничките, борбените и експлоатационите карактеристики на различно оружје со калибар до 45 мм, како и на противтенковско оружје што се употребува во блиска борба.

Од информативната служба на компанијата ЦНИИТочмаш додадоа дека по реконструкцијата на полигонот ќе биде можно на него да се реализираат меѓународни турнири кога станува збор за натпревари во далекуметно гаѓање од стрелечко оружје.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња