Ги надмина сите очекувања: Турците презадоволни од првото тестирање на системот С-400

Григориј Сисоев/Sputnik
Неодамна во поширокиот реон на главниот град Анкара беше извршено тестирање на радарските компонентите на ПВО/ПРО-системот со долг дострел С-400 „Триумф“. Во оваа проверка учествуваа авиони-ловци на турското воено воздухопловство Ф-16 и Ф-5. Резултатите од ова тестирање оставија извонреден впечаток врз припадниците на турската војска. Турците сакаат да набават дополнителна количина од овие моќни системи за противвоздухопловна одбрана.

Два авиони-ловци F-16, еден F-4 и борбен хеликоптер речиси осум часа беа во воздух при тестирањето на радарско-набљудувачките компоненти на системот С-400. Ним притоа им асистираше и летечки танкер, кој во воздух реализираше операција на дополнување гориво на овие апарати. За тоа време беше извршен комплетен спектар воздушни налети кон позициите каде што се наоѓаше комплексот С-400, пренесува порталот Mars.online. Воздушните цели летаа на различни висини и од речиси сите правци, масовно користејќи маневри за избегнување на непријателските радари. Интензитетот на тестирањето во одделни фази ги надмина и оние што се спроведуваат во Русија. За сето тоа време ангажираната техника функционираше беспрекорно, а нејзините резултати во однос на откривањето и зафаќањето на целите ги надминаа сите очекувања, велат добро информирани извори.

Еден од најважните сегменти на ракетен дивизион С-400 се средствата за борбена команда. Вклучува командна станица 55K6E и аквизициски радар за набљудување 91Н6E со ефикасен опсег до 600 км. Во рамките на овој сегмент постои и проширување кое се состои од дополнителна радарско-набљудувачка станица 98ZH6E и 96Л6Е (овој претставува радар за универзални задачи) кои се специјализирани за откривање на цели со намалена радарска рефлексија на големи растојанија и висини (над 100 км), вклучително и специјална подвижна кула 40В6М за откривање на цели на мали и ултрамали висини.

Благодарение на одличната електронска избалансираност на целиот систем кој обезбедува висок степен на автоматизација, еден ракетен дивизион истовремено може да нападне десетици непријателски цели од различен тип на различни далечини и висини. С-400 „Триумф“ е во состојба со речиси 100% веројатност да уништи со две ракети цел што лета со хиперсонична брзина (4800 м/сек).

Накратко, денешната воена индустрија сè уште нема измислено соодветно оружје (освен интерконтинентални балистички ракети и цели во вселената/сателити) кое може да го совлада овој систем. Следната генерација на ПВО/ПРО-системот С-500 „Прометеј“ треба да даде јасен одговор и на овие прашања.

Според рускиот интернет-портал „Интерфакс“, Турција е заинтересирана да набави дополнителна количина ракетни системи С-400 „Триумф“. Ова го изјави директорот на Федералната служба за меѓународна воено-техничка соработка Дмитриј Шугаев. Новиот договор за продажба меѓу двете земји треба да биде потпишан следната година. Паралелно со тоа се водат и преговори за набавка на најсовремени руски борбени авиони за турските воздухопловни сили.

Рускиот противвоздушен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел е околу 400 км (ракета 40Н6Е), додека во височина дејствува и до 35 км.

Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто има 2-3 батерии на овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Значи, еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 непријателски воздушни цели во оперативен борбен радиус до 400 км.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња